Дебата: Ќе има ли сè уште млади кога ќе влеземе во ЕУ?

Какви се перспективите на младите додека Северна Македонија чека на преговорите со ЕУ и дали очајот и безнадежноста ќе ја испразнат земјава додека конечно стане членка на посакуваниот европски клуб? На ова дебатирајќи со младите пробуваа да одговорат претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, австрискиот амбасадор Георг Вуцас и Блажен Малески од RYCO, на настан организиран од Клубот Алпбах Македонија.

Поминаа повеќе од 17 години откако Северна Македонија доби кандидатски статус за членство во Европската унија, а како што се одвиваат нештата во моментов, прашање е и дали следните 17 години земјава конечно ќе стане членка на големото европско семејство. Државата е заглавена во процесот пред се’ поради непринципиелноста на ЕУ кога се во прашање критериумите за отпочнување на преговорите, па билатералниот спор помеѓу Северна Македонија и Бугарија се испречи на патот, што никако не е европска вредност.

На македонските граѓани веќе им е смачено да се чувствуваат како да се пред вратата на некој елитен клуб, каде што никако не ги пуштаат да влезат. Токму ова на симболичен начин во својот краток  филм „The Golder Ribbon Society“ го прикажал  младиот македонски режисер Максим Никифоровски. Главната хероина, млада девојка, очајно посакува да се зачлени во некакво мистериозно елитистичко друштво, и за тоа како влезница ја  користи златната лента, знакот на распознавање за членовите,  којашто случајно ѝ паѓа в раце. Меѓутоа, пред неа е предизвикот да одговори на секакви невозможни прашања од членовите на клубот или пак да направи нешта со коишто ќе го загуби своето јас.

За време на проекцијата на филмот деновиве во рамки на настанот „Перспективи на младите за ЕУ интеграциите на  Северна Македонија“, организиран од Клубот Алпбах Македонија  во Europe House Skopje, Никифоровски, инаку практикант во Европската комисија, објасни дека мотивот за филмот бил да опише дека тоа што го доживува младата хероина, постојано ги следи сите не-ЕУ граѓани додека чекаат конечно и тие да се приклучат кон “клубот на златната лента“, каде што животниот стандард е подобар и  владеат демократијата и правото.

Но, за некои, како македонските граѓани, тоа чекање станува навистина предолго и мачно, па голем дел од нив ја напуштија веќе земјава, трајно или привремено. Статистичкото биро на ЕУ, Еуростат, пресметало дека досега сме „загубиле“ околу 460 илјади граѓани, претежно млади луѓе. Преку 180 илјади сега се веќе државјани на некоја земја од ЕУ, додека 280 илјади имаат дозвола за престој и работа.

Димитров: Ако не направиме реформи дома, одливот на луѓе само ќе се зголеми кога ќе влеземе во ЕУ

Како што тргнало, човек да се праша, дали ќе останат воопшто млади луѓе кога Македонија ќе стане членка на ЕУ? На ова прашање дискутираа тројца панелисти во рамки на настанот на Клубот Алпбах, австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас, претседателот на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, Никола Димитров и Блажен Малески, претставник од земјава во RYCO, Канцеларијата на регионалната младинска соработка.

Димитров, потенцирајќи ги поразителните бројки за иселувањата од државава, рече дека ова е огромен предизвик и нема лесно решение.

„Мислам дека најдоброто што може да го направиме е овие миграциски движења да станат циркуларни. Одиш да учиш надвор, или да се усовршуваш, и потоа се враќаш дома. Но, доколку дома не ги направиме потребните реформи, само ќе се зголеми одливот на квалификувани луѓе од Македонија во моментот кога ќе влеземе во ЕУ, кога и да се случи тоа. Бидејќи тогаш македонскиот пасош ќе ви даде целосна слобода да одите каде сакате и да работите. “, рече Димитров.

Тој истакна дека една од неговите големи цели на којашто е посветен со „Солуција“ е борбата против корупцијата и клиентелизмот.  

