Златко Панзов, лектор: Тргнете ја политиката од образованието

Улогата на интелектуалците е да реагираат на случувањата во општеството, да бидат гласни, да ги препознаваат и критикуваат аномалиите, да не бидат во служба на политичките „елити“ понесени од ситни интереси, да не дозволуваат да бидат купувани и продавани како евтина стока.

Златко Панзов е едно блескаво име во македонистиката денес. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.

Живее во Вац, Унгарија. Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи, а познат е по силниот ангажман за промоција на македонскиот јазик и култура, преку различни активности и настани, што ги организира со многу ентузијазам и љубов, а со малку вистинска поддршка од институциите. Пред две недели тој ја доби наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик.

Разговаравме за грижата на државата за македонскиот јазик, вистинска и декларативна, за предизвиците со кои се соочуваат македонските лектори низ светот, но и за состојбите во образованието и интелектуалната заедница кај нас:

„ Не може интелектуалец да не биде засегнат од состојбите во општеството во кое живее, „да не се занимава со политика“ или „да не го интересира политика“, такво нешто не постои. Гледам и дека многу „интелектуалци“ се ставаат во служба на таквите пропагандни машинерии, наместо да ги разоткриваат и деконструираат, па затоа и сме онаму каде што сме. Намерно „интелектуалци“ ги ставив во наводници, бидејќи штом таквите ќе се стават во служба на пропагандна машинерија, се обезвреднува сето она што претходно го постигнале“,  вели Панзов.

Должност на интелектуалците е да разоткриваат, не да се ставаат во служба на пропаганда

Неодамна во Скопје Ви беше доделена наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик, за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро. Тоа е комплексен роман, таков е и преводот. Раскажете ни повеќе за искуството со преведувањето на ова дело?

Ова не е првпат да работам на толку комплексен роман. Пред десетина години работев на превод на „Книга на сеќавања“ од Петер Надаш.  

Во однос на „Заробеништво“ станува збор за роман што може да се класифицира како историографска метафикција, што уште повеќе го прави „тежок“ за превод. Во приказната на Ури се испреплетуваат многу историски настани и историски личности од времето на Римското царство, првиот век од нашата ера, се работи за историски дискурс со повремени аналогии со времето што денес го живееме.

Работата на превод на романот бараше да поминам и низ макотрпен процес на истражување, барање на соодветна лексика итн.

Многу сум среќен што беше препознаен трудот што го вложив во преводот на романот „Заробеништво“.

Што значат овие награди за Вас? 

Мислам дека наградата „Драги“ е единствена што го вреднува книжевниот превод кај нас. „Антолог“ ја препозна потребата од една ваква награда и иако без никаква финансиска поддршка од нашите институции успешно го реализираше сиот процес.

Се надевам дека во иднина ќе бидат препознаени и вреднувани нивните напори. Комисијата имала тешка работа и многу сериозно си ја завршила својата работа.

Затоа и наградата многу ми значи.

Истата практика треба да се воспостави и при доделувањето на останатите награди, реално да се проценуваат и вреднуваат делата и нивните автори, мислам општо во културата, за да се поттикне реална конкуренција и мотивација за создавање.

Сѐ треба да помине низ критичка призма за да можат да се издвојат вистинските и трајни вредности.

Тоа ќе биде добро за сите нас, за целото наше општество. 

Чувствувате ли дека Македонија доволно ја препознава и цени вашата работа? Декларативно сите власти биле големи борци за заштита и промоција на македонскиот јазик… 

Јас ја имам таа среќа да можам да споредам како вистински се препознава и цени работата на еден преведувач и како не се препознава и цени. Секако во мојот случај вистински се цени и препознава во унгарската културна средина, а во Македонија за жал не.

Кога зборуваме за заштита и промоција на македонскиот јазик, како лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, не се сеќавам на никаква конкретна помош. Сѐ останува на говори за поддршка по јубилеи и настани и многу брзо сѐ се заборава. 

Но мора и да се признае, ако за време на владеењето на најголемите „патриоти“ најмногу лекторати се затворија и платите ни беа екстремно ниски, сепак последниве години се забележува извесно подобрување во таа насока. Па дури и отворање на два нови лекторати. Сепак, далеку сме од онаа поддршка што навистина ни треба. Треба стратегија и континуирана поддршка за развој на лекторатите и промоција на македонскиот јазик.

Каква е состојбата со лекторатот по македонски јазик во Будимпешта? 

Можам да се пофалам дека лекторатот по македонски јазик во Будимпешта работи со полна пареа, секој семестар 25-30 студенти го изучуваат македонскиот јазик на сите нивоа. Веќе формирав и група од неколку студенти кои ги подготвувам за книжевен превод.

Имам огромна поддршка од Институтот за славистика и балтичка филологија во чиишто рамки функционира лекторатот. Веќе планираме подигнување на нивото на изучување на македонскиот јазик во таканаречен „минор“ што претставува последен чекор до формирање на студиска група по македонски јазик.

Од 16 до 20 октомври со проф. д-р Иштван Лукач, шеф на Катедрата за славистика на Институт за славистика и балтичка филологија, остваривме работна посета на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура каде што ги претставивме плановите за развој на македонистиката на универзитетот ЕЛТЕ.

Време е за конкретни чекори и конкретна поддршка од македонска страна.

Државата треба уште многу да стори за вистинска поддршка на македонскиот јазик

Кои ви се клучните проблеми со кои се соочувате? 

Ниски примања, низок надомест за станарина, тежок пристап до средствата наменети за патни трошоци, никаква конкретна законска регулатива за двојно оданочување што би се однесувала конкретно на лекторатите и лекторите (иако постојат билатерални договори), никаква поддршка со материјални средства за подобрување на наставата, би можел да набројувам до недоглед…

Што треба државата вистински да стори за поддршка на македонскиот јазик, особено во времиња на негова директна негација? 

