Будали со идеали

Кризата не е во демократијата! Кризата е во лидерите маскирани во демократи, еднакво алчни, лицемерни и корумпирани, да – и тоа е време некој гласно да го каже. Трамп и нему сличните се тука, оти некој им остави бришан простор, оти некој отстапи од бескомпромисноста кога се идеалите во прашање, а сите борци за нив ги направи будали на јавна сцена, и во матичните држави и надвор.

„Зошто не функционира демократијата?“, го прашав во едно интервју поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу.

„Демократијата си функционира сосема ОК, ова што го гледаме и нѐ фрустрира се вика поинаку – клептократија“, ми одговори тој некаде во 2021, само неколку месеци после завршувањето на првиот мандат на Доналд Трамп, човекот кој вчера беше повторно инаугуриран за американски претседател и човекот кому секако можеме да му припишеме собирање на плодовите од мртвото дрво на демократските вредности, но тешко, а богами и неблагодарно би било да се дрзнеме да му ги припишеме и причините за смртта. 

На многу средби со Јоргос, кој е и мој драг личен пријател, ги отвораме овие теми. И не само со него, туку и со многу светски истакнати прогресивни, либерални и социјал – демократски умови на денешницата и сите од нив, барем сите оние кои се вистински идеолошки припадници и навистина живеат согласно вредностите што политички ги претставуваат, се сосема начисто со фактот дека светот, а особено демократијата денес се во оваа состојба, не поради Трамп и нему сличните, туку поради лицемерието и неспособноста на неговите вредносни опоненти.

Доналд Трамп се обраќа за време на неговата инаугурација за 47. претседател на САД. Фото: Ал Драго, АП

Кога зборувам за опоненти, тука не мислам само на тие кои се на другата страна од политичкиот спектар. Никако. Трамп има противници и низ „своите“. Да се потсетиме на еден легендарен републиканец сега починатиот сенатор Џон Меккејн, кој знаеше често да застане надвор од партиските линии (веројатно многу почесто од тоа што Републиканците би сакале), а кој велеше:

„Вредностите се нашиот интерес и нашиот интерес се нашите вредности“, мислејќи првенствено на столбовите на Западниот свет кога се во прашање човековите права, слободата и демократијата.

 Тешко дека нешто од ова остана низ таа политичка група. Но, поголем проблем од неистомислениците, кога зборуваме за Трамп, се неговите истомисленици и тоа не кај него, туку меѓу демократите, низ целиот свет.

Ретко тие се отворени поддржувачи на неговите позиции, без разлика дали се работи за гледиштата за ЛГБТ луѓето, за климатските промени, Светската здравствена организација или за мигрантите, но многу почесто тие се притаени „трамписти“ распоредени богами стратешки низ сите леви и прогресивни центарски политички партии и движења низ нашиот континент.

 И тоа е веројатно денес и сржта на демократскиот распад.

Социјал – демократски градоначалници, кои се згрозени од истополови бракови; прогресивни министри, кои одат да бакнуваат раце на попови борејќи се да бидат сликани со свеќите в раце; либерални лидерки, кои се крстат во Маргарет Тачер; борци за социјална еднаквост, кои мандатот го искористија за сопругите, кумовите и пријателите да им создадат милионски капитал; демонстранти, кои не прифаќаа мир без правда, а ги заборавија сите маршови штом седнаа во службените автомобили и добија пристап до државните мензи; пријатели на медиумите и новинарите, кои први креваа телефони по директори на телевизии да се укинат емисии што не им се по ќеиф… конечно – лидери кои ветија одговорност за криминалците, а менуваа Кривичен законик за да се спасат сите арамии и нивни и туѓи, само за тие да може да останат уште малку на власт.

Да, Јоргос е очигледно во право – ова нема врска со демократија.

И не, ова не се однесува само на Македонија.

