*Колумната е првично објавена на веб порталот European Western Balkans
Една популарна реклама за осигурителна компанија оди вака: таткото ѝ ветува на ќеркичката дека ќе ѝ се јави додека е на службен пат. Кога ѝ се јавува и покрај сите перипетии што ги преживува, на веселото детско гласче од другата страна тој само одговара: „ветување си е ветување“.
Одржувањето на ветувањата е исто толку важно во меѓучовечките односи, како што е важно во политиката и меѓународните односи.
Во јуни 2003 година, пред точно дваесет години, на Самитот во Солун во Грција, лидерите на Европската унија им ветија на земјите од Западен Балкан: „Иднината на Балканот е во Европската Унија“. Ова беа надежни времиња во европската историја. Најголемото проширување на Европската унија беше во тек, при што десет земји се приклучија една година подоцна, а Романија и Бугарија во 2007 година. Последната земја што го направи тоа беше Хрватска пред десет години.
Оттогаш, ветениот европски сон е заедничка стратешка цел за државите од Западен Балкан. Меѓутоа, политичкото расположение на континентот брзо се промени и проширувањето на ЕУ го загуби здивот.
Прво, напорите за консолидирање на европскиот проект со усвојување на Европски Устав беа напуштени откако француските и холандските гласачи го отфрлија. Потоа дојде европската должничка криза, проследена со мигрантската криза, Брегзит и пандемијата Ковид-19. Демократското назадување во Унгарија и Полска само го засили заморот од проширувањето и предизвикаа колебање кај некои од старите земји-членки околу придобивките од понатамошното проширување.
Да бидеме фер, ниту земјите од Западен Балкан не помогнаа баш многу во случајов. Заморот од проширувањето во Унијата беше проследен со замор од спроведување реформи кај земјите кандидати. Додека транспонирањето на европските норми и стандарди во домашното законодавство напредуваше со стабилно темпо, клиентелистичките партиски политики и распространетата корупција ги поткопаа демократските институции на земјите од регионот сместени во сивата зона помеѓу демократијата и автократијата од страна на Фридом Хаус.
„Било какво повремено демократско движење во една или друга земја од Западен Балкан, наместо да се пофали, беше обесхрабрувано со вето на поединечни земји-членки или беше наидено на диспозиција на бирократ кој има задача да измисли изговори зошто напредокот не е можен.“
Едноставно, Унијата има премалку со што да се пофали две децении од Солунското ветување, па не е ни чудо што европскиот сон се’ повеќе изгледа како пат кон никаде. Ова, пак, е широкоградо прифатено од рускиот наратив: „На Западот не може да му се верува и никогаш нема да испорача тоа што ветил“.
Тешко е да се смисли подобар тест за кредибилитетот и посветеноста на ЕУ кон Балканот од случајот со Северна Македонија, земја што е симбол за нефер третман во процесот. Избегнувајќи ги војните во поранешна Југославија, таа го започна своето мачно патување уште пред Хрватска. Бебе што се родило кога земјата доби кандидатски статус, оваа година станува полнолетен човек. Во 2009 година, по рекордно време поминато во чекалницата, Европската комисија препорача почеток на преговорите за членство. Досега земјите-членки секогаш ги следеа ваквите препораки и се отвораа преговори. Но, не и во овој случај. Ниту тогаш, ниту по единаесет такви препораки.
Причината за загубените генерации не беше недостатокот на реформи. Тоа беше спорот за името со Грција. Во 2018 година го потпишав Договорот од Преспа, ставајќи му крај на овој навидум нерешлив проблем. Тоа достигнување беше пофалено како извонреден успех од демократскиот свет, а европските лидери побрзаа во Скопје да им ветат на македонските граѓани почеток на долгоочекуваните пристапни преговори.
„Сепак, историската шанса беше пропуштена. ЕУ го прекрши ветувањето предизвикувајќи со тоа бранови на разочарување низ целиот регион. Се загуби моментумот затоа што Франција побара прво да се направи промена на методологијата на пристапниот процес. Кога се заврши оваа работа, Бугарија од поддржувач се претвори во најголем кочничар, земајќи го проширувањето како заложник на ревизионистичките барања за историјата, идентитетот и македонскиот јазик.“
Соочени со целосната руска агресија против Украина и последователното украинско аплицирање за членство во ЕУ, клубот даде уште едно ветување, давајќи им кандидатура на Украинците и Молдавија. Навистина, Европа е сето она за што се работи во оваа војна, не само затоа што се одвива на европско тло. Европа со својата “soft power“ беше таа што ја инспирираше Украина и од друга страна го загрижи Путин до степен да ги окупира Крим и Донбас пред да започне сеопфатната инвазија.
Често погрешно се вели дека бруталниот напад на Путин промени сè. Ова не е вистина. Она што смени сè е решителноста и херојската борба на Украинците за нивната слобода и демократија, за нивното право сами да си ја изберат судбината. Тие сакаат да бидат рамноправен член на европското семејство, бидејќи многу сериозно ги сфатиле зборовите на европските лидери.
Во овие преломни времиња за континентот кога светот е пред огромни предизвици, ЕУ мора повторно да размислува далекусежно, да дејствува стратешки и да почне да ги исполнува своите ветувања и заради себе. Заживувањето на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, регион обиколен од земјите-членки, ќе ги затвори процепите на нестабилност што може да ги поттикне Кремљ и ќе им покаже на Украина и Молдавија дека биле во право што ги положиле сите свои надежи во ЕУ приказната.
Исто така, ќе ми помогне мене и на сите родители од мојата генерација во регионот да го одржиме ветувањето за европскиот сон на нашите деца.