Детали од анкетата на “Солуција“: Најголемите проблеми на граѓаните и државата

Корупција, ниски приходи и криминал  -  ова се трите најголеми проблеми со коишто се соочува Македонија според граѓаните.

Фото: Pexels.com

Анкетата ја изработи агенцијата М Проспект во периодот 09.01 – 21.01.2024 на репрезентативен примерок од 1000 граѓани, со маргина на грешка 3,1% и со ниво на доверба од 95%.

Главни наоди

Најголеми проблеми со коишто се соочува државата

Корупција, ниски приходи и криминал  –  ова се трите најголеми проблеми со коишто се соочува Македонија според граѓаните.

Најголем дел од испитаниците, односно 18% се изјасниле дека корупцијата е клучен проблем, 15,5% рекле дека тоа се ниските приходи, а 14,5 – криминалот. Понатаму на листата на проблеми следуваат: политичката нестабилност со 11,1%; сиромаштијата со 10,3%; невработеноста со 6,9%; здравствената заштита со 6,4%; партизацијата со 5,7%.

За најголемите проблеми нема големи разлики меѓу етничките заедници, а така е и за самите меѓуетнички односи, кои за еден од најголемите проблеми ги сметаат 4,2%

Загадувањето на околината, пак е најголем проблем за 4, 0 %, додека за 2,7%  граѓани тоа е квалитетот на образованието.

Повеќе од две третини од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока

Дури 68,3% од македонските граѓани сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Само 11% сметаат дека се движи во правилна насока, додека 17,5% одговориле дека стои во место и 3,2% не знаеле да одговорат.

Меѓу оние што одговориле дека државата се движи во погрешна насока, најчестите причини за таквото мислење се нефункционалниот систем, лошата економска ситуација, корупцијата, и дека „ништо не чини“.

Кај граѓаните пак што сметаат дека државата се движи во правилна насока најчестиот одговор на прашањето зошто тоа го мислат е евентуалниот влез во ЕУ.

Во однос на правецот во којшто се движи земјата, има разлика меѓу двете  најголеми етнички заедници  – дека Македонија се движи во погрешна насока сметаат дури 72,7% од Македонците, но значително помалку Албанци – 56,3%.

Само 9,1% од Македонците сметаат дека се движиме во правилна насока, а овој процент е речиси двојно повисок кај Албанците, 17,1%.

Најблизу се двете етнички групи во перцепцијата дека стоиме во место, односно 16,8% Македонци и 18,3 Албанци сметаат дека не мрдаме од мртва точка.

Власта најмногу потфрлила во економијата и борбата против корупцијата

За речиси половина од граѓаните или 45,3% Владата има најслаби резултати во решавањето на економските предизвици, а 30,4% сметаат дека најмногу потфрлила во борбата против корупцијата.

Но, треба да се истакне, дека на третото место на најслаби резултати според анкетата е слободата на говорот, односно, 6,8% граѓани мислат дека тука Владата најмногу потфрлила, а следи безбедноста, со 6,3%, и заштитата на малцинствата со 3,9%.

Речиси една четвртина (24,7%) од испитаниците го оцениле квалитетот на јавните услуги како добар, а само 1,7% како многу добар. Неутрален став кон квалитетот на јавните услуги имаат 31,6% од граѓаните, додека 23,9% сметаат дека е лош, а 16,7% дека е многу лош. Тоа значи дека 40,6% од граѓаните не се задоволни од услугите на јавниот сектор.

Граѓаните сакаат Владата да падне, ама не веруваат многу во опозицијата

На прашањето „Колку се согласувате дека актуелната влада заслужува повторно да биде избрана на следните избори“ повеќе од половината испитаници, 54,4% одговориле дека воопшто не се согласуваат. Кога на овие ќе се додадат и 18,7% што донекаде не се согласуваат, излегува дека вкупно 73,1% од граѓаните сметаат дека актуелната владејачка гарнитура не заслужува уште еден мандат. Само 5,4% целосно се согласуваат со тоа дека треба да ѝ се даде шанса и уште 16,9% донекаде се согласуваат.

