Никола Димитров претседател и коосновач на Солуција
„Време е за востание на визија, волја и ум!”
Горан Стефановски
Драги граѓанки и граѓани!
Почнуваме една нова приказна во која влегуваме со ентузијазам и решителност, секој поединечно и сите заедно, убедени дека нашата колективна судбина како граѓанство и држава, нашата Македонија, е пред се’ во рацете на граѓаните. Се здруживме и го основавме здружението на граѓани “Балкански центар за конструктивни политики – Солуција” со амбиција да работиме на спојување на експертизата на граѓанскиот сектор со силата на граѓаните.
Нашата прва иницијатива, поддржана од European Endowment for Democracy e мобилизација на сите здрави ткива, на сите острови на интегритет низ нашето општество и институции, на сите докажани и кредибилни невладини организации, поединци и граѓани, борци кои немаат дилема – дека нашата Македонија просто ни пропаѓа, како да ни се лизга низ прсти.
Речиси на самото европско дно сме со квалитетот во образованието, здравството што лечи почна и да не’ убива, законот не важи еднакво секаде и за сите, неказнивоста царува, криминалите застаруваат. Од стратегијата за борба со корупција сме исполниле едвај една десетина. 52 % од директорите се в.д. – избрани без конкурс. Јасно е дека во 2017 ја сменивме власта, ама не и системот.
Клучната причина за ова е партизацијата. Кога критериумот е послушност кон партијата, а не натпревар на знаење и способност имаме и некадарност и неодговорност. Јавниот интерес, Републиката е под нозе на партиските и приватните интереси. Директорите на школите и болниците, на државните компании, учителките и докторите, обвинителите и судиите, инспекторите често зависат и им должат на партиите.
Ова е наша битка
Ова ќе биде еден од ретките моменти кога јас зборувам за дијагнозата и за што не чини. На сите ви е совршено јасно за што зборувам. Од утре натаму фокус нема да ни бидат партиите што јас ги викам дуќани. Таму нема надеж, сите ги видовме, јас богами и одблиску – тие се апсолвирани.
Место да се занимаваме со нив, нивните меѓусебни тепачки, а и нивните напади кон нас, што веќе ги има, ние треба да си се фокусираме на решенија, на битка за поставување на јасна линија меѓу партиското и државното. Ова е наша битка, нема партиите без огромен притисок од граѓанството одеднаш да речат: ааа претеравме, ајде од денеска инаку. Ниту пак нашите меѓународни пријатели ќе дојдат и ќе ни’ ја средат државата. Точно е дека тие можат да ни помогнат, но НИЕ мораме да се избориме. Ова е наша битка и наша одговорност. Секој во своето, сите во општото.
Не се бориме за дел од колачот – се бориме тој да се намали
Се крена многу врева околу мотивите и целта создавање на „Солуција“ и на граѓанската иницијатива во најава. Таа врева, да сме си искрени – е комплимент за нас, но истовремено и огромна одговорност.
Сакам да бидам директен, малку и личен во оваа прилика. Многумина велат преку „Солуција’ ќе сум се враќал во политиката. Јас сум тука цело време. Активен сум во политичкиот и општествениот живот, и дома и надвор, и со функција и без. Политиката не се само партиите. Сметам дека е моја должност да учествувам во создавањето на нова граѓанска платформа против партократијата и клиентелизмот.
Затоа, ние како одговорни граѓани не се бориме за функции. Ние се бориме за промени, системски и коренити промени на начинот на кој се сфаќа политиката и политичкиот ангажман, ќе се бориме за мали и … за големи победи на кадарните, а целта ни е да им направиме ѓаволски тешко да продолжат со парчосувањето на заедничкото наше.
Државата мора да им служи на тие кои почитуваат закон и плаќаат данок, не на другите!
Велат ние сме биле малцинство. Тие што вистински сакаме ред, закон и правда. Што замислуваме независен суд што дели правда насекаде и за секого, школи и болници раководени од кадарни луѓе. Еднакви шанси за младите за кариера и за среќа… Епа ајде да видиме колку сме!
Велат не не‘ бивало. Од нас не бидувало држава. Ама овој народ, овој ист народ кога ќе се пресели и работи во систем што вреднува способност, знаење и искуство – го бива!
Епа не ќе да е дека е до народот! Колкумина сме што знаеме дека не’ бива и дека ни го бива народот, ама системот не!?
Колкумина се слободоумните и храбрите, професионалците, тие што почитуваат закон и плаќаат данок. Тие се надежта! Државата мора да им служи пред се’ ним, а не да им го бере гајлето на прекршителите и неплаќачите.
Ајде да ја притиснеме! Ајде заедно да ги туркаме партиите таму каде што им е местото. Да вршиме притисок, да предлагаме решенија и да се бориме. Ајде заедно да си ја средиме државата. Тоа ќе биде нашата битка!