Почитувани читатели, оваа рубрика ви е посветена вам – да си ги споделите проблемите што ги имате со институциите и системот, во вашиот личен живот или во професијата. Доколку имате мака што сакате да ја споделите контактирајте го тимот на наши новинари на info@solucija.mk
……………………………………………………………………………………………………………………………………………………
-Митко, Вие сте лекар. Раскажете ни за Вашата работа. Што е она што како професионалец ви претставува најголем проблем во практикувањето на Вашата професија во Македонија?
Дозволете да бидам подолг и да почнам од почетокот на кариерата. Со работа почнав волонтерски во 2004 година на Хируршкото одделение при општа болница – Струмица (како моја најголема љубов). Таму волонтирав со успех и бев одлично прифатен од колегите хирурзи. Иако имаше потреба од вработувања наидов на првите партиско – политички сопки, со образложение дека министерот за финансии тогаш не одобрува нови вработувања. Се вработив во Брзата помош при ЈЗУ Здравствен дом Струмица со договор на дело.
Ова беше всушност првата неправда со системот. Договор на дело значеше злоупотреба на работна сила. Земавме хонорар како минимална плата, без никакви додатоци за работа на празници и дежурства секоја четврта ноќ и уште потрагично – без здравствено или пензиско осигурување.
Во тој момент си млад, со елан и желба за докажување, па финансиите ги ставаш на последно место со надеж дека ќе се подобрат нештата. Јас иако уште тогаш имав убави понуди за работа во странство се решив сепак овде во нашата држава да си се докажувам и да се посветам.
Ова траеше веќе 3 години, па на крајот од 2007 кога се распиша дополнителна концесија во здравствениот дом во Општина Ново Село и бидејќи уште тогаш имаше недостаток од доктори јас како единствен конкурент успеав да ја добијам концесијата.
Уште тогаш имав понуди од политичките партии (и од обете, секоја во свое време) кои ми велеа да се зачленам ако сакам да се вработам и да добијам специјализација. Факт присутен и ден денеска.
Од тогаш на почетокот морав макотрпно да се докажуваш дека ја заслужувам дипломата и професијата, па така успеав како фирма поединец, заедно со медицинската сестра да се избориме со трошоците и предизвиците со кои се судривме во тие први години. До ден денешен работам во истата ординација соочувајќи се со разноразните предизвици како со системот така и со проблемите на пациентите бидејќи ние во Ново Село како оддалечено место од Општина Струмица, без редовна брза помош и болница за прифаќање на итните случаи, ние сме првите на удар и се соочуваме со секакви итни пациенти (од типот на повреди од сообраќајки, несреќи при работа, мозочни и срцеви удари, алергиски реакции и сите животозагрозувачки повреди, честопати и надвор од работното време, дури и навечер па и викенди и празници без тоа некој да ни го евалуира и исплати, како што е секаде во Европа.
-Посочете ни конкретни системски проблеми во секојдневната работа што ви го комплицираат функционирањето?
На пример – неосновани и банални казни и бирократија. Наместо државата да изнајде стимулирачки мерки за да опстојат тие мали амбуланти во мали места (особено тоа важи за селските амбуланти и оние општини каде нема брза помош) таа казнува ако на пример ти издадеш рецепт за некој лек ако важноста на извештајот малку поминала, или ако лекот што си го издал бил препишан од “несоодветен специјалист” иако здравствената состојба на пациентот е од тој карактер да пациентот си има реална потреба од лекот или пак здравствените домови или болници немаат или недостасуваат соодветни специјалисти, па пациентот кога ќе се отиде на дежурство лекот наместо психијатар може да го препише и невролог затоа што тој бил само таму и кога ќе се врати пациентот со извештајот кај мене јас сум должен да му издадам лекот на пациентот бидејќи тој има реална потреба веднаш да почне со земањето на таа терапија.