Истовремено пак, речиси 60% од граѓаните не  веруваат ниту дека опозицијата ако дојде на власт ќе ги реши нивните најголеми проблеми, поточно 34,4% од испитаниците воопшто не се согласуваат, додека 25% донекаде не се согласуваат. Само скромни 7,8% целосно се согласуваат со ова, додека 25,6% донекаде се согласуваат. Останатите 6,4% не знаеле каков одговор да дадат.

Здравството, владеењето на правото и економскиот раст – најважни предизвици на земјата

На скалата на најголеми предизвици за земјата (со оценка 10 граѓаните го ценеа најважниот предизвик, а со оценка 1 најмалку важниот), на првото место се најде здравствениот систем и здравството, со средна оценка 8,06

Како втор предизвик за државата граѓаните го гледаат владеењето на правото, односно проблемот со корупцијата и неказнивоста, со средна оценка 8.00.

Економскиот раст и економската стабилност се веднаш тука, трети со средна оценка 7,96.

Понатаму следуваат социјалната правда и еднаквост, образованието и развојот на инфраструктурата (патишта).

„Нема правда, нема мир“ – законот не е ист за сите

Само 2,4 % од граѓаните одговориле дека целосно се согласуваат со изјавата „во Македонија законот важи за сите подеднакво“, а дури 60% (58,7%) воопшто не веруваат во тоа.

15,6% дека донекаде се согласуваат., а 22,7% донекаде не се согласуваат, што прави високи 81,4% да не веруваат дека институциите функционираат.

Ако институциите не функционираат, тогаш тука е Господ напомош

Довербата на граѓаните во институциите е катастрофална. Најслабо стои Парламентот, кому целосно му веруваат само 1, 9 %. Целосна недоверба во храмот на демократијата имаат дури 51,8%,  23,2 % донекаде не му веруваат, а 21,9% донекаде му веруваат.

Судството е еднакво извор на недоверба – само 3,2% целосно му веруваат на правосудниот систем, а 17,7% донекаде му веруваат. Целосна недоверба во него имаат 53%, а донекаде недоверба една четвртина од испитаниците, или 24,9%.

Ниту Владата не стои многу подобро – повеќе од половина од граѓаните, 53,8%, имаат целосна недоверба во Владата, додека 19,8% имаат донекаде недоверба. Тоа значи дека речиси 74% од испитаниците немаат доверба во работата на владата, додека само 4,6% имаат целосна доверба, а 20,4% донекаде ѝ веруваат.

И политичките партии се придружуваат кон претходно наведените со ниската доверба на граѓаните кон нив, односно само 1,8% имаат целосна доверба, а 21,4% донекаде доверба. Целосна недоверба имаат 51,9%, а донекаде недоверба 23,7%.

Медиумите котираат подобро кај граѓаните во однос на државните институции. Односно 6,3% имаат целосна доверба во нивната работа, а 40,4% донекаде доверба. Целосна недоверба во медиумите имаат двојно помалку граѓани во однос на владата и парламентот на пример, односно 27,9%, а донекаде недоверба изразиле 24,2%.

Тука некаде се граѓанските организации со целосна доверба од 6,7% и 29,5% граѓани кои донекаде им веруваат. 34,6% граѓани изразиле целосна недоверба, а 26,1% делумна недоверба.

Во Државната комисија за сузбивање на корупцијата (ДКСК) на којшто штотуку му заврши мандатот целосна доверба имаат 7,2%, а донекаде доверба 23,5% анкетирани. Целосна недоверба во него изразиле 31% од анкетираните, а донекаде недоверба 28,8%.

Во образовните институции целосна доверба имаат 11%, а донекаде доверба 31,8% од граѓаните. Донекаде недоверба имаат 25,5%, а целосна недоверба 30,5%, што значи дека граѓаните повеќе не му веруваат (56%) одошто му веруваат (42,8%) на образованието.

Здравството, односно јавните здравствени установи стојат уште полошо од образованието, поточно, само 7,2% имаат целосна доверба во нив, а 31,6% донекаде доверба. Високи 36,8% воопшто не му веруваат на јавното здравство, а 23,2% донекаде.

