„Победија мамо, го преплавија светот. Рамнодушни, отапени од уживање, шетаат по егзотични дестинации. Не ја знаат вредноста на ништо. Орда простаци во брендирана облека влечат брендирани куфери и торби низ хотелските фоајеа. Ги преплавија аеродромите и железничките станици.
Неморално е да летуваш на грчките острови, а да не знаеш барем една античка драма. Како може да се патува низ Андалузија без свест дека таму некогаш бил витезот со тажно лице и неговиот слуга Санчо Панса. Сакаш во Лондон? Дај да слушнеме прво еден стих од Шекспир…
Овие луѓе го завладеаја светот и сега се насекаде. Во крузерите, по аеродромите, банките, парламентите. Заседнаа по министерствата, академиите, универзитетите, болниците… светот стана сопственост на карикатури. Се претвори во пералница на пари, владеен од фалсификатори во сите сфери.
Не е ова веќе земјата во која растев. Доаѓаат векови кога ќе завладеат вандали… кога глупоста завладува, а простаците го преплавуваат светот…
А јас? Не, јас нема да се предадам. Никогаш“
Простете за овој подолг извадок од одличниот роман на Драган Великиќ, „Иследник“ за кој во 2015 ја доби престижната награда на магазинот Нин (патем, топла препорака), но ако внимателно го прочитате ќе ја разберете целата суштина на моралната, вредносна и клучно – системска деградација, што ги коси и силните демократии, а за ваквите наши во обид е – се разбира – фатална.
Ќе си речете, што па ова има врска со веста што ни ја смрзна крвта и што не остави без сон и во солзи – дека 14 годишното девојче Вања, по кое се трагаше една недела, е пронајдено мртво, но ако уште повнимателно ја прочитате ќе ви дојде пред очи целата слика.
Вања е убиена на најсвиреп начин, според податоци од истрагата со наводна директна инволвираност на нејзиниот роден татко со цел изнуда на пари од мајката на девојчето, а од страна на човек, добро познат на македонските елитни врвови и особено на македонското подземје – два општествени сегменти што во вакви мувлосани општества честопати се допираат, дури и претопуваат.
Убиецот според медиумите бил бизнисмен, инвеститор, медиумски сопственик, градежник, скопски градски лик, творец на урбаната мафија, поранешен висок партиски функционер на СДСМ и миленик на раководства на ВМРО – ДПМНЕ, а од неодамна и лидер на своја радикална десничарска политичка партија, што наративно демек се бори за тврдокорните македонски интереси, а фактички во реалноста свирепо ги убива македонските – девојчиња китки шарени. Имено, сите други осомничени се негови партиски ортаци, а и другата жртва (да, да има и друга жртва) е дел од слична десничарска радикална политичка групација. За оваа жртва, седумдесет и четири годишен човек, надлежните се уште го проучуваат мотивот.
Ова не е политичка битка, ниту поларизација, ова се притаени ѕверови
Затоа, не ја прифаќам тезата дека во овој случај треба да се остави политика настрана, кога се работи за конкретен, активен политички субјект.
Фактот што тој субјект, таа партија (што некој ќе напише на фејсбук е со пет члена од кои четворица се осомничени) е минорна не може да биде утеха, оти наративот што од таму извира е застапен и низ крила на други меинстрим или далеку помеинстрим политички субјекти.
Не зборувам тука за политички ставови или позиции, кои во плурализам се секако легитимни, не, туку за де факто сеење на омраза и жигосување на сограѓани, еклатантна агресија, јавни повици за линч и убиства, фотографии со оружје, коментари со директни закани по животот на јавни личности и нивни семејства.
Ова не е нормална политичка битка, ова не е дури ни поларизација, ова се злосторници, притаени ѕверови кои чекаат прилика.
Денеска мотивот е наводно користољубие, утре ќе биде политичка пресметка.
Но, проблемот во македонското општество денес, за жал, е далеку поголем од познатиот злосторник политички лидер – овој модус операнди денес е присутен во сите политички групи. Да, се разбира, не секаде е радикален, но фактот дека негативната селекција е императив во функционирањето на политичките партии не би можеле да го одречат ниту најголемите партиски послушници.
Подземјето е на врвот
Денес во Македонија подземјето е на врвот – во партиите, низ институциите, во академијата, бизнисот, медиумите… Не секогаш тоа подземје е криминално (иако, честопати токму тоа и е). Но, огромен грев е да мислиме дека е мало зло кога тоа подземје се однесува на изборот, поддршката и промоцијата на полусветови, кои исто оперираат со „оружје“. Убиваат со својата необраозованост, простотилак, алчност, завист кон умните и докажаните, недостоинство…
Незамисливо беше во малку подалечното македонско минато на општествениот врв да се најдат луѓе кои ај што не знаат за Мигел де Сервантес или за Теспис, туку прашање е дали од Зоки Поки отишле понатаму. А и Зоки Поки дали го читале со неопходна доза на функционална писменост!?
