Младата лекарка Соња Граждани чека три години да почне специјализација, а во меѓувреме работи на Клиниката за кардиохирургија. Работи рамо до рамо со специјалистите. Асистира и на операции, дури и на отворено срце, а беше дел од тимот што ја направи првата трансплантација на срце во 2020 година.
Таа е една од младите лекари и приватни специјализанти кои го кренаа својот глас и на протести бараат достоинство и да им се вреднува трудот. Соња е дел и од граѓанската сила „Замисли“ која деновиве на својата веб страница и социјалните мрежи објавува серија на интервјуа со млади лекари од Македонија коишто се осмелија јавно да проговорат за аномалиите во домашниот здравствен систем. Интервјуата се дел од пошироката акција на „Солуција“ и „Замисли“ за соочување со проблемот на вработување партиски и неквалификуван кадар во здравството, пред сѐ поради дискреционото право на партиски поставените директори на клиниките да го имаат последниот збор при вработувањето на нов кадар.
Граждани беше гостинка и во поткастот „Зошто“ на Радио Слободна Европа, каде што за проблемите на младите лекари разговараше со Сања Васиќ.
„Искрено, мислам дека дури и доцна реагиравме, не смеевме да дозволиме ова да трае толку долго. Затоа што, поголемиот дел од специјалистите што ги гледате на клиниките кога одите на преглед го имаат поминато овој пат, имаат специјализирано со приватна специјализација. И тие не добиваа никаков надоместок. Овој надоместок од 26.000 денари месечно го воведоа пред неколку години, дотогаш самите си ја плаќаа специјализацијата и искрено не знам како преживуваа. Практично, волонтираа.“, вели Граждани за Радио Слободна Европа.

Таа објаснува и дека приватен специјализант ги извршува сите лекарски обврски – прегледува пациенти, лекува, дури и оперира, а официјално не постои на клиниката, затоа што нема засновано работен однос.
Младите лекари и специјализанти на Клиниките во Скопје се револтирани не само заради платата која е речиси еднаква на минималната, туку и за другите неправди.
Соња Граждани има тримесечно бебе, но нема право на платено породилно отсуство. Специјализантите немаат ниту здравствено осигурување.
„Повеќето приватни специјализанти кога ќе се разболат не ни одат на прегледи, немаат здравствено осигурување. А даваат премногу. Немаат ни распоред колку саати треба да работат, по неколку дежурства неделно, од по 24 часа, а немаат ниту ден одмор. На свој грб ја носат целата Клиника. Не добиваат ништо, а даваат премногу.“, вели Граждани.
Дискреционото право на директорите се злоупотребува
Граждани вели дека во оваа ситуација е ризик и за пациентите затоа што лекарите специјалисти префрлаат многу работа на специјализантите, а тие практично не постојат во системот што значи и дека не можат да бидат одговорни за лекарска грешка. А грешките најчесто остануваат неказнети.
Објаснува дека сепак останала на Клиниката заради преголемата желба, но и можела да си дозволи да работи без плата, затоа што имала помош од дома. Поминала и една година во САД со Фулбрајтова стипендија, каде што се усовршувала во полето на срцевата слабост.
Таа разочарано вели дека повеќето нејзини колеги се откажуваат од својот сон, и почнуваат да работат како општи лекари, за да преживеат.
Најмногу фрустрира, вели таа, што вработувањата на клиниките се речиси сто процентно партиски, а главниот проблем тука е дискреционото право на директорот на здравствената установа да пресече при конечниот избор на кандидатот што ќе се вработи.
„Во речиси сите држави постои ова дискреционо право. Поентата е директорот, бидејќи практично тој најдобро треба да знае каков кадар ѝ е потребен на клиниката, да може да одлучи кој кандидат ќе го вработи врз основа на повеќе критериуми, како успех, бодови на тестот, но се прават и интервјуа каде што може да се види и неговиот карактер, дали е тимски играч, кооперативен и сл. Тие финеси не може да се видат преку резултатите што се само на хартија. Но, болката кај нас е што дискреционото право на големо се злоупотребува. Па, така, ќе видите дека ќе се вработат кандидати коишто може и да се последни на списокот со бодови, но имаат партиски грб.“
Соња не ја исклучува и опцијата заминување во странство за 5,6 години доколку состојбата во здравството се влоши, но верува дека ситуацијата ќе се промени ако постои желба. И дека може да се промени и преку ноќ. Како пример ги наведува Албанија и на Косово каде специјализантите се плаќаат по илјада евра месечно. Следен чекор би било зајакнување на меритократијата.
„Верувајте младите лекари многу би сакале да останат, но заминуваат поради очај“, вели д-р Соња Граждани.