Експертска дебата во „Солуција“: Правдата не смее да биде жртва на „повисоки цели“

Секој треба да одговара соодветно за кривичното дело што го направил, а особено високите државни функционери кога се фатени во корупција и друга злоупотреба на службената должност. Не смееме да го поминеме прагот на неказнивоста и само така може пополека да се враќа урнатата доверба во македонското правосудство, беа дел од заклучоците на дебатата „До правда преку неправда: зошто правосудството е дежурна жртва на ‘повисоките цели’“, што ја организираше Солуција деновиве.

Дали граѓаните на една држава треба да го спознаат името на правдата преку неправдата, се прашувал некогаш одамна античкиот филозоф Хераклит, а овие негови зборови совршено ги искористи пензионираната судијка во Врховниот суд Вера Коцо на панел – дискусијата организирана од „Солуција“, сакајќи да го отслика она што денес е контекст во македонското општество, после сите случувања во правосудството години наназад, кулминирајќи со превирањата во Судскиот совет неодамна и најновите промени во Кривичниот законик донесени буквално преку ноќ.

„За жал, кај нас токму тоа се случи. Односно, се случија многу настани што фрлија темна сенка на она што значи правда и владеење на правото. Како на пример, фактот што високи државни функционери, но и претставници на судската власт, не успеаја да се справат со своите субјективни слабости, со одредени коруптивни и лукративни побуди за задоволување на лични интереси, а притоа занемарувајќи што значи правда за граѓаните, што значи развој на демократски процеси во една држава, го занемарија и јавниот интерес, и секако, благосостојбата на граѓаните“, рече Коцо.

Таа повика на одговорност, сериозност  и внимателност кај сите три столба на власта во државата – законодавната, извршната и судската – како при донесувањето на законите, така и при нивно имплементирање.

Вера Коцо, поранешна судијка во Врховниот суд: „Државни функционери, но и претставници на судската власт, не успеаја да се справат со своите субјективни слабости, со одредени коруптивни и лукративни побуди за задоволување на лични интереси, а притоа занемарувајќи што значи правда за граѓаните, што значи развој на демократски процеси во една држава, го занемарија и јавниот интерес, и секако, благосостојбата на граѓаните“

„Само сериозни и издржани закони можат да бидат применливи, а од друга страна, судската власт мора таквите закони правилно да ги имплементира. Сериозност во имплементацијата на законите мора да постои. Законите се читаат до крај и законските одредби се толкуваат на соодветен начин, а не се преоѓа преку нив. Судските одлуки кога ќе станат правосилни се задолжителни за сите,  и се неприкосновени. Само на тој начин ќе се избориме за повисока доверба кон целокупната државна власт, не само кон судската“, истакна судијката Коцо.

Власта не го гласа законот што самата го предлага

А колку се сериозни и издржани законските решенија што ги носат власта и парламентот видовме пред месец – два, со донесувањето на промените во Кривичниот законик (КЗ), истуркани и изгласани за два дена, без поширока дебата, на крајно нетранспарентен начин. Овие промени во КЗ ја кренаа на нозе јавноста поради де факто амнестијата што им ја донесоа на високо-профилните осудени или судски гонети функционери, претежно од поранешната владејачката гарнитура, и исто такви придобивки за евентуално гонетите функционери од актуелната власт во иднина.

Министерот за правда Кренар Лога се огради од овие промени на КЗ, па битката за нив во парламентот и дебатите потоа ја водеше неговата заменичка, а тој беше фокусиран на една друга законска промена, односно новиот предлог – закон за амнестија. Со овој закон од македонските затвори веднаш би требало да излезат на слобода околу 250 осуденици што се осудени на кратки затворски казни до 6 месеци, а околу 800 затвореници или осудени лица би добиле намалување на казната за 30%. Предлог-законот министерот Лога го правдаше со пренатрупаноста на македонските затвори и мизерните услови за престој во нив, во што и самиот лично се увери при посетата на КПЗ Идризово.

Предлог – законот за амнестија вчера не помина во Собранието, иако предлагач е Владата, односно Министерството за правда кое го води Лога, кадар на Алијанса за Албанците. Лога изјави дека е убеден оти негласањето на предлог-законот од страна на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е практично одмазда поради тоа што неговата партија не гласаше за измените на Кривичниот законик.  

Но, ниту амнестијата е долгорочно решение за проблемот со пренатрупаноста на затворите, како што ниту промените во КЗ ќе придонесат за поголема правда и правичност во македонското општество, велат стручњаците.

