ЦГК: Јавните набавки никогаш поголеми, конкуренцијата никогаш помала, а корупцијата цвета

Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), невладина организација која ги следи јавните набавки. Според извештајот на ЦГК од редовниот мониторинг, во 2023 година се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е за дури 35 % повеќе од претходната година.

Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), невладина организација која ги следи јавните набавки. Според извештајот на ЦГК од редовниот мониторинг, во 2023 година се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е за дури 35 % повеќе од претходната година.

Големиот скок на вредноста на јавните набавки е проследен со намалување на конкуренцијата. Во дури 35 % од тендерските постапки спроведени во 2023 година е добиена само по една понуда. Во претходната година, уделот на тендери со 1 понуда изнесуваше 33 %. Уделот на тендери во коишто се добиени по 2 понуди во 2023 година изнесува 23 % и е на исто ниво како претходната година. Посакувано ниво на конкуренција од 3 и повеќе понуди е остварено во 42 % од тендерите во 2023 година.

Отсуството на конкуренција укажува на сериозни слабости на системот на јавни набавки и дека е оневозможен натпревар помеѓу понудувачите, што е единствена гаранција дека на тендерите ќе се добие најдобрата вредност за потрошените пари. Вкупниот број договори склучени во тендерски постапки со 1 понуда во 2023 година изнесува 10.354 и нивната вкупна вредност достигнува 33 милијарди денари (535 милиони евра). Во постапки со 2 понуди се склучени 6.915 договори за јавни набавки во вредност од 24 милијарди денари (383 милиони евра). Во конкурентни постапки со 3 и повеќе понудувачи се склучени 12.440 договори, во вредност од 36 милијарди денари (579 милиони евра).

Како резултат на овие процеси, просечниот број понуди на тендер во 2023 година изнесува 2,7, што е најниско ниво во изминатите 10 години. Произлегува дека во 2023 година само 39 % од вредноста на договорите се склучени во постапки со солидно ниво на конкуренција, за разлика од 2022 година, кога тој удел изнесува 44 %. Растот на тендерски постапки во кои е доставена по една понуда се одрази неповолно и врз просечниот број понуди. Во 2023 година достигнато е рекордно ниско ниво на просечниот број на понуди по тендер, што изнесува 2,7 понудувачи по тендер.

Најголем дел од колачот за „Марковски Компани“ од Битола

Во второто полугодие од 2023 година, како и во првото, најголемиот договор за јавна набавка склучен во тендерска постапка во која учествувала една фирма е од областа на здравството. Во второто полугодие станува збор за договорот за набавка на вакцини за континуирана имунизација по епидемиолошки индикации на населението во Република Северна Македонија од јануари 2024 до декември 2026 година. Најголемиот договор од оваа постапка, во вредност од 530 милиони денари (8,6 милиони евра), е склучен со „Алкалоид Конс“ Скопје.

Ниското ниво на конкуренција води кон висока концентрација на вредноста на тендерите кај мал број фирми. Од вкупната вредност на склучените договори за јавни набавки во 2023 година околу 338 милиони евра, односно 23 %, им припаѓа на само 10 економски оператори. Претходната година уделот на 10-те најголеми изнесуваше 20%. На врвот на 10-те фирми со најголем удел во јавните набавки во земјата е компанијата „Марковски Компани“ Борче ДООЕЛ Битола, која врши ископ во АД Електрани, и на оваа позиција доаѓа од 3-то место во 2022 година. Како што може да се види од табеларниот приказ подолу, „Марковски Компани“ во 2023 година има склучени 20 договори, во вкупна вредност од 3,2 милијарди денари, односно 52 милиони евра. Сите договори на „Марковски Компани“ се склучени со АД Електрани за ангажирање механизација и специјализирана работна рака за потребите на РЕК Битола. За една година, „Марковски Компани“ успеала да ја дуплира вредноста на јавните набавки, со тоа што во 2022 година има договори во вредност од околу 25 милиони евра, а во 2023 година од 52 милиони евра.

На второ место според вредноста на договорите е АД „Д-р Пановски“, Скопје, која склучила 279 договори во вредност од околу 2,8 милијарди денари, односно 45 милиони евра. Вредноста на договорите на „Д-р Пановски“ во 2023 година се за 241 % поголеми од 2022 година, кога изнесувале 13 милиони евра.

