Катерина Котеска Стисниовска, адвокат: Пет убиени во семејно насилство во 2023 не се доволен аларм за државата

Трибини, памфлети и демагогија, наместо сериозно и системско адресирање на големиот проблем со семејно насилство – Котеска Стисниовска со јасна порака до институциите дека тоа што го прават за заштита на жртвите обично е премалку и предоцна.

Пошироката јавност го запомни нејзиното име кога оваа жена успеа да го добие големиот правен случај со битолската „Јавна соба“, предмет во кој таа застапуваше жена изложена на срам и јавен потсмев со јавно објавување на нејзини интимни фотографии.

Но, за оние кои и барем малку ја следат битката против семејно насилство во земјава, Катерина Котеска Стисниовска е докажана правничка со врвен професионализам и исклучителна посветеност во борбата за заштита на жените, особено оние кои се ранливи или се жртви на каков било облик на насилство.

Имајќи ја предвид нејзината богата биографија, но и суштината на нејзиниот секојдневен професионален ангажман, што Котеска Стисниовска го врши со голем личен влог и пожртвуваност, немавме дилема дека годинава треба да ја почнеме со еден отворен разговор токму со неа – нашата хероина.

Кажете ни за Вашиот животен пат, како станавте адвокатка и што Ви беше мотивот? 

Мојата љубов кон правдата, како борец за правда ја покажував од мала возраст.
Да бидам адвокат сакав од моја деветгодишна возраст, кога сите состави на тема „Што ќе бидам кога ќе пораснам” ми беа дека ќе станам адвокат.

Како дете бев борец за правата на соучениците, а често ми доаѓаше инстинктивно да застанам во одбрана на послабите.

Најмногу кај адвокатурата ме привлекуваше застапувањето и одбраната на клиентот пред суд.

Често гледав филмови со судски процеси и сонував дека и јас ќе застанам пред суд да ги заштитувам правата на клиентите.

На самиот почеток на мојата кариера како адвокат, добив комплициран случај на развод, проследен со семејно насилство, кој го работев со посебен жар за да ја заштитам жената – жртва која ја застапував, па сфатив дека таа, моја желба да помогнам на жртвата целосно ме исполнува како професионалец и од мене ги дава најдобрите резултати.

По неколку години занимавајќи се со адвокатура, запишав магистерски студии и магистрирав на тема за постапување на институциите во областа на семејното насилство, согласно преземените обврски со ратификацијата на Истанбулската конвенција за заштита на жената и жртвите на семејното насилство, а во моментот сум на докторски студии, каде што повторно како тема ми е постапувањето во областа на семејното насилство од призма на пропустите на институциите.

Жртвата не смее да се тера да се помири со насилникот, без разлика на заедничките деца или имот

Се занимавате со тема што е исклучително важна – семејно насилство. Како гледате на состојбите со овој проблем кај нас во моментов? 

Проблематиката на семејното насилство, како една девијантна појава, која, за жал, е доста присутна во денешното општество, секојдневно ни покажува дека постојат пропусти на институциите во справувањето со истата.

Пропустите се појавуваат во областа на постапувањето, а од повеќе причини.

Една од причините е феноменот на малите средини, односно дека во нашата држава и во најголемите градови се познаваме сите меѓу себе, имаме пријателски и роднински врски, па непристрасноста на институциите постојано е доведена во прашање.

Исто така непознавањето на суштината на оваа материја и одење кон процес на помирување на жртвата со насилникот поради семејни врски, заеднички деца и имот е целосно погрешна, бидејќи само процесуирано семејно насилство нема да се повтори.

Освен пропустите, постојат и пречки во поглед на еволуирање и подобрување на законската регулатива, бидејќи постојат доста правни празнини, а и неусогласена судска пракса, неусогласени ставови и мислења низ судовите ширум државата , кои треба да се унифицираат и надминат.

Јавно споделување на приватни фотографии е кривично дело и тоа мора да се разбере

-Вие успеавте да добиете голема правна битка со случајот “Јавна соба”, кој доби и големо медиумско внимание. Какво беше тоа искуство и кои се поуките од тој случај? 