Подиспразнување на затворите во земјава најефикасно и најефективно ќе се случи преку алтернативните казнени мерки, коишто досега малку се пропишуваат од страна на судовите, истакна втората учесничка на панелот, судијката во Основниот кривичен суд – Скопје, Билјана Коцевска. Таа објасни дека постојат четири основни вида алтернативни мерки на затворската казна: условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа и условен отпуст.

Не сите осудени мора да одат во затвор, но најкрупните „ѕверки“ секако

„Имаме начин како да ги имплементираме овие мерки, односно има кој да врши надзор над извршувањето на истите. Законот за пробација што нив ги предвидува е донесен во 2015, стапи на сила во 2016, а почна да се применува во пракса од 2018 година.  Но, за жал, иако од година во година бројот на пробациски предмети расте, тие сѐ уште релативно малку се користат од страна на македонските судови, особено во помалите градови“, рече Коцевска.

Таа објасни дека алтернативните мерки на затворската казна обично се изрекуваат за полесни кривични дела, како поситни или покрупни  кражби, поседување или препродавање мали количества дрога, итн.

„Дали ќе се досуди некоја од алтернативните казни одлучува судијата. Но, поединечно, за секој случај, се прави проценка во консултација со пробациските службеници кои имаат посебни канцеларии во судот. А, ако осуденото лице не се придржува до обврските од алтернативната мерка, таа секогаш може да се преиначи во затворска казна“, објасни Коцевска.

Билјана Коцевска, судијка во Основниот кривичен суд – Скопје: „Амнестијата не е долгорочно решение за проблемот со пренатрупаноста на затворите, туку поефикасен и поефективен метод се алтнернативните казнени мерки, кои законски може да се пропишат за полесни кривични дела за коишто е пропишана покуса затворска казна, но за жал, малку се применуваат од судовите, особено во помалите градови“.

Самата пробација, додаде таа, всушност значи воспоставување ефикасен систем на санкции и заштитни механизми кои придонесуваат кон намалување на криминалитетот, зголемување на заштитата на општеството, на јавната безбедност, како и кон ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.

„Затоа што, како ќе ресоцијализирате вие човек што има проблеми со дрогата, ако го ставите во затвор? Или некој што извршува ситни кражби со објаснение дека не може да најде работа и нема друг начин за да преживее. Но, ако пропишете задолжително лекување и рехабилитација на зависникот од дрога, и општо корисна работа, со можност за подоцнежно вработување на овој вториот случај, вие ќе им помогнете на овие лица да се интегрираат во општеството“, истакна судијката Коцевска.

Како добар пример за успешно функционирање на пробацијата, таа ги истакна осудените за прекршување на ковид-протоколите за време на пандемијата, коишто немале 1000 до 2000 евра за да ја платат казната. Според проценките, само во Скопје ги има околу 500. Коцевска, која како едукаторка предава за пробацијата на Академијата за судии и јавни обвинители и се залага за зголемување на информираноста и свесноста за постоењето и бенефитите од алтернативните казнени мерки, вели дека „тие не го сториле кривичното дело со намера да шират заразна болест, туку повеќе како општествено неодговорни личности, или пак биле приморани под најразлични околности“.

„И затоа сметав дека со изрекувањето на општокорисна работа треба да дадат свој придонес во општеството.  На млада девојка која го сторила ова кривично дело, а била студент и живеела со самохрана мајка,  ѝ изреков општокорисна работа, внимавајќи согласно законот за пробација и степенот на образование и познавање, и таа беше упатена на работа во корист на државата без надоместок, во Зоолошка градина. И се покажала толку добра, што на крајот таму ја примиле на работа.“

Поранешната судијка во Врховниот суд, Вера Коцо, се согласува со тоа дека треба да се применуваат мерките на пробација, секако ако се работи за помалку општествено опасни и тешки кривични дела.

„Ние во изминатиов период се соочуваме со општествено опасни тешки кривични дела. Прашањето е дали оние што заслужуваат да одат во затвор треба да одат или оние што не заслужуваат можат да бидат условно осудени. И јас се согласувам дека мора да се внимава при секој случај да ја имаме предвид и правичноста. Не само примената на правото, туку и правичноста за конкретен индивидуален случај. Судијата ќе ги има сите докази и околности предвид и ќе оцени дали е потребна алтернативна мерка или е потребен затвор, не заради тоа да го казниме и драконски да се однесуваме кон сторителот, туку, наједноставно, јавноста да сфати дека во државата постои казнивост. Особено, пак ќе повторам, во случајот на тешки кривични дела сторени од високи државни функционери, претставници на сите три столба на власта. Тешки кривични дела каде што јавноста е многу заинтересирана дали тој сторител ќе ја добие заслужената казна. Не можеме да го поминеме прагот на неказнивост.“, категорична е судијката Коцо.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here