Погледнете ги само срамните помилувања на Бајден, погледнете ги состојбите низ различни земји членки на Европската унија, а и нејзините позиции генерално. Повторно, не само за Македонија, иако врз нејзин грб веројатно најмногу се истурија недоследноста, непринципиелноста и напуштањето на принципите на ЕУ. Ама тука е и Србија. Тука е Фон дер Лајен која не штеди зборови на фалби за Вучиќ, чии антидемократски методи на владеење беа просто збришани пред вредноста на литиумот. Тука е Макрон, кој нема проблем со газени студенти, додека продава авиони на Белград. Погледнете ја Италија и благо перверзниот однос на Мелони со Рама, чие поимање за медиумските слободи, исто е спорно. Или барем беше, додека Албанија не стана „предмет од интерес“.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони и албанскиот премиер Еди Рама при официјална средба во Тирана. Фото: Архива на Владата на Италија

Погледнете го Шолц и ужасното тактизирање за Украина. Погледнете подалеку и видете како Европа и светот беа поставени и кон Путин хранејќи го тој крокодил во надеж дека ќе бидат изедени последни. Погледнете како „раздвојувањето“ на земјите кандидатки на патот кон Брисел зависи од ногата на која станале европските лидери. Погледнете го напуштањето на принципот за вето тогаш кога се сака. Погледнете ја толеранцијата на официјални државни позиции на земји членки кои негираат туѓ јазик и идентитет!

Па, за што зборуваме ние?

Како може да ни е Трамп виновен што лидерите избрани да градат и засилуваат една Унија што мора да почива на вредности и идеали, самите се пукнати пустите да бидат Трамп и во првиот момент кога тоа е опортуно едвај чекаат да гушнат каков било „трампист“, подготвени да ги пуштат низ вода сите паталци и борци против режими, да ги наречат русофили и антизападни елементи и да отстапат од основите на политиките базирани на слободи и човекови права, одговорност и правда? Дајте ви се молам!

Кризата не е во демократијата! Кризата е во лидерите маскирани во демократи, еднакво алчни, лицемерни и корумпирани, да – и тоа е време некој гласно да го каже. Трамп и нему сличните се тука, оти некој им остави бришан простор, оти некој отстапи од бескомпромисноста кога се идеалите во прашање, а сите борци за нив ги направи будали на јавна сцена, и во матичните држави и надвор.

Оти некој покажал и докажал – дека нема баш и некоја разлика!

И не се само политичарите тука проблем и нивниот флерт со опасните, па дури и фашистички идеи. Тука се пред сѐ молчеливите интелектуалци и секако – пресметливите бизнисмени, кои секогаш ќе изберат да не се замерат со властите, наместо да останат на позициите на принципите. Тука се медиумите. „Ди Велт“, весникот што ни бил пример за професионално новинарство, објави колумна на Илон Маск каде тој директно ги повикува германските гласачи да ја поддржат фашистичката АФД. Настрана што ова е директно мешање во внатрешната политика на една суверена и клучна европска земја (барем тоа беше Германија што ја знаеме!), поддршката за идеите што АФД ги застапува е и тоа како спорна од вредносен поглед и не може да се оправда со „слобода на изразување и отворање на простор за поучна дискусија“. Ништо поучно нема во давање на простор на политичките радикали и компромисите со принципите. Да, уредничката за колумни на весникот си даде оставка, но од тој чекор единствен ќар очигледно ќе има само нејзината професионална совест.

Затоа, воскреснувањето на Трамп никако не може да се гледа надвор од овие рамки. Од рамките кои се поставија, меѓу другото, и од дел од луѓето кои први беа истопорени вчера околу него, а до завчера, што се вели, водеа битка за слобода или демократија. Тоа е таа хипокризија во која сме удавени. Тоа се чистите клиентелизам, опортунизам и алчност, во најчистата нивна форма. Тоа е напуштањето на политиката како професија на благородни идеи и идеологии, нејзиното претворање во чист бизнис и битка за моќ и пари.

Светот е пред тешки времиња, пријатели. Европа е на колена. Многумина велат дека Трамп ќе ја разбудел. Запишете ме мене во скептиците.

Јас едноставно мислам дека следува период на интелектуален, морален, етички, политички, демократски регрес. И тоа не е нужно лошо. Тоа можеби е и неопходно за да се протресе таблата и да се измешаат картите. Па тука и таму повторно да никне по некоја будала. Па да се соберат што повеќе будали, кои да – ќе гинат за идеали. Па сите тие будали повторно да изградат систем на вредности од кои нема да се отстапи никогаш, а особено не тогаш кога е најтешко.

Оти, да бидеме реални – кој друг освен будали ќе можат некогаш да се спротивстават на сите будалаштини што сега ги живееме и што допрва ќе ни се истурат врз глава?

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here