На трето место е уште една фармацевтска компанија, „Алкалоид Конс“, која склучила 290 договори во вредност од 2,4 милијарди денари, односно од околу 40 милиони евра, што е 131 % повеќе од 2022 година, кога изнесувале 17 милиони евра. На четвртото место е „Стентон Градба“ Битола, која ја немаше на оваа листа во 2022 година.

Големиот удел во јавните набавки е остварен благодарејќи на големиот договор склучен со Дирекција за технолошки индустриски развојни зони за „изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со придружни содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, и објекти за времено сместување, детски градинки и складишта со придружни содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп по принцип на изградба Клуч на рака“, во вредност од 1. 781.800.000 денари, односно околу 29 милиони евра. И петтото место ѝ припаѓа на компанија која претходно не била во оваа група, а тоа е „Спектартермо“ Скопје, која најголемите договори за јавни набавки ги има склучено со АД Електрани и со ЕВН Македонија.

Зголемен е бројот на тендерски постапки во коишто е добиена една понуда со цена која е идентична со проценетата вредност на тендерот. Совпаѓањето на вредностите е симптоматично затоа што процената вредност на овие тендери не била јавно објавена и таа е наведена само во одлуките за јавни набавки, коишто не се јавно достапни документи.

„Институциите мора да работат врз стимулирање на конкуренцијата бидејќи само таа е гаранција за рационално трошење на јавните пари. Клучно е да се работи врз потемелно истражување на пазарот, и во однос на поставување соодветни критериуми за утврдување на способноста на понудувачите, и во однос на дефинирање на условите во техничките спецификации. Во спротивно, постапките за јавни набавки губат смисла и се сведуваат на формално објавување оглас, но не и на реално барање повеќе понудувачи.“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Во секој четврти тендер што беше предмет на мониторингот не беше наведена количината на набавка, се наведува исто така, во извештајот. Ваквото постапување е извор на сериозни манипулации и овозможува лесно „местење“ кој да го добие тендерот. Овој пристап делува обесхрабрувачки и за потенцијалните понудувачи, и во најголем дел од тендерите во кои не се наведени количини е доставена по само една понуда. Ненаведувањето на количините на предметот на набавката е во спротивност со законски утврденото начело 11 на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства и овозможува договорот да се склучи со цени што се повисоки од реалните на пазарот.

Набавката на свежо месо како најеклатантен пример за манипулација преку количините

Најеклатантен пример за манипулациите преку количините е евидентиран во мониторираната постапка за јавна набавка на свежо месо. Во оваа постапка е барана понуда за пет видови месо, и тоа: младо говедско од бут без коска, говедско мелено, свински бут со коска колено, младо говедско од плешка без коска и свинска плешка со коска. Во тендерската документација не беа утврдени планираните количини на месо. Вредноста на понудата се утврдуваше врз основа на добиените цени за 1 килограм од петте видови месо. Во тендерот е добиена една понуда, во која за 1 кг младо говедско месо од бут без коска, говедско мелено месо и свински бут со коска колено се нудеа натпросечно високи цени, а за 1 кг младо говедско месо од плешка без коска беше понудена цена од 42 денари и за свинска плешка со коска беше понудена цена од 32 денари, што се цени неколкукратно пониски од пазарните. Од комисијата за јавни набавки притоа не побарале објаснување за невообичаено ниската цена. Понудата била прифатена.

„Играта“ се состои од тоа што во услови кога не се наведени количини на бараните производи, со нереално ниските цени се овозможува да се намали просечната цена на петте различни видови на месо и понудувачот да биде поконкурентен со цената при изборот. Зад неразумно ниските цени, за кои не е побарано објаснување, најверојатно се крие договор помеѓу набавувачот и добавувачот – месото со цени од 32 и од 42 денари за килограм, по склучување на договорот, воопшто и да не се нарачува. Во овој случај манипулацијата е очигледна, поради тоа што предмет на набавка се прехранбени производи кои можат да се најдат во секој маркет. Но овие манипулации се прават, и тоа уште полесно, при тендерски постапки во коишто предметот на јавна набавка не се производи и услуги што ги користат и самите граѓани, туку се набавки што бараат специфични познавања од одредена област и за нив граѓаните не знаат што е пазарна, а што нереално ниска, односно манипулативна цена.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here