Ако Јетон Шаќири е Европа, црно ѝ се пишува на старата дама

Каква штета што за вакви дребулии, како образовни катастрофи на цело едно општество, не се активира никаква булдожер дипломатија...

„Образованието е премногу важно за да им биде оставено само на властите“ – вака некако би звучел парафразиран Францис Кепел (16 Април, 1916 – 19 Февруари,1990), веројатно едно од најзначајните имиња во полето на образованието на минатиот век и тоа не само во САД, каде направил чуда за тамошниот образовен систем, туку и во светски рамки.

Тезата на Кепел, кој меѓу другото останува запаметен и како најмладиот декан во историјата на Харвард, се однесува и на оние кои кројат образовни политики и на самите учители. Toj низ целиот свој живот и кариера се бори за идејата дека нема подобар лек за игнорантноста, апатијата, но и за сиромаштијата во едно општество од квалитетното образование.

Катастрофата на Македонија во овој сектор тешко дека може и да почне да се објаснува во обична колумна. Од погрешни и неприменливи политики, недоследност и непостоење на сериозна, сеопфатна и усогласена стратегија за развој, партизација во процесот на вработување и унапредување на наставен кадар, корупција во системот за акредитација на високообразовни установи, па сѐ до верувале или не – неспособност да се снабдат учениците со учебници. Ова последното, веројатно е сублиматот на сето наведено, оти открива на кое елементарно ниво е практично разјаден системот, до фаза во која основата функција – да се обезбедат учебници не умее да си ја изврши.

Македонија преживеала тешки и политички и економски времиња, вклучително и ембарга и внатрешен конфликт, но никогаш не се случило две години да не може да ги испечати сите потребни учебници – едноставно и во најцрните денови оваа елементарна активност на сите инволвирани алки во системот се одвивала по некоја воспоставена функционалност.

Илузијата наречена “најдобриот први септември“

Нема да навлегувам во причините зошто учебници нема. Има сериозни индиции, презентирани од многу сериозни новинари дека се работи за обична тендерска игра во која тепачката за профитот ја надвладеала обврската да се обезбедат книгите, но фактот дека втора година по ред први септември се дочекува вака е доволен за да се заклучи дека ресорниот министер, господинот Јетон Шаќири, на јавноста ѝ должи многу повеќе од неговите штури обраќања.

Овој човек, седнат на пиедестал, поставен на врвот на системот што ја обликува иднината на ова општество, минатата година ја помина така што на секои два – три месеци ветуваше дека учебната 2023 ќе биде дочекана со „најдобриот први септември“ што некогаш го видела земјата. Откако не одговараше за дебаклот низ целата година, тој сега соочен со нов пораз што го разоткрива дека и овој први септември е далеку од добар, замислете изјавува дека му треба уште еден месец, оти допрва се во „понапредна фаза“ на изработка и одобрување на дадените учебници. Сега дури биле и задоволни, оти проблемот бил помал споредено со лани и не очекуваат да трае до крајот и на оваа учебна година.

„Постапката за изработка и одобрување на учебник е сложен процес“ велат од Министерството, оставајќи ја јавноста збунета за тоа какви ли биле процесите во блиското и далечно минато, кога тој процес завршувал навремено.

Министерот Шаќири, пред некој месец ја шокираше јавноста и кога адресирајќи го проблемот со недостатокот на учебници во средното образование (да, да и таму фалат) изјави дека учебници нема, оти државата нема пари:

„Реално, немаме пари за сите учебници во средното образование“ кажа тогаш тој, откривајќи ги приоритетите на оние кои располагаат со нашите пари.

Тој деновиве е и среде скандал, фатен во лага преку директно кршење на Законот за основно и средно образование – откако се откри дека штитениците во ВПД „Волковија“ и натаму се лишени од правото на образование, иако министерот ветуваше поинаку. Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива и вчера испрати писмо и до премиерот во кое потсетува на изјавите на Шаќири, кои и за овој проблем и за овие деца останаа – празни ветувања.

Шаќири, кој важи за близок пријател на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, освен министер и директор (на струшка „Проаква“ и на струшки „Водовод“) никогаш не работел ништо друго во животот. Неговата научна кариера пак беше засенета откако медиумите објавија дека Меѓународниот универзитет во Струга (Универзитетот во сопственост на синот на Мерко), во 2017 незаконски го унапредил да биде доцент, иако тој нема призната диплома за докторски студии.

Рамиз Мерко, заедно со неговото семејство, неодамна беше ставен на црната листа на САД „поради неговата вмешаност во значителна корупција“.

Шаќири, кој себеси политички се гледа како дел од таканаречениот „проевропски и прогресивен“ блок, често пати знае да каже дека неговата визија е борба со корупција од секаков вид, ветинг и спроведување на законот.

„Ако сакаме да се изгради здрав и функционален образовен систем, ќе мораме сериозно да поработиме. А ќе работиме сите заедно за конкретните состојби“, кажа тој во една прилика.

 Дури и како министер за информатичко општество и администрација имаше „тешки“ изјави. На пример, погледнете ја оваа:

„Концептот на интегритет е составен дел од системот на доброто владеење. Тоа значи и личен и институционален интегритет, гарантиран со независност, професионалност и отчетност во извршување на надлежностите“.

Нема ништо европско во крахот со учебниците

Од оваа перспектива гледано врз сите негови спорни одлуки, погрешни потези и сомневања за клиентелистичко – коруптивни релации, тешко дека може со сигурност да се каже дали Шаќири воопшто ги мислел или разбрал овие големи зборови, но она што е неспорен факт е дека кога се кажани од него, големината им станува прилично дискутабилна.

Во меѓувреме, вчера Владата најави нова кампања, со еднакво големи зборови – наречена „Ние сме Европа“, преку која треба да се убедуваат граѓаните во исправноста на изгласувањето на уставните измени, а преку тоа и придобивките од европските интеграции.

Но, освен политичките наивковци или профитери, тешко дека некој друг верува, оти што било, на која било тема, макар била тоа и Европа, може да има ефект на убедување кај граѓаните кога сите големи зборови, сите силни ветувања се газат, а газењето се толерира – токму од оние во кои вербата се дала и тоа во повеќе наврати. Верба дека ќе обезбедат не само големи – туку прости, мали нешта – како едни обични, потребни учебници. Нема ништо европско во овој неуспех, уште помалку има во хистеријата на нападот кон сите оние кои тоа ќе го предочат и бараат одговори и одговорност од нивниот ресорен „слуга“.

Втора учебна година почнуваме со ваков голем крах и ако нешто поразува повеќе од фактот што системот ни се распаднал дотука, тоа е што и за ова, и годинава, како и лани, никој, никако нема да одговара и ништо нема да се смени, вклучително ни оној, избраниот, надлежниот, кој ќе продолжи да зборува ни помалку, ни повеќе – туку замислете – за личен и колективен интегритет.

 Граѓаните, нашите деца, ќе бидат лишени од своето основно право – на квалитетно и навремено образование. Секоја една изгубена година, секоја генерација лишена од солидно образование создава ненадоместлива штета во целокупниот социјален, економски и политички систем, тоа е една нова тула што се крши од темелите на државата. Нова инвестиција во незнаење, апатија и еден колективен културен колапс.

Само, каква штета што за вакви дребулии не се активира никаква булдожер дипломатија…

А треба. И тоа како треба.

Оти Кепел бил во право – образованието е дефинитивно премногу важна работа за да им биде оставено на Јетон Шаќири и на тајфата.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here