Македонските граѓани се согласни дека корупцијата е голем општествен проблем и дека нејзината сеприсутност и неказнивост имаат деструктивно влијание врз општеството. Вака се изразија најголем дел од испитаниците во анкетата што „Солуција“ ја спроведе на почетокот од годинава, односно, заедно со ниските приходи и криминалот, ја истакнаа корупцијата како најголем проблем со коишто се соочува Македонија.
Во испитувањето на фокус групи пак околу перцепцијата за корупцијата, Институтот за демократија заклучи дека за граѓаните главна асоцијација за корупција претставува високата корупција, иако нивното директно искуство е во доменот на ситната корупција. Она што е по малку разочарувачки од ова истражување е што повеќето од учесниците сметаат дека пријавувањето на корупцијата е бесполезно, бидејќи не очекуваат дека случаите на корупција ќе бидат соодветно истражени и санкционирани. Повеќето се плашат од последици, а некои и се соочиле со последици при пријавување на корупција.
Дека треба да бидат упорни во борбата против корупцијата и дека треба пред сѐ да го стават јавното добро, својот интегритет и интегритетот на институцијата за која ќе работат, пред личната корист, беше токму една од пораките што на студентите од Правниот факултет деновиве им ја испратија поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, и јавната обвинителка Ленче Ристоска, дефинитивно едни од најповиканите личности во државава што може да говорат на оваа тема.
„Корупцијата наједноставно кажано е злоупотреба на службената положба, заради стекнување на некаква лична корист. Корупцијата е како танго, за неа се потребни двајца: еден што нуди пари или услуга, друг што бара пари или услуга.“, им објасни сликовито Ивановска на младите слушатели што значи корупцијата, на дебатата со наслов „Препознавање на корупцијата: стратегии за градење отпорност и интегритет“, организирана од Македонско-американската алумни асоцијација (МААА).

Обвинителката Ленче Ристоска се надоврза, пак, со, како што рече, своја дефиниција за корупцијата, поучена од досегашното искуство: „ Корупцијата е двостран, доброволен однос, каде што едната страна има овластувања, што ги искористува, за да прибави за себе корист на противзаконски начин. Корупцијата не се однесува само на јавниот сектор, на државните функционери, иако најчесто ја поврзуваме со нив. Овластувања имаат голем број на лица во државните, но и во приватните организации, од најдолните хиерархиски нивоа, па сѐ до врвот.“
Таа им даде еден сликовит пример на студентите: “Кај нас е обичај откако ќе се одбрани дипломска, магистратура и сл., да се почести комисијата со некој поскап пијалак или друг подарок што сметаме дека е прикладен. Дали е ова корупција? Во суштина не е, туку се смета како знак на благодарност. Но, доколку лекар, на пример, ви каже дека вашата или хируршката интервенција на некој ваш близок може да се забрза доколку дадете одреден износ пари, скап часовник или друго материјално добро, тоа е веќе класична корупција. И не мора да се секогаш пари во прашање. На пример, универзитетски професор има сознание дека родителот на некој студент е влијателен политичар или судија, и намерно не го пушта да положи кај него испит, сѐ додека родителот не му направи некаква услуга.“
Поранешната претседателка на ДКСК, пак, истакна дека убедливо најмногу корупција се јавува во делот на вработувањата.
„ Секој сака да си обезбеди егзистенција и тука почнува нашата сага во општеството. Тука се користат сите можни средства и честопати луѓе коишто не ја заслужуваат позицијата добиваат работно место, но поради тоа што одработиле за партијата, непотизам и сл., а не поради личните квалитети и квалификации. Во делот на вработувањата во државните институции, но неретко и во приватниот сектор, политичкото влијание е најголемо, па имаме ситуации тој што го вработиле преку партија да не го почитува директниот претпоставен, велејќи дека одговара само пред партијата, односно лидерот, затоа што тие и го вработиле всушност. Понатаму, корупцијата е најприсутна и кај јавните набавки и кај правосудството, како сектори со најголеми ризици за корупција.“, објасни Ивановска.
Таа ги посочи и ризик факторите кај овие сектори:
-Силно политичко влијание.
-Принципот на неказнивост. „И сѐ да е гнило во државата, доколку судиите казнуваат како што налага законот, секој би се замислил дали му се исплати корупцијата.“
-Отсуство на транспарентност. „Имам порака до вас младите, вие сѐ уште не сте стигнале да го извалкате вашиот интегритет и затоа ја имате моќта и цврстината да го зачувате интегритетот на ова општество со тоа што ќе речете ‘не за корупцијата!’“.
Стана нормално да се искористува политичката моќ за трговија со влијание, непотизам и корупција
Учесничките на панелот истакнаа дека страшното во целата оваа ситуација е што стана нормално да се искористува политичката моќ. Па, имаме ситуации каде што дете на политичар ќе ви рече, „па јас не смеам ли да се вработам“, или “не смеам ли да имам бизнис ако родителот ми е на функција“.
„Да, не смееш доколку користиш трговија со влијание, искористување на политичката моќ и корупција“, категорична беше обвинителката Ристоска.
Таа додаде и дека непотизмот, односно злоупотребата на службените овластувања заради вработувања или поставувања на разни позиции на блиски роднини, пријатели и сл., за разлика од трговијата со влијание не е криминализирана категорија.
„Многу е тешко да откриете корупција кога тој што донесува одлука за вработување, на пример, има дискрециони овластувања, како директорите на клиниките и некои други институции. Кронизмот, е сличен на непотизмот, само што се однесува на вработувања или поставување на одредени позиции на блиски соработници од партија, партиски членови и сл. За трговијата со влијание почна да се зборува кај нас откако јас јавно почнав да кажувам дека тоа е најголемиот проблем во правосудството. Што се однесува до корупцијата во правосудството, вие можеби нема да најдете којзнае колку богати судии или обвинители, но ќе најдете дека на голем дел од нив блиските им се вработени сите на добри места, децата им користат стипендии за студирање во странство и други привилегии. Трговијата со влијание е еден од најеклатантните примери на корупција.“, објасни Ристоска.