Коѕијас, во чие време беше постигнат Преспанскиот договор вели дека проблемот не се само нападите од противниците врз Договорот, туку и недоволниот ангажман од владите што го донесоа за негово одржување:
“Договорот е како бебе и ние не направивме доволно за да го заштитиме и растеме” порача тој особено осврнувајќи се на недоволните заеднички активности меѓу двете земји во различни области.
Тој порача до властите во двете земји дека мора да има сериозен и одговорен однос кон имплементацијата, но и дека фактот што сега политички фактори уште го оспоруваат се должи првенствено на потфрлањето на ЕУ да си ги исполни сопствените обврски кон Северна Македонија:
“Влезот во ЕУ за Северна Македонија беше ветен. И што направи ЕУ? Прво француското вето, за менување на методологијата, па потоа дојде ветото од Бугарија. Што треба ние сега? Да ѝ речеме на Бугарија – е ние вас нема никогаш да ве пуштиме во Шенген додека не го кренете ветото за Северна Македонија. Ова е добар предлог и треба да се размисли. Ама тоа ли е начин, да се фокусирам на кавги наместо на заеднички прогрес?” вели Коѕијас повторувајќи дека односот на ЕУ кон Северна Македонија, но и кон сопствените ветувања е недозволив и креира атмосфера во регион на големи, отворени проблеми дека нивното решавање е залудно.
Претседателот на “Солуција” Никола Димитров, кој како министер за надворешни работи на Македонија, заедно со Коѕијас го постигна Договорот испрати еднаква порака дека ако ЕУ сака да биде сериозен геополитички играч мора да го прекине процесот на меѓусебни блокирања со користење на реторика од 19 век, како што тоа го прави сега Бугарија со нас:
“Некој ме праша неодамна зошто вие на Балканот само создавате проблеми, не решавате? Им реков – е па еден решивме. И што направивте вие како ЕУ? Катастрофална стратешка грешка со продолжување на агонијата и блокади за македонските евроатлантски интеграции. Сосема ги разбирам македонските граѓани кои со право се сомневаат дали ЕУ е сериозна во однос на проширувањето” порача Димитров.