Анатомија на еден пад 

Човек кој решил да гради професија врз тезата дека народот е глупав и недоветен, може да биде кловн или писател, не и политичар.

„Пендаровски ќе ја има најлесната задача на свет –  да биде подобар од Иванов! Пендаровски ќе ја има најтешката задача на свет – да биде подобар од Иванов!“, –  Синадиновска, 2019

Со себецитирање ја почнувам оваа колумна, со овие две речници што сум ги напишала после победата на Стево Пендаровски во 2019, реченици кои добро си ги запомнив уште тогаш и ги чував за денешниот ден. 

Резултатите сами покажаа што од сценаријата во оваа моја мала “равенка“ е исполнето, а мојава денешна анализа причините за овој исход ќе ги стави во еден поширок контекст, заедно со разобличувањето на тезата што веќе сериозно ми оди на нерви – таа дека имаме глупав народ. 

Веднаш штом почнаа да стигнуваат првите резултати и трендот да станува јасен, заедно со соодносот 2:1, се јави партиската армија, заедно со по некои истакнати членови, симпатизери и независни „професори“ да фрлаат опасни тези најавувајќи конфликт, бојкот, крај на Македонија, распад, војна, смрт, црнила и чемер… со еден збор, или СДСМ ќе остане на власт, или Македонија просто ќе ја снема, оти СДСМ е државата (познато, не!?). Тука е и неминовната теза на која почиваше не само кампањата, туку и смислата на политичкото дејствување на екипата (наративна се разбира, суштинската им е – бизнис) – дека во првиот момент кога ВМРО би презеле власт, тоа ќе биде крај на македонските европска иднина, ќе станеме дел од БРИКС и ќе излеземе од Алијансата – закана што очигледно сте ја прочитале, ама ќе ви објаснам малку подетално во друга прилика колку е нереална, оти ова не е 2008, оваа земја е НАТО членка, а фала Богу, глобалните големи политички текови не зависат од де факто потпросечните капацитети на ВМРО – ДПМНЕ за водење на здрава надворешна политика. 

Тука се, се разбира, и ДУИ, не да се, туку тие се дури и први, пред СДСМ, во некои шепотења уште пред гласањето, а особено сега после ваква „победа“, дека ако не влезат во новата Влада „ќе има беља“.

На страна што овие тези се крајно недемократски и зборуваат за отсуство на елементарен капацитет да се почитува народната волја и порака, заедно со уште една друга основа на парламентарната демократија –концептот на коалициите, тие се и прилично опасни, оти заговараат криза и конфликт – само оти некој треба да престане да владее.

Закана за конфликт под европско знаме

Лекциите дека фотелјите не се вечни, тешко дека македонските политички елити ги научиле.

Во 2017 Груевски од авион менаџираше крвав упад во Парламентот. Луѓето со и околу него ги гледаме истопорени во првите редови на она што се најавува како нова власт и тоа е и застрашувачки и тажно, во исто време. 

Денеска, кога ја анализираме анатомијата на падот на една друга елита, демек сосема спротивна идеолошки и политички, зарем повторно има место за крв? Навистина ли во 2024 ќе ни се заканувате со конфликти и со дестабилизација? Под европско знаме. Колку бедно!

Македонската демократија очигледно е далеку од нивото кога доаѓањето и губењето на власта ќе бидат најнормални процеси, а политичките структури ќе се свесни дека има живот и во опозиција, па и надвор од политика. 

Сепак, она што е еднакво поразително, покрај овие опасни вербални акробации за војна, е тезата од погоре – дека народот е глупав.

Народот бил прост, недоветен, необразован, народот бил чиста мизерија и затоа гласал за „идиотите од другата страна“. 

Човек кој решил да гради професија врз тезата дека народот е недоветен, може да биде кловн, комичар или еве, писател, но не и политичар. Македонските граѓани не се ништо повеќе и ништо помалку од кои било други граѓани на светот. 

Крајно е несоодветно, нецивилизирано и навредливо, ако сакате, да ширите или поддржувате теза дека тие се прости и глупави, само оти не ве гласале. Овој пат, да сме прецизни.

Оти, истиов овој „прост“, „глупав“ и „недоветен“ народ ве гласаше во 2020. После „избеган“ Груевски и после Преспанскиот договор. Ве гласаше и победивте. И тоа победивте само во Скопје (во другите изборни единици или беше или пораз или нерешено), каде носител на листа беше токму авторот и лицето на Договорот. Значи, овој народ давал шанса. Знаел да прифати, знаел да верува, знаел да поддржи компромиси, знаел да ја гледа големата слика, знаел да прогледа и низ прсти, знаел да ја голтне тезата дека од двете зла – помалото е опцијата, дури веројатно знаел и да се уплаши дека –  леле Груевски ќе се врати. Ама денеска, откако има кредибилни наоди дека вие сте работеле токму на тоа Груевски да се врати за да си ја спасите власта, навистина е безобразно да се патетизира и да фрлаат дрва и камења по граѓаните. 

СДСМ стори сѐ спротивно на тоа што требаше

Народот на последните парламентарни, во 2020 кажа која е насоката по којашто треба да се движи власта. Тие резултати заедно со лицата кои ја донеле таа победа, а од кои ретко кој остана во сликата денес, зборуваат доволно јасно. 

Дека партиите, особено СДСМ, како носечка сила во идејата за прогрес и во концептот на „Едно општество за сите“, мора да се отворат за независни и за умни, да се борат за интелектуален процут во политиката, за критика и за внатрешни реформи, за битка на ставови и на аргументи, за вистинско растење и свое, и на земјата, за бескомпромисна борба со корупцијата и категорични потези во судските реформи, за департизација, за крај на заканите (што јавни, што заткулисни) кон новинари и неистомисленици, за целосна поддршка на македонските брилијантни умови во сите сфери, без разлика на нивните лични идеологии, за конечно сериозен пристап кон катастрофата во образованието, за оздравување на пустото здравство… 

Се стори сѐ спротивно. Се оддалечија од сите кои ова можеа да го испорачаат, се скараа и ги напаѓаа сите природни сојузници, ставија крај на надежта дека тие навистина се за поинаку,

Самата идеја за поинаку беше сосечена по којзнае кој пат и просторот повторно беше оставен на луѓе со сомнителни капацитети.

Факт е дека голем дел од нив никогаш и не се соочиле со народот, не биле гласани, не биле избрани. 

Но, тоа не е аргумент да не се разбираат правилата на демократските процеси, да не се почитува и поклонува пред шефот во оваа земја – граѓанинот, без иронија и без „опаски“ дека е прав и кога греши. 

Дали Пендаровски заслужи олку лош резултат? Веројатно не. Тој не беше толку лош претседател, колку што не беше ни посебно добар. Тој просто – не беше. Тасот на вагата на која требаше да има државнички говори од кои лазат морници, строги пораки до лидерите кога ќе „забегаат“, авторитет и тежина, бескомпромисно бранење на принципи особено во делот на владеењето на правото, клучни средби и состаноци, активно учество со неговите ингеренции во најбитните реформски процеси, големи пријатели меѓу светските државници, силна меѓународна позиција и углед –  беше очигледно прелесен за да воопшто има шанса да се бори со сеопштото фијаско на коалицијата чиј дел е, но и со очекувањата на граѓаните, кои да – точно е – од него бараа не само подобро, туку исклучително! Еднакво како што бараа и од оние што го поддржаа.

И не пријатели, жалам, не можете граѓаните да ги обвините за тоа! 

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here