Дали сте вие нормални?

Дали е можно, некој таму при здрав разум, навистина да одлучил дека она што е најдобро, најздраво и најпотребно за општеството и за јавниот интерес во овој момент е да се глуми мртов? Дотолку повеќе, тоа да го одлучиле – сите!? Што им е бре на овие луѓе? Госпоѓи и господа пратеници – вие имате обврска да сте на вашите работни места! Кога е тешко, госпоѓи и господа! Кога гори под нозе и во срцето! Кога се тресе земјата и кога се кине душата! За тоа сте платени! Да сте таму!

„Не можеш на глуварчето да му кажеш – ајде биди ружа“ – српска поговорка

Со неверување ја прочитав веста дека Собранието нема да работи две недели за партиите да не се испокарале околу катастрофата во Кочани.

„Аргументите за Собранието да не работи и неделава биле оти седницата за пратенички прашања можела само дополнително да ја зоврие атмосферата и тоа било најмалку потребно“ пишуваа медиумите. Сите координатори и сите можни политички партии се договориле дека подобро е да не работат, отколку цитирам – да кревале тензии и да го уривале и онака нискиот рејтинг на собранието.

Па дали е ова можно?

Ова значи дека нашите 120 народни избраници, 120 носители на највисоката власт во една демократија, решиле во еден од најтешките периоди за македонската држава – да седат дома! Пратениците, оние во кои се преточува граѓанската волја, ставаат клуч на храмот на демократијата – внимавајте – за да не се испокарале!

Јас, како некој кој навистина многу внимава во тонот на своите писанија, кој многу полага во културата на говор и етиката на јавната комуникација, тука не можам, а да не го поставам прашањето – па, дали сте вие нормални?

Притоа, ова прашање не го поставувам во никаква филозофска димензија, туку во неговата најбуквална смисла, оти после ваква одлука, човек не може да нема дилема за деловната способност на оние кои сме ги избрале да нè претставуваат.

Дали е можно, некој таму при здрав разум, навистина да одлучил дека она што е најдобро, најздраво и најпотребно за општеството и за јавниот интерес во овој момент е да се глуми мртов? Дотолку повеќе, тоа да го одлучиле – сите!? Што им е бре на овие луѓе?

Госпоѓи и господа пратеници – вие имате обврска да сте на вашите работни места! Кога е тешко, госпоѓи и господа! Кога гори под нозе и во срцето! Кога се тресе земјата и кога се кине душата! За тоа сте платени! Да сте таму!

Обврска имате да се расправате меѓу другото! Каков е овој став – ќе сте се скриеле за да не се испокарате!? Па ако вие немате капацитет да водите една цивилизирана дискусија во ваков момент вие тогаш сте апсолутно неспособни не само да сте пратеници, туку и воопшто да се занимавате со каква било јавна работа. Ова е срамна одлука и ова е преседан за кој нема оправдување.

Политичките партии може да имаат милион и еден интерес за да нема дебата, и оние кои не сакаат многу прашања во овие моменти и оние кои се со изгубен кредибилитет за нив да ги поставуваат. Но, самите пратеници!?

Чии гласови сте вие таму? Во чие име зборувате? Не ви е ли срам?

Не сме наивни и не може да очекуваме дека преку ноќ, партиските послушници, оние кои читаат напишани говори, реплики и контра – реплики, оние кои не умеат да стиснат копче без нивното да биде стиснато од штабот, оние кои никогаш не се спротивставиле на партиските директиви, дека истите тие сега ќе покажат врвен интегритет и самостојност. Но, тука станува збор за една толку голема катастрофа, за една невидена трагедија и еден епски системски пораз! Навистина е несфатливо, прво човечки, како може толку да се биде одлепен од реалноста, толку да им е пресечена таа врска со граѓаните, толку да не се чувствуваат нивните потреби и да се нема никаков сенс за комплексноста на моментот и за одговорноста што се има, особено од тие фотелји.

Собранието има обврска да биде столбот, особено во вакви ситуации. Тие да се достојни за своите позиции, сега би излегле со предлози, стратегии, насоки за извршната власт. И будно би ги контролирале. Би отвориле врати за јавноста, би биле подготвени да зборуваат не само меѓу себе, туку и со граѓаните, не со скратено, не со непостоечко, туку со продолжено работно време. И надвор од тоа. Би организирале состаноци и координации и со невладиниот сектор, со медиумите. Би собирале ум од експертите, академијата…

Едноставно – би биле тоа што не се и што очигледно не можат да бидат!

Оти, ова се нашите глуварчиња!

Да, драги граѓани. Тажно е, поразително е, но тоа е факт. Овие пратеници, во ваков еден изборен систем, со вакви политички партии – никогаш нема да бидат вистинските наши претставници. И тоа се докажало многупати досега, и тоа се докажува еве и сега, кога е најтешко. Меѓу граѓанинот и лидерот, меѓу јавниот и партискиот интерес, да немате трошка дилема како тие ќе гласаат! Сите до еден.

Консензуално!

Затоа, време е овој факт да биде целосно апсолвиран, заедно со еден друг, позначаен – дека сите овие дискусии, барања, ветувања, протести  – да се сменел демек системот се смешни додека немаме реформи во самите партии. Додека самите политички партии не созреат и не сфатат дека без да се отворат за вистинска политичка конкуренција внатре, на пример преку отворени листи во Изборниот законик за да дозволат Собранието да се наполни со индивидуалци кои ќе умеат да се спротивстават на каква било одлука спротивна на јавниот интерес, во секој момент, а особено во овие ваквите, системот пријатели ќе си остане ист. Да, ќе гледаме мали или поголеми поместувања, мал или поголем напредок – но, на сите клучни тестови за функционалноста на државата, од владеење на правото, па сè до испорака на најситни административни услуги, таа неминовно ќе паѓа… или гори.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here