Тука би одговорил што државата треба вистински да направи и што ние треба вистински да направиме како индивидуи.

Држава треба да финансира во сите институции и поединци кои работат на промоција на македонскиот јазик, литература и култура, да изнајде механизми за почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик, законски да ги заштити Катедрите за македонски јазик и македонска литература. Да им додели дипломатски статус на лекторите по македонски јазик во странство, да основа фондови за културна дипломатија, да ги задолжи нашите дипломатски претставништва во светот да создаваат тесни врски со тамошните високообразовни институции што би го отворил патот за нови лекторати. Едноставно да го прави она што го прават сите земји во светот.

А ние како поединци само треба да го користиме македонскиот стандарден јазик во секојдневната комуникација, да реагираме на сите неправилности, да го пренесуваме на нашите поколенија.

Не можам да разберам како е можно да нема учебници

Вие освен преведувач сте и професор. Знам дека е комплексно прашање, но како ја цените состојбата со образованието во Македонија? 

Сум работел како професор по македонски јазик во гимназијата „Гостивар“ од Гостивар до 2008 година. Имам многу пријатели кои се дел од образовниот систем, сите го велат истото, станаа администратори, се мачат со платформи кои не функционираат и најмалку се занимаваат со својата основна дејност. Примањата им се ниски, нивниот труд не се цени, критериумите се урнисани, а згора на тоа немаат ниту учебници, да не зборуваме за материјални средства и помагала. Проблемот со учебниците е нешто што никако не можам да го разберам. Раснев и се образував во деведесеттите кога државата транзитираше од еден систем во друг, но не паметам дека сме немале учебници, или дека сме немале свидетелства.

Чудни работи ни се случуваат во 21. век.

Чаре? 

Решението е многу едноставно. Вистински луѓе на вистински места. Оставете им на професионалците да си ја вршат својата работа. Тргнете ја политиката од образованието.

И за крај – сте имале можност и да преведувате, но и лично да другарувате со големи умови и големи имиња од литературниот свет. Која е според Вас улогата на интелектуалците во едно општество, колку е важно да се гласни за аномалиите сите кои “не се занимаваат со политика”?

За жал оние со кои што сум другарувал и другарувам биле и се на најразлични „црни листи“, но пак од друга страна затоа биле и се големи умови и големи имиња од литературниот свет.

Според мене улогата на интелектуалците е да реагираат на случувањата во општеството, да бидат гласни, да ги препознаваат и критикуваат аномалиите, да не бидат во служба на политичките „елити“ понесени од ситни интереси, да не дозволуваат да бидат купувани и продавани како евтина стока.

Не може интелектуалец да не биде засегнат од состојбите во општеството во кое живее, „да не се занимава со политика“ или „да не го интересира политика“, такво нешто не постои.

Сведоци сме дека обичниот човек многу лесно може да биде заведен од пропагандата што му ја сервираат, гледам дека многу „интелектуалци“ се ставаат во служба на таквите пропагандни машинерии, наместо да ги разоткриваат и деконструираат, па затоа и сме онаму каде што сме. Намерно „интелектуалци“ ги ставив во наводници, бидејќи штом таквите ќе се стават во служба на пропагандна машинерија, се обезвреднува сето она што претходно го постигнале.

Кој е Златко Панзов?

Златко Панзов е роден во 1979 година во Гостивар, Македонија.

Дипломирал на групата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, магистрирал на културологија на Институтот за македонска литература на тема „Исток и запад – осиромашување на човековиот дух во делата на Бела Хамваш“.

Докторанд е на Докторската школа за литература при Универзитет ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарски современ роман.

Работел како професор по македонски јазик во Гостивар, а од 2003 година активно се занимава со литературен превод.

Работи како Лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.

Живее во Вац, Унгарија.

Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи.

Преводи на дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Кристина Тот, Иштван Еркењ, Ференц Молнар, Михаљ Бабич, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш, Ѓерѓ Драгоман, Едина Сворен, Бенедек Тот, Петер Естерхази, Ноеми Киш, Ѓерѓ Шпиро и др., заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и превеле Антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“ и зборникот „За македонскиот јазик“, избор на текстови од Блаже Конески и Крсте Петков Мисирков, објавен по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески.  Зборникот е објавен во реномираната едиција Opera Slavica Budapestinensia во Linguae Slavicae на Универзитетот ЕЛТЕ.

Од 2010 година активно се занимава со организирање на културни настани.

– промоции на унгарските писатели Ѓерѓ Конрад, Ноеми Сечи, Атила Бартиш, Кристина Тот, Ѓерѓ Драгоман, Оршоја Карафиат и др.;

– концерти на унгарски изведувачи во Македонија (Дрешч Михаљ, Миклош Лукач, Лајко Феликс, Керекеш бенд и др.); и македонски изведувачи во Унгарија (Сашо Поповски трио)

– ЗУМ Унгарија, фестивал на краток унгарски филм (2013, 2014, 2015) – Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија;

– промоции на преводи на унгарски јазик од Румена Бужаровска, Лидија Димковска и Венко Андоновски во Будимпешта;

– Денови на македонска култура во Будимпешта 2019, 2020, 2021, 2022, 2023

Во Унгарија го носи љубовта. Неговата сопруга Анамарија Цинеге-Панзова на унгарски јазик ги превела Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Ненад Јолдевски, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, правела препеви на  поезија од Ацо Шопов, Блаже Конески и зборникот „За македонскиот јазик“.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here