Македонските граѓани не им веруваат ниту на „газдите“, односно на приватниот сектор, па речиси една третина (31,3%) се изјасниле дека воопшто не веруваат, а 27,8% дека донекаде не веруваат во него. Само 5,7% од нив веруваат целосно во приватниот сектор, а 33,1% донекаде.

А ако државните институции не функционираат, тогаш тука е Господ напомош, па така,  најдобро кај граѓаните котираат верските институции, односно, 17,8% имаат целосна доверба во нив, а 35,9% донекаде доверба. Целосна недоверба во верските институции имаат 24,8%, а донекаде недоверба 19,6% од граѓаните. Заклучок: повисок е процентот на граѓаните што им веруваат (53,7%) од оние што не им веруваат на „духовните водачи на народот“, (44,4%). Останатите анкетирани (1,5%) не знаеле како да одговорат.

НАЈГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ ЛИЧНО ЗА ГРАЃАНИТЕ

Над 60% од граѓаните се загрижени за личната безбедност

Индикативно е и тоа што граѓаните се чувствуваат прилично загрижени за својата лична безбедност, поточно, 27% од нив се изјасниле дека се многу загрижени за сопствената безбедност и безбедноста на своето семејство, а точно една третина, или 33,3% се умерено загрижени. Ова прави над 60% од македонските граѓани да се всушност загрижени за личната безбедност и сигурноста на своите најблиски. Малку загрижени се 22,9%, додека воопшто не се загрижени 16,4% од испитаниците.

И етничките Албанци се во просек повеќе загрижени за личната безбедност во однос на Македонците, односно 33,8% се изјасниле како многу загрижени, наспроти 25,3% кај Македонците; како умерено загрижени се изјасниле 29,2% Албанци и 34,7% Македонци; како малку загрижени 27,1% Албанци и 21,2% Албанци, а само 9,2% од Албанците не се воопшто загрижени за личната безбедност наспроти двојно поголемиот процент од 18,6% кај Македонците.

Животен стандард

Едвај 10% (9,7%) од македонските граѓани се многу задоволни од својот животен стандард, додека умерено задоволни се чувствуваат нешто над една третина (36,8%) од испитаниците Како малку задоволни од квалитетот на животот се изјасниле 25% од анкетираните, додека речиси 30% (28,5%) не се воопшто задоволни од животниот стандард. Тоа значи дека вкупно 53,5%, односно повеќе од половина од граѓаните практично не се задоволни од животниот стандард.  

Оптимисти за тоа дека живејачката ќе им се подобри во 2024 година се 27,8% од граѓаните, додека најголем е бројот, (43,9%) на оние што мислат дека животниот стандард ќе им остане ист. Една четвртина од граѓаните се песимисти, односно мислат дека животниот стандард годинава ќе им се влоши, а 3,2% одговориле дека не знаат што ќе се случи.

Оценка на сериозноста на најгорливите проблеми за граѓаните

Од анкетираните граѓани се побара и да ја оценат сериозноста на неколку суштински проблеми на скала од 1 до 10, каде што 1 значи дека за нив тие предизвици не се воопшто сериозни, а 10 значи дека се многу сериозни за нив и за членовите на нивните семејства.

Па така, трошоците за живот за речиси половина од испитаниците (48,3%) се оценети со 8,9 или 10, што значи ги сметаат за прилично сериозни. За крајно сериозен овој проблем го сметаат 16,8% од граѓаните, додека за 4,9%, ова воопшто не е сериозен проблем.

Кај предизвикот работа и вработување, 37,3% сметаат дека е прилично сериозен, односно 17,8% дека е многу сериозен, додека вкупно 16,3% од граѓаните дале оценка 1,2 или 3 за сериозноста на овој предизвик за нив. Најголем дел од граѓаните, 46,4%, за ова се изјасниле со оцени од 4-7, односно го оцениле овој предизвик како умерено или средно сериозен.

