„Солуција„ со голема чест ја известува јавноста дека нејзиниот сосновач и претседател Никола Димитров стана глобален член на Трилатералната комисија, меѓународна невладина организација основана во 1973 година од страна на Дејвид Рокфелер, Збигњев Бжежински и Џими Картер.
Трилатералната комисија за првпат ги отвори своите врати за член од Македонија, и како што вели Димитров, тоа го обврзува да ја искористи оваа можност за привлекување на што посилен фокус врз македонските предизвици и врз Балканот.
„Светот се менува. Македонија мора достоинствено да биде застапена на сите важни маси каде се разговара и се градат одлуки што ги засегаат и нашите граѓани“, објави Димитров на својот ФБ профил по повод неговиот избор за глобален член на Комисијата.
Трилатералната комисија пред 50 години била формирана со намера да се зајакне соработката помеѓу Европа, Северна Америка и Јапонија, а денес примарен фокус е залагањето за отворено општество и економија, владеење на правото и силна демократија.
Денеска членови се најистакнатите и докажани професионалци и лидери во областа на политиката, бизнисот и академската сфера, како Хенри Кисинџер, Џорџ Буш, Мајкл Блумберг, Сесилија Малстром, Марио Монти, Карл Билт и многу други.

„Мојата мисија во рамките на ангажманот со овие истакнати лидери ќе биде промоција и битка за македонските интереси на глобалната сцена, но и за интересите на регионот, од каде за жал не сите земји имаат свои претставници.“, додава Димитров.
Димитров деновиве престојуваше во Прага, каде што Трилатералната комисија имаше годишен состанок, којшто на крајот се заокружи со гала вечера на којашто домаќин беше претседателот на Чешка, Петр Павел.
Инаку, карактеристично за Комисијата е што нејзини членови може да бидат само поединци коишто не извршуваат актуелна државна функција.
Додека се на јавна функција нивното членство се замрзнува, како што е на пример случајот со актуелниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, актуелната премиерка на Данска, Мете Фредериксен или актуелниот советник за национална безбедност на САД, Џејк Саливан.
По престанокот на функцијата, тие повторно се дел од Комисијата.
Трилатералната комисија ја раководи извршен комитет и тројца регионални претседавачи што ги претставуваат регионите на Европа, Северна Америка и Азија – Пацифик, со седишта во Париз, Вашингтон и Токио, респективно. Актуелен претседавач со европскиот огранок е Аксел Вебер, претседател на швајцарската банкарска групација УБС (UBS). Состаноците на Комисијата се одржуваат зад затворени врати, без присуство на медиумите.
Во моментов, европската дивизија на Трилатералната комисија има 184 членови, а Никола Димитров е прв и засега единствен член од Македонија, но и од голем дел од земјите од опкружувањето како Албанија, Црна Гора, Косово, БиХ…