Антикорупциска возвраќа: „Во право сте г. Груби, ДКСК нема капацитет да се вози во службени возила 24/7, да злоупотребува државни простории…“

Од Комисијата го потсетуваат Груби дека четири години по ред во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, ДКСК добива позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери.

Државната комисија за спречување на корупција реaгира на изјавата на првиот вицепремиер на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби, кој вчера рече дека не верува во капацитетите на Комисијата.

На гостување на Сител Телевизија, Груби изјави дека ѝ верува на институцијата, меѓутоа има сомнеж во нејзините капацитети.

„Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат“, рече Груби. 

На ова, ДКСК денеска реагираше со соопштение во кое наведува дека обвинувањата се неосновани.

„Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои се’ уште чекаат ред и време за да се постапи по нив.“, се вели во соопштението на ДКСК.

Пофалби од ЕУ, критики од првиот вицепремиер

Од Комисијата го потсетуваат Груби дека четири години по ред во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, ДКСК добива позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери.

„Тоа е директна потврда за оправданоста на нашето работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав. Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК.“, додаваат од Комисијата.

Оттаму истакнуваат и дека преку „своето работење, независност  и непристрасност, вложуваат сериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.“

„Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ.  ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. Ова дотолку повеќе што неодамна Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вицепремиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски.“

ДКСК има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади, му порачуваат на крајот на Груби.

Несудените „кираџии“ на Груби отворија случај и против „зацрнетиот“ Мерко

Инаку, како што потсети ТВ Телма,  ДКСК требаше да добие простории во зградата каде сега е Министерството за политички систем на кое прв човек е токму Груби. Но, владата ги “прекомандува” антикорупционерите во друга државна зграда (финансиска полиција и Секретаријат за европски прашања) и ги смести во делот планиран за Академијата за драмски уметности.

„Дел од канцелариите се зад голем надворешен видео бим и немаат дневно светло, но и покрај таквата ‘просторна’ игра откриваа случаи како на пример за партиска употреба на службените коли на МНР од министерот Бујар Османи, или лошото управување во Агенцијата за млади спорт под раководство  на Наумче Мојсоски.“, коментира Телма.

ДКСК пред повеќе од  три години отвори случај за купените автомобили  против актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, којшто деновиве се најде на црната листа на САД како функционер наводно инволвиран во значителна корупција. Комисијата исто така откри и дека Судскиот совет го застарел предметот по нивна претставка за судија и претседател на судот во Струга кои овозможиле наместо да ги враќа општинските долгови, градоначалникот да си купи луксузен службен автомобил.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here