Лицата со попреченост на протест пред Владата: ако може 78% зголемување за функционерите, може и за нашите потреби

Најранливите категории граѓани излегоа денеска на протест пред Владата со повеќе барања за зголемување на надоместоците за попреченост и останатите социјални трансфери. „Ако може 78% зголемување за функционерите, може и за нашите потреби“, порачаа тие.

Под слоганот „78% социјална правда“ денеска пред Владата се одржа протест на коалицијата „Менуваме“, составена од повеќе здруженија на лица со попреченост од земјава.

Претставници на здруженијата го искажаа својот револт, од како што кажаа, “долгогодишната индиферентност на државните институции за нивните потреби и тешкотии“, што ги натерало на ваков чекор, со гласен крик да побараат подобар третман и социјална правда.

Бројката од 78% се однесува на покачувањето што го добија неодамна избраните и именуваните функционери во државава, па токму поради тоа заложбата на организаторите на протестот е дека „ако има 78% за покачување на нивните плати, тогаш ќе има  и 78% за покачување на социјалната помош, надоместокот за попреченост, пензиите и останатите социјални категории“.

„Сакаме похумано општество со почитување на различностите“, „Селективната правда е најголема неправда“, “Социјална правда, 78% без дискриминација“, беа дел од написите на транспарентите што ги носеа денеска протестирачите.

Најранливите категории граѓани упатија повеќе конкретни барања до централните и локалните власти:

Барање до Министерството за труд и социјална политика

-Додатокот за попреченост за деца и возрасни да се покачи за 78%;

-Личната асистенција за лица со попреченост да се зголеми од 80 часа на 160 часа месечно;

-За родителите на деца со попреченост кои работат четири часа, остатокот од платата којшто државата го покрива да биде согласно примањата, а не согласно просечната плата.

Барање до Министерството за правда

-Формирање на институција Народен правобранител за лица со попреченост;

Барање до Министерството за образование

-78% повеќе образовни асистенти за деца со попреченост;

-78% повеќе пристапна програма адаптирана по мерка на детето со попреченост;

-78% повеќе стручни тимови за деца со попреченост  во образовните институции

Барање до Министерството за здравство

-Ортопедските помагала (паметното стапче, мерачот за шеќер, мерачот за крвен притисок, топломерот) за лицата со оштетен вид, веднаш да влезат во програмата на Министерството за здравство во првите две години додека се вметне на товар на Фондот за здравство

-Формирање на велнес рехабилитациони центри за деца и лица со попреченост.

Барање до локалните власти

-Пристапни детски игралишта; Пристапни паркинзи за лица со попреченост; Пристапни пешачки патеки за лица со попречен вид и телесна попреченост; Пристапни патеки за лица со оштетен вид и телесна попреченост; Пристапен јавен превоз за лица со попреченост; Говорни семафори за лица со оштетен вид.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here