„Некои луѓе ја менуваат партијата, поради своите принципи. Некои ги менуваат принципите, поради партијата“ – Винстон Черчил
Спектакуларната вест дека е завршена санацијата на пругата Скопје – Велес и дека благодарение на овој историски потфат на МЖ Инфраструктура возот наместо 20 километри на час, како што возел, сега ќе може да вози дури до 50 километри на час е просто надреална дури и за нас, граѓаните кои се одамна свесни дека 21 век нема стигнато и низ долината на Вардар. За 20-от можеме да спориме.
Но, ако на оваа вест човек ѝ пристапи филозофски, таа може да се гледа и како сублимат на суштината на македонската општествена црна дупка, не само како целокупна слика за распадот на институциите.
Минатата недела објавивме дека само во последните два месеци, пред да се распишат изборите, објавени се огласи за 2690 вработувања во јавната администрација. Полнење на јавниот сектор пред секои избори е веќе воспоставена практика, преку која цвета основната врска на партиите со нивните членови – клиентелизмот. Модусот операнди, содржан во познатата максима – ние ќе ви дадеме работа, вие ќе гласате за нас, е појдовната точка на распадот на македонската политика и неможноста од неа да произлезе каква било конструкција, што би го штитела граѓанинот од партиските темни облаци.
Арамиите кои ја искрадоа државата и добија или слобода или туристички затворски престој; градинките каде нема место за вашето дете, ако немате врски; училиштата каде децата ви немаат учебници; болниците во кои ако не изгорите буквално, може да „изгорите“ од лекари вработени преку партиски список; автобусите што возат нелегално и убиваат луѓе во сообраќајки; загадувачите кои не се казнуваат; документите што не можете да ги извадите, особено не без грешки итн., итн… сето ова е резултат на начинот на којшто се поставени нештата во македонскиот политички систем.
Поточно, во партиите, како негови основни клетки.
Политичките партии, по дефиниција, се организации сочинети од луѓе со исти или слични идеи за политиката, како и организации кои пропагираат специфична идеологија или политички цели.
Додека во минатото, во првите години од осамостојувањето, оваа дефиниција можела да се примени и за македонската политика, во новиов век се чини дека од неа веќе тешко дека остана трага.
Во македонските политички партии точно е дека има луѓе со слични идеи и сфаќања за тоа што е политиката и точно е дека тие имаат слични цели, но тие идеи и цели апсолутно не се однесуваат на политичката идеологија и визијата за тоа како општеството треба да изгледа.
Членовите по партиите кај нас не се приклучуваат на групата, оти со неа делат вредности, либерални, конзервативни, левичарски или демократски.
Тие се таму за да добијат вработување. За себе или за своите. Да зграпчат услуга, да завршат работа, да се снајдат, да се спасат од затвор, да се збогатат.
Еднопартиски систем
Оттука, може да се каже дека во смисла на реална дефиниција – Македонија денеска е де факто еднопартиски систем. Ние имаме една партија. Таа партија е самата држава, што е истовремено и најголемата компанија. И како таква, има свои подружници низ различните политички дуќанчиња што се претставуваат како партии. Ги финансира, ги храни, ги негува, тие одат на избори, каде да, како вистински фирми – ќерки се тепаат за тоа кој ќе ќари повеќе од фирмата – мајка, но во суштина сите се задоволни, само да нема нови луѓе и не дај Боже нови организации што политиката би ја вратиле назад кон битка на идеологии и визии.
Што друго беше, на пример, скандалот од изминатава недела кога најголемите партии ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, здружено, во рајска слога поднесоа итни измени на Изборниот законик по скратена постапка со кои практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на какви било следни избори (со апсурдно кревање на потребниот број на потписи). Колегите пишуваа, анализираа колку е тоа нелогично, даваа примери од држави од ЕУ каде ова е незамисливо, реагираа интелектуалци и независни советници, но се разбира – ограноците на најголемата партија мува не ги лази.