За жал од сите жртви на семејното насилство над 80% се жени, а освен во областа на семејното насилство, жените се жртви и на кривични дела од различни области.

Еден од тие случаи е и случајот, кој за прв пат се појави пред суд во 2020 година, во кој беше злоупотребена довербата на една жена и јавно објавени интимни фотографии, кој случај јавноста го нарече „Битолска јавна соба”.

Проблематиката на овој случај беше, за мене како професионалец, најпрво да се докаже основаноста на тужбеното барање, да се заштитат правата на жртвата, но и да се смени менталниот, општествен склоп, дека разменување на интимни содржини преку социјалните мрежи не е покана тие јавно да се објавуваат и стават на достапност на трети лица.

Мојот став беше и ден денес е дека јавно објавување на било што кое претставува општење помеѓу две или неколку индивидуи во затворени групи и односи, претставува злоупотреба на довербата, која законодавецот кој ги предвидел делата во Кривичниот Законик ја имал како идеа за општествено добро кое се заштитува.

Во денешно време, кога социјалните мрежи се составен дел на животите на сите од нас и кога претставуваат линк за размена на најразлични податоци, интимни содржини, како и медиум и средство за истакнување на сексуалноста, не смеат да се сфатат како покана за исмејување, користење на содржини од страна на тие на кои не им се наменети, како и покана за несакано приближување во интимните односи.

Како и сите други содржини, кои се адресираат преку писмо и меил адреса на конкретна личност или група и содржините на социјалните мрежи се наменети на одреден број на следбеници или пријатели, кои не смеат да ги злоупотребуваат.

-Додека правно битката беше добиена се чини дека општеството има уште многу да расте и да учи за да сфатат граѓаните и дека жртвата не е виновна и кои се опасностите од двојната виктимизација. Гледате ли напредок во менталитетот?

За жал, двојната, па и повеќекратната  виктимизација на жртвата се случува како феномен и ден денес иако во сите законски решенија и правилници изработени врз основа на Закон се апелира да не се случува.

Најчест пример за секундарна виктимизација на жртвата е кога со пристапување пред полиција и центрите за социјална работа, поттикнати од малограѓанската љубопитност на поединци им се поставуваат непотребни прашања на осуда, се исмејуваат поради определени постапки, а многу често се осудувани поради храброста на жената да не ја трпи машката доминација, која како балкански народ ни е наметнувана од раѓање.

Партиските политики треба да се истиснат од борбата против семејно насилство – за нив таа е параван

-Освен институциите, кои сѐ актери се одговорни да се вклучат во едукацијата и превенцијата?

Лично сметам, а особено од искуствата од оваа година на спроведените активности по повод 25 Ноември, Меѓународниот ден на борбата против семејното насилство и 16 дена активизам, дека на оваа проблематика не и се посветува доволно внимание. Не се работи во поглед на унапредување на пропустите и елиминирање на негативностите во справувањето со оваа појава, а како тема која е актуелна и пројавува интерес на широките народни маси, се користи за промоција на разни интереси на кои борбата против семејното насилство е параван.

Иако оваа 2023 година беше година со најмалку 5 убиства при вршење на семејно насилство (Скопје со две жртви, Куманово една, Неготино една итн..) не се вклучи аларм да се детектираат пропустите и причините за зачестување на оваа појава, не се изврши соочување со проблемите од пракса, пропустите во постапувањето и законската регулатива на глобално ниво, преку истражувања, советувања и промени во постапките, а трибините кои ги организираа различни организации и општествени структури се сведуваа на читање на статистики, повторување на веќе утврдени ставови , без критички пристап  и без донесување на заклучоци за идна акција за подобро справување со семејното насилство.