Не, не се работи тука за носталгија, се работи за факти.
Без разлика на политичката идеологија, погледнете само дебата од македонскиот парламент во деведесеттите години и споредете ја со денешните. Погледнете ги биографиите на луѓето кои ги сочинувале тие парламентарни состави (што сакате можете да мислите за нив и за нивната политичка мисија) и споредете ги со овие тажни илустрации на неми, безлични партиски маси, кои читаат и реплики и контра реплики (каква иронија!), напишани во партиски штабови, веројатно од луѓе со еднакво скромно интелектуално богатство.
Ова е главната мака на македонското општество денес од која извира сета нефункционалност на системот, а за ова никој не зборува. Нашата мака е што сме нападнати од простаци. Тие се некогаш и криминалци, некогаш се само (свесно или не) во функција на криминалците, но простаците, неписмените полусветови што ги потиснаа луѓето со раскошни биографии и достигнувања, и дома и надвор, го диктираат и диригираат распадот на системот, оти се разбира – само во распаднат систем тие може да дишат.
Еве пред неколку дена излегоа најновите резултати од ПИСА тестирањето. Мислите тие се случајност? Па, не! Секако дека не! За да стигнеме до ова дно вложени се години и години, море децении на толеранција на партизација на душата на една држава – образованието, киднапирање на знаењето, злоупотреба на најблагородната професија – учител, тендерски тепачки за печатење на учебници, пропаднати проекти и реформи, па сѐ до незаинтересирани, уморни, апатични граѓани, кои се такви и како родители.
Оти, сѐ е систем. Сѐ е поврзано
Неказнивоста што раѓа „палчовци“, неодговорноста, негрижата за јавниот интерес и јавното добро, уништувањето на културата во јавниот говор, очајните телевизиски дебати, со уште поочајни гости, безобразните и срамни партиски соопштенија и прес конференции, оние ужасни спотчиња што ви се вртат на интернет за реклама на лидерот, проследени со евтини, а прескапо платени кампањи, професорите кои не се срамат да го држат срамот на лидерот … сето ова е резултат не на системот, небаре тој е некаков независен организам, туку конкретно на луѓето што него го сочинуваат и нивниот елементарен дефицит на ’рбет, а стопроцентно слугување кон нејзиното височество – Партијата! Оти без неа се ништо!
Македонија денеска има главни функционери (меѓу кои и замислете министерот за образование, кој е миленик на човекот од црната листа на САД) со – во најмала мера – чудни професионални и образовни бекграунди, луѓе што е просто напорно да ги слушате како се мачат да сврзат една проста реченица со смисла во своите јавни настапи, луѓе кои зад камерите се двојно попрости и посиромашни во духот и во зборот.
Не, со нив вие не можете да зборувате за Кралот Лир, ниту за Игнасио Санчез Мехијаз, уште помалку за Теогонија. Немаат поим за Пелопонеската војна и не чуле за Шандор Мараи. Не ги допира Јован Кукузел или еве Кирил Македонски (тврдам дека ќе го гуглаат за да видат кој е) и не ги интересира Андреа Куши, ниту Надежда Петровиќ. Ама и тоа како се разбираат во проценти, бизниси, асфалт и фотоволтаици, трговски центри и струја, продажба и купување…
Не, ова не е нормално. И не може да биде.
Не бива општество во кое орото го водат тие од опашката. Во сите држави, дури и во најразвиените, во политиката има круг или ниво на луѓе кои не мора да се со не знам какво образование, таленти или професионални достигнувања. Има и криминални дувла. Но, не може тие да се со политички функции, истопорени на врвот, со јавни пари и јавен простор. Оти, лидерите, оние кои водат напред, оние кои се просветители (нешто што пуста Македонија очајно бара) мора да се луѓе еснаф, луѓе со интегритет и знаење, оти не само волја, потребна е и способност за промени и за прогрес.
Овие нашиве, и најгоре и подолу, и лево и десно, море и во центар, ни волја имаат, ни ука… а и интегритетот богами им е гума за џвакање. Па, тешко дека можеше да ни се погоди пострашна комбинација, ќе си речете…
Е така е, ама мора да има и чаре. Чаре? Чаре, да.
Чаре! Ќе се најде чарето.
Ама прво мора да ја впиеме онаа на Великиќ – јас? Не, јас никогаш нема да се предадам! Јас, граѓанинот нема да се предадам!
Оти, пријатели, не заборавајте – токму на предавање, токму на кревање раце и бегање овие полусветови, овие простаци сметаат!
Немојте! Предноста е кај вас. Можеби тие ги имаат парите, ама вие го имате Шекспир! А во тој двобој, драги мои, победникот е порано или подоцна секогаш еден – диктиран е од други сили.