Ним им е битно да си го заштитат мочуриштето и македонската политичка битка да остане во калта. Истово го докажуваат и листите за пратеници. Погледнете ги носителите. Или подобро – што ќе ги гледате, голем дел ни се веќе се видени – како докажани во непреземање на одговорност за грешки. Политичка или кривична сеедно, спасени токму од својата клиентела вработена низ системот.
Затоа, апсолутна илузија е дека овде има судир на визии или концепти.
Едните биле демек за ЕУ, другиве против. Едниве биле демек против корупција, другиве краделе. Боже, боже!
Прво, ниту една од трите не е за ЕУ вистински, оти ниту една не е против корупција, да се разбереме. Не можете вие да обвинувате за криминал, а да истопорите на листа луѓе со кривични пријави и случаи за злоупотреба на јавни пари што ги паметиме. Не можете вие да ни зборувате за европски правец, а секојдневно да врнат афери и докази за епски институционален распад.
Да не зборуваме за личните квалитети на тие луѓе.
Да не се разбереме погрешно, јас навистина верувам дека и низ партиите има квалитетен кадар. Има и луѓе кои чесно влегле во политика, со желба да го менуваат општеството, да се борат за своите визии и својот вредносен систем. Има образовани, воспитани, способни и квалификувани. Ама каде се?
Негативната селекција, за која зборуваме на општествено ниво, почнува прво во самите партии.
Не може да ме убедите дека во целите тие друштва немаат портпароли, кои ќе знаат да кажат три реченици пред камера, без да читаат. Или барем ќе знаат да прочитаат кога веќе ни мафтаат пусулчиња пред камери. Дека немаат кандидати за министри, кои навистина ќе си ја разбираат областа и работата. Ценети и дома и надвор. Дека немаат луѓе за пратеници, кои умеат да дебатираат и кои ќе ги застапуваат вистински интересите на граѓаните. Директори, кои не забораваат на доброто владеење при првото возење со службените автомобили. Ги има. Но, тие луѓе се маргинализирани, а на врвот се истопорени тие послушните, верните на лидерот, тие кои никогаш нема да му кажат кога греши, тие за кои магарето не само што лета, туку и пее, конечно – тие кои се и тоа како подготвени да ги напуштат своите принципи – за партијата! Оти, без неа се ништо!
Борба за поинаку
Затоа, се додека самите партии не се реформираат, овде нема да може да има никаква општествена промена.
Нека не ве лажат изборните слогани.
Да, тука и таму, ќе се јавуваат некои светли примери, на саглам луѓе, на саглам функционери, нив порано или подоцна ќе ги изеде мракот, оти прилично јасно стрчат и нервираат, ќе има понекоја функционална институција што ќе ја гледаме со чудење и восхит, ќе има некој сјај на реформичка што ќе светне, ама ништо, буквално ништо суштински нема да се смени.
Единствената можност за реален прогрес што овде беше ветена (некои бевме и глупави да поверуваме во тоа ветување) е таа преку воведување на отворени листи и промена на изборниот модел. Гледаме дека можностите за такви измени се еднакви на нула. Дури и малите партии кои се силеа дека со таа измена демек ја уценуваат коалицијата (некои како ДОМ дури и даваа рокови, ох, пресмешно!) лесно ја забораваат оваа реформа, оти секогаш тежи помалку од удобноста на тие жими три – четири фотелји добиени низ коалицискиот пазар.
Чаре?
Мораме да се бориме за поинаку. Граѓаните мора да се свесни, активни и гласни. Мора да притискаат за да се отвори политичката сцена и да се покаже дека има живот, но и политика надвор од партиите. Партиските членови мора да се борат партиите вистински демократски да им растат, да дозволат фракции, да се чистат, да ги креваат најдобрите. Политиката мора да престане да се сфаќа како борба за живот или смрт. Државата мора да се ослободи од партиските стеги кои ја гушат до умирање.
Дотогаш и изборите се илузија.
Оти, реалниот избор што го имаме е како тој од веста со возот – едните возат со 20 на саат, другите со 30, а третите – ееехееј, “шибаат“ дури до 50.
Што и да избереме, имаме само еден гарантиран резултат – во овој век, со возот на партијата, ние ќе стигнеме за два века.