За среќа постојат многу поединци, кои во областа на своето професионално дејствување се вистински борци против семејното насилство, но, сепак, доколку не постои унифицирана активност во поглед на борбата против семејното насилство и доколку од оваа активност целосно не се истисне политиката, успешноста во справувањето со оваа појава која би го зајакнала општеството и  поставила на цврсти, цивилизирани темели, кои би биле здрава платформа за постигнување поефикасни резултати на било која власт не би била успешна.

Секој од нас треба да биде свесен дека може да биде жртва на семејно насилство, може да биде некој наш близок, наше дете и тогаш на сопствен грб да ја почувствуваме латентноста која ни одмага, а самите сме ја создале.

Мојот впечаток, како практичар е дека и при креирање на законската регулатива за постапките во кои се постапува во предмети на семејно насилство, а особено на злоупотреба на доверба, лични податоци, интимни содржини и особено при дистрибуција на истите, постојат лабилни или не постојат никакви механизми за итно постапување и спречување.

-Неодамна соопштивте дека сте биле нападната и во службени простории на институција, извршувајќи ги своите обврски како адвокат. Зошто државата не успева во својата улога да ги заштити и жртвите и борците за нив, а на сметка на тоа развива толеранција на неказнивост кон насилници? Каде е системот најслаб?  

Премногу акцентираните права на сторителот, кои не наоѓаат оправдување согласно неговите дејствија на причинување на штета индивидуално и општествено и не содејствуваат со реалните права кои треба да ги има како потенцијален сторител на кривично дело, претставуваат сериозен проблем во спречувањето на штетните последици и превенција.

Ова тврдење го имам почувствувано и на сопствен пример, кога во најмалку три случаеви за кои можам јасно да се сетам кога бев нападната од насилник, како адвокат, кој ја врши својата служба.

Последен пример беше пред некоја недела, кога во државна институција, каде што бев службено, ме нападна насилник, кој беше присутен во еден случај кој го водев пред повеќе од една година.

За жал, иако во тој предмет бев инволвирана кратко и немав никаков директен контакт со насилникот, неговата луцидна проекција дека јас како застапник на спротивната страна сум непријател се продлабочувала од причини што како потежок случај на зависник од алкохол, институциите не сакале да се инволвираат целосно при решавање на проблемот, а како што подоцна дознав не постоеја докази дека бил упатен на лечење од зависности и други психолошки третмани.

-Приказните и искуствата кои жените ги имаат со институциите кога пријавуваат насилници ги откриваат дополнително слабостите. Можете ли да споделите некои од тие примери. 

Моето искуство, како и искуствата на жените жртви, кои ги застапувам е најчесто поплака на постапувањето на поединци, кои му јавуваат на насилникот дека е пријавен, па го поучуваат да биде добар привремено со жртвата и да ја фати на емоции за да ја повлече пријавата. Исто ова се случува и со поединци пред другите органи кои се инволвирани во постапките, кои пробуваат да ги мират или латентно заплашуваат, а се со цел пријавата да биде повлечена и да не биде процесуирано.

Овде како фактор би ги спомнала и неадекватните и не стручни невладини организации, кои нудејќи помош која не оди кон заштита на жртвите уште повеќе им ја зголемуваат разочараноста во системот.

-Која е вашата порака до жртвите, до нивните семејства и околината и до институциите? 

Секоја жена жртва на семејно насилство и жртва на насилство врз жената ,треба да знае дека стравот кој го чувствува е токму она што ја прави жртва.

Секој чин на храброст, пријавување и не повлекување на пријавата, па и доколку остане во брак со насилникот допринесува насилството да не се повтори.

Иако институциите се спори и некогаш даваат чувство на безнадежност, сепак со поддршка на најблиските, професионалци од сите области кои се вистински борци против семејното насилство, како и упорноста и истрајноста , а пред се доброто информирање, допринесува да се дојде до позитивна разрешница и семејното насилство да не се повтори, а и да се намали процентуално.

Секоја жртва треба да знае дека здравјето и животот е само еден и не се повторува, а во лош однос не се останува поради децата, туку се заминува поради нив, бидејќи траумата ќе ги однесе директно во рацете на друг насилник или најстрашно , од нив ќе создаде насилници.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here