Е што вика тука бирократскиот систем: Вие не смеете да го препишете лекот ако лекот е од несоодветен специјалист или ако важноста на извештајот поминала една година. Чиниш лекарот што го препишал не знае што дава на пациентот или пак хроничната терапија ќе заврши со година дена па пациентот не смее да ја прима повеќе. Оваа се чисто бирократски мерки создадени за да се најде начин да се казнат матичните лекари. Јас лично во три наврати бев казнуван од тие причини со огромни суми на пари за наши услови иако лекот чини на пример 500 денари, Фондот те казнува со 15.000 или повеќе зависно од капитацијата колку ви изнесува.
Овде не се работи за никаква медицинска грешка за да бидеме казнувани за тоа. На моите жалби и образложенија зашто сум го издал лекот тие се глуви. Јас мислам дека Фондот не ги ни чита жалбите туку се одбиваат како неосновани и се држат за наметнатите бирократски правила според членовите кои ги имаме во договорите.
Е тука се судруваме пак со фалинките во системот.
Затоа што Фондот е монопол и немаме друга можност да избереме со кого да потпишеме договор ние сме обврзани да го потпишеме и тој договор што е полн со вакви казнени клаузули на наша штета.
Од кога се случи хакирањето на интернет страницата на ФЗО секојдневно имаме проблеми во работата со порталот (не можеме да се најавиме на истиот, не можеме да запишеме пациент ако дојде или пак не можеме да му издадеме потврди за ортопедски помагала.
Кој одговараше од вработените во ФЗО за овој скандал со хакираната страница? Се казни ли некој или си даде ли некој оставка? Се разбира дека НЕ!

-Значи и неказнивоста и немањето на одговорност Ви пречи, за големите скандали нема виновници, а за ситните казни државата е супер ефикасна?
Ова е еден од главните проблеми и дестимулирачки фактори за денес еден млад лекар се одлучи да работи како матичен или пак да отвори сопствена ординација или да зема концесија под закуп во здравствените домови.
Никој од младите не се гледа како матичен лекар да работи цел живот бидејќи проблемите и одговорностите со кои се соочуваме се многубројни. Како што кажав погоре ФЗО наместо да наградува за тоа што ја вршиме работата и на дежурната служба во малите места, тие казнуваат и нормално кај секој здраворазумен човек се создава револт и разочарување од системот и од политиката.
Замислете во екот на пандемијата со Ковид – 19 како работевме ние особено во малите места. Сите Ковид пациенти беа во нашите амбуланти (за разлика од сите други држави каде се формираа Ковид амбуланти и не смееја да се мешаат болните со другите пациенти) поради што сите ние се испоразболевме, многумина поминаа со трајни последици по здравјето (за жал некои колеги платија и со живот) и наместо сето тоа државата да го награди како што секаде во светот докторите добија бонус кај нас тие половина и повеќе ординации се испоказнија за горенаведените бирократски баналности.
Како ти да продолжиш понатака? Со кој стимул и со кој елан за работа?
Додека судство, обвинителството, администрацијата, политичарите и пратениците си ги покачуваат платите во повеќе наврати и за огромни проценти, нас матичните не’ “задоволија” само со скромни 12 денари по капитационен бод од пациент… (од 63 денари на 75).
Со тие пари само инфлацијата не можеме да ја покриеме, а не пак да зборуваме за некоја достоинствена плата за трудот, ризикот и посветеноста.
Знаете ли дека пола Македонија ни се исели, дека ординациите во малите места остануваат нерентабилни и една по една се затвараат поради емиграцијата на населението во тие места.
Дека околу 500 ординации се затворени во тие места од почетокот на приватизацијата во 2006 година!? Дека денар не е вложено од страна на здравствените домови под кој се концесионерите во текот на овие 18 години, па така тие се доведени на ниво на руинирање иако уредно се плаќаат кирии редовно за одржување на истите!?
Најтрагично е што државата не изнајде механизам, а гледам дека ниту пројавува интерес како да го задржи кадарот во тие места и како и на тој народ што е останат таму да добива и понатаму здравствена грижа бидејќи сите сме еднакви пред уставот нели? Со масовното иселување на населението тенденцијата да се затвараат ќе продолжи и понатаму ако не донесе државата итни стимулативни мерки како да го задржи медицинскиот кадар во тие места. Да не се прашуваме после зашто народот се иселува и зашто младите не ја гледаат перспективата дома.