„Едноставно не верувам дека институциите може да бидат функционални доколку сите менаџери се поставуваат од владејачките партии. Затоа имаме слаби училишта, слаби болници, слаби судови, слаби обвинителства. Ни треба подобар систем. Младите не заминуваат само поради економскиот стандард, туку поради сето она што не чини во општеството. Мораме да ги притиснеме партиите, ние како граѓанска сила, затоа што тие ги сакаат нашите гласови, тие сакаат подобар резултат на изборите.“

Австриски амбасадор: Мисијата можеби е амбициозна, но не е невозможна

Австрискиот амбасадор Вуцас на прашањето од модераторот дали влегувањето на Северна Македонија во ЕУ некако станува невозможна мисија, со оглед на сите околности, одговори дека не би требало да е така.

„Австрија имаше пет години преговори, Хрватска шест, зошто за вас да биде mission impossible? Имавме и ние предизвици на патот, не беше лесно. Но, компромиси мора да има, затоа што се приклучувате на клуб. Добивате ‘златна лента’, но делите и заеднички интереси и вредности со останатите членки. “

Тој додаде дека 2030 можеби изгледа како амбициозна цел, но не е невозможна.

На ова Димитров реплицираше дека сега веќе не е прашањето кога ние ќе бидеме подготвени за во ЕУ, туку и кога ЕУ ќе биде подготвена за проширување.

„Австрија е подготвена, многу други се подготвени, но начинот на којшто се носат одлуките го прави процесот навистина комплициран, несигурен и непредвидлив. Претходно имаше голем ентузијазам за обединување на континентот, после падот на Берлинскиот ѕид, па големото проширување од 2004, итн. Тоа повеќе не е случај. Најдолгиот процес на пристапување беше оној на Хрватска, речиси седум години. Сега ги имаме Србија и Црна Гора, веќе 10 години отвораат поглавја, а крајот е навистина далеку, процесот е заглавен. Процесот треба да се води според мерит систем, но во нашиот случај, не е така. Би било разбирливо ако мојата земја е блокирана поради корупцијата. Или поради загрозување на слободата на медиумите, но ние сме блокирани поради нешто што не е баш европско, да бидеме искрени. И треба да се залагаме ЕУ да го следи примерот на земјата – членка Австрија, дека проширувањето мора да се сфати посериозно. А, кога ЕУ ќе даде ветувања, тие треба да се исполнат, затоа што луѓето од регионов ќе имаат тешкотии да веруваат во она што го прокламира ЕУ, во нејзините вредности.“

Да се бориме за европските стандарди дома

Димитров додаде и дека сега мора да се бориме за стандардите на ЕУ дома.

„Товарот и одговорноста се во наши раце. И не се само политичарите или политичките партии. Борбата е на нашето општество во целина, она што го правиме во своите професии, она што го правиме како граѓани за јавниот интерес и за општото добро.“

Блажен Малески од RYCO, рече дека денес има многу повеќе можности што ги нуди ЕУ за младите од регионов, одошто било тоа пред 10 или 20 години.

„Сите шест земји од Западен Балкан губат млада популација, Македонија губи млада популација. Ако ние како земја не влеземе во ЕУ, младите ќе отидат таму. Младите во земјава не им веруваат на владите, на парламентот, на институциите. Ако не направиме промени за коишто говореа моите соговорници денеска, овој негативен тренд на иселување ќе продолжи.“

Тој истакна дека од неговото искуство во работата со  младинските организации од регионов и од ЕУ, заклучил дека младите се секогаш повеќе отворени за соработка, одошто политичките претставници.

„Наративите што ги развиваме треба да градат мостови на соработка, а политичарите често ги рушат и веќе изградените мостови, наместо да градат нови“.

Во рамки на настанот „Перспективи на младите за ЕУ интеграциите на  Северна Македонија“, присутните млади луѓе поставуваа и прашања до тројцата панелисти, интересирајќи се пред се’, зошто се’ уште како држава сакаме да се придружиме на ЕУ кога таму има земји кои се оддалечуваат од заедничкиот наратив за вредностите и стандардите?

Димитров одговори дека ние веќе сме „во бродот“ на некој начин. Географски сме опкружени со земји членки, околу ¾ од трговијата ние е со ЕУ, околу ¾ од инвестициите се од ЕУ. „Во ЕУ има економски просперитет, нормалност, пристојност, принципи. Тие можат да предводат со пример. Но, колку повеќе прават работи како што нас ни прават една или две земји членки, тие губат од принципелноста. И ЕУ се бори одвнатре со застранувањата од европските вредности. Оние што заостануваат во владеењето на правото, на пример,  добиваат и помалку од европските фондови.“

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД НАСТАНОТ:

SBCCP_030523_0029
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here