Кај пристапот до квалитетно здравство пак, веќе имаме сериозна концентрација на незадоволство кај граѓаните, односно дури 35,6% од нив го оценуваат овој предизвик со 10, односно како многу сериозен, додека само 3,3% сметаат дека воопшто не им е проблем. Ако се соберат сите испитаници со оценки 8, 9  и 10, ќе се добие процент од 58,7% од граѓаните, за коишто пристапот до квалитетно здравство е навистина сериозен проблем.

Пристапот до квалитетно образование им е многу сериозен предизвик на 12,1% од граѓаните (оценка 10), додека генерално за сериозен го сметаат вкупно 41,9% (8,9 и 10). Воопшто не се оптоваруваат со овој предизвик 6,1% од граѓаните, додека за вкупно 16,6% ова не е сериозен предизвик (1,2 и 3), што на крајот значи дека вкупно 41,4% од граѓаните имаат став за пристапот до квалитетно образование во спектарот на „и така и така“, односно го оцениле со 4,5,6 и 7.

Пристапот до правда е многу сериозен проблем за 42,3% од граѓаните (8,9 и 10), од коишто за 15,6% е исклучително сериозен. За 7,6% од граѓаните ова воопшто не е проблем, односно за вкупно 27,4% граѓани во принцип не е

проблем (1,2 и 3). За речиси 30% пак од граѓаните, пристапот до правда е проблем со средна тежина на значење (оценки од 4-7).

Дека криминалот и безбедноста се многу сериозен проблем сметаат речиси една четвртина од граѓаните или 23,2%, додека високо значење на овој проблем му придаваат повеќе од половина анкетирани граѓани, или 52%. За 8,1% од граѓаните криминалот и безбедноста воопшто не се сериозен проблем, додека за вкупно 26,3% овие се релативно безначајни проблеми. Нешто над 20% од граѓаните, (21,3%) се некаде во средината.

Повеќе од една третина од македонските граѓани, 34,1%, ги сметаат еколошките прашања (загадување, климатски промени…) за многу сериозен проблем, додека уште дополнителни 22% ги сметаат овие предизвици за доста сериозни. Минорни 3,1% од испитаниците не се воопшто загрижени за еколошките прашања.

Личната благосостојба (менталното здравје, стресот, среќата…) се многу сериозно прашање за 12,9% од граѓаните, а воопшто не се оптоваруваат со тоа 9,8%. Интересно е што на ова прашање поголем е процентот на граѓани што се изјасниле дека помалку им значи, односно речиси две третини или 56% дале оцена од 1 до 5, за разлика од 44% коишто степенот на сериозност на овој предизвик го оцениле со оценки од 6 до 10.

Социјалната нееднаквост и дискриминацијата за 29,3% од граѓаните е многу сериозен проблем и ја оцениле со 10 на скалата на интензитет. Всушност, најголем процент од испитаниците сметаат дека овие предизвици се крајно сериозни. Кога ќе се додадат и оние граѓани што дале оцена 8 и 9 на сериозноста на проблемот, се добива вкупно 52,5%, додека само за 5,2% ова прашање не е воопшто сериозно.

Пристапот до технологија и интернет се многу сериозен проблем за 13,7% од граѓаните, додека во групата на оние што овој предизвик го сметаат за посебно сериозен се вкупно 31,5%. Воопшто не е сериозен овој проблем за 17,1% од испитаниците, а за уште 38,9% е донекаде сериозен.

Песимизам за иднината кај над 80% од граѓаните

На прашањето дали очекуваат подобра иднина за своите деца доколку останат да живеат во Македонија 57,6% од граѓаните сметаат дека нивниот живот ќе биде полош во иднина, додека 22,9% очекуваат да остане со ист квалитет. Само 16,9% испитаници искажале оптимизам за ова прашање.

Албанците, пак, во споредба со Македонците се многу поголеми оптимисти. Една третина од нив очекуваат подобра иднина за своите деца, наспроти само 11,1% од Македонците. Полошо дека ќе биде сметаат 38,3% од Албанците и речиси две третини од Македонците, односно 64,2%. Додека статус кво очекуваат 22% од Македонците и 25,4% од Албанците.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here