Ужасно тешко е кога на пациентот треба да му кажеш дека некој лек е подобар, ама е на приватно
-На што најмногу се жалат пациентите?
Како што сега смогна сили и јавно призна актуелниот министер дека здравството е на шкрги, така и јас слободно можам да констатирам дека навистина здравството е доведено во ситуација на колапс, а тоа е состојба пред кома каде што само вегетирате, а не вршите никаква функција.
На што ја должам мојата констатација: првенствено на секојдневните изјави на пациентите кои се соочуваат со разноразни проблеми по клиниките и болниците низ државава од типот на недостаток на термини кај одредени лекари и дијагностички апарати, немањето лекови и терапии за одредени состојби па пациентите се приморани сами да си ги купуваат, да не набројувам дека веќе сите нови лекови се на приватно, иако редовно плаќаме здравствено осигурување…
Веројатно поради немањето пари Фондот за таа намена позитивната листа на лекови не е ревидирана веќе долги години, додека во една Хрватска, Србија, Словенија, а да не зборуваме за западните држави секој нов лек кој е со доказ на ниво А во делувањето за одредена болест веднаш е на позитивна листа и пациентот не го плаќа од сопствен џеб како кај нас. Тоа е и главниот проблем со кој се соочуваме во односот лекар-пациент кога ќе дојде време да му го дадеш лекот на пациентот по најновите препораки и на СЗО и на МБД (медицина базирана на докази) па или пациентот не може да го земе или ќе си се оплакува како многу му е скап лекот. Во западните земји (каде што сум присуствувал на многу работилници, семинари и конгреси) докторот не се оптоварува со објаснување на пациентот како тој лек е подобар, ама е на приватно, како бркање на термини и играње на брзи прсти за некои институции и остварување на правата на пациентот. Ние со тие проблеми се соочуваме секојдневно и тоа е ужасно!

-Наброивте крупни и комплексни проблеми. Има ли воопшто чаре и спас за јавното здравство?
Е сега тоа е прашањето – како до подобро здравство или има ли чаре за нашето јавно здравство? Апсолутно дека не постои магично стапче како да се решат овие проблеми што веќе со децении, а не со години се таложат. Но, прво треба да постои политичка волја и желба (а досега никој ја немаше) за да закрепне постепено јавното здравство. Не мора да земаме примери од западот за нешто да направиме подобро. Еве ни одличен пример во функционирањето и менаџирањето на приватните болници (Систина, Жан Митрев, Ремедика и ред други приватни болници).
Да се запрашаме убаво – како можат тие да работат со огромен профит и покрај високите плати на медицинскиот персонал и нова апаратура и нови згради и инвентар, а државните болници со секоја година да тонат се’ подлабоко и подлабоко во долгови и покрај катастрофалните услови за лекување на пациентите и работа на колегите?
Зашто се измислија економски директори кои уште толку ги задолжија болниците наместо да се спроведе суштинска реформа на истите? Каде е тука одговорноста на тие што ги поставија, па и на самите економски директори за тоа што не сработиле успешно?
Или банални казни ќе добиваме само ние приватните ординации кои целиот товар и социјален мир го носиме на нашите плеќи иако сме во состојба на прегорување и од гужви и од секојдневно соочување со проблемите во системот!?
Државата ако сака да го реши проблемот треба прво како приоритет да направи модерни нови болници, модерни здравствени домови и секако модерен клинички центар. Како е можно за се друго да има пари и приоритети, а за нов клинички центар, нова позитивна листа на лекови или покачување на плати на медицинскиот персонал и создавање на подобри услови на работа да нема? Се’ е до приоритетите нели? Дваесет години градиме Клинички центар, никако да го изградиме, а се изнаплаќавме пенали? Кој понесе одговорност за тоа до сега? Никој! Е затоа младите ни се иселуваат, затоа младите, вредните, успешните, непартиските доктори ни заминуваат или во приватните болници или во странство, затоа секој ден ќе гледаме молби за нови цитостатици, трикафти, биолошки терапии, скапи лекови на негативна листа и што уште не ( а ќе повторам – плаќаме задолжително здравствено осигурување за иронијата да биде уште поголема, нели!?).