Додека светот не може (и допрва нема да може) да си дојде на себе од сите грозотии што произлегоа од објавувањето на досиејата на осудениот педофил Епстајн, еден друг, можеби неспоредлив, но навистина траорен момент остана да ја одбележува минатата недела.
На социјалните мрежи се појави видео од детенце кое малтретира куче. Детето го тепа кучето, брутално со застрашувачки гнев, а сето тоа е снимано од возрасен, за кого се појавија информации дека е неговиот татко. Возрасниот, очигледно задоволен од „храброста“ и перформансот самиот си го споделил видеото за да се пофали каков „мачо“ син има. Ова видео ги згрози граѓаните, кои со право бараа државата и институциите веднаш да реагираат и да се погрижат и за детето и за кучето, спасувајќи ги од опкружување каде очигледно насилството не само што се толерира, туку и се охрабрува и се слави. Пораката што се испраќа овде е јасна: дека болката на послабиот е забава, дека силата е дозволена, а сочувството – опционално. Од првиот момент кога се нормализира насилство врз животно, преминот кон насилство врз други деца, врз соученици, врз „поинакви“… не ни смее да биде изненадување – тоа е само логична последица.
Кучето е спасено. А детето?
Агенцијата за храна и ветеринарство, што е за право, веднаш реагираше после овој ужас и спроведе инспекциски надзор, при што утврди дека кучето не е идентификувано со чип и не е вакцинирано, го казни сопственикот парично и главно – го одзема кучето како инспекциска мерка за заштита на благосостојбата на животните.
Оваа брза институционална реакција е за пофалба. Кученцето, ако има среќа ќе добие можност да биде вдомено во друго семејство каде што со љубов и со нега ќе ја надмине траумата од животот со насилници. Но, што е со тоа детенце? Кој и како за него ќе се погрижи? Го дознавме ли тоа и зошто не?
Во официјалните информации стоеше дека во „извидница“ на домот, освен АХВ биле и од Центарот за социјални работи од Охрид (каде што се случи настанот), но ништо повеќе од ова не излезе во јавноста и не знаеме какви мерки се преземени за обезбедување на благосостојбата и на ова дете. Дали ќе се работи со него? Како? Што е со родителот? Што е со другите членови од семејството? Без да шпекулираме, што се прави и дали сите алатки на системот се и ќе бидат впрегнати за да се гарантира заштита и на детето, кога читав на темава, најдов дека проблем кај нас е што не постојат јавни достапни годишни статистички податоци од државните институции што конкретно бројат колку деца се одземени (привремено или не) од своите семејства од социјалните служби поради заштита од ризик, насилство или занемарување. Јавноста дознава за некое одземено дете само тогаш кога има екстремен пример со силен медиумски фокус на директно насилство врз детето, но нема сумарен извештај за тоа колку деца се згрижени и од изложеност на насилство, агресија и небезбедна атмосфера во домовите.
Иако податоците за социјалната заштита се собираат и објавуваат редовно како дел од годишните статистички прегледи, тие се однесуваат на: установи за згрижување на деца без родителска грижа и институции за деца со воспитно-социјални проблеми и други форми на згрижување, но не го идентификуваат конкретниот број случаи кога центарот за социјална работа ја одзел родителската грижа заради опасност по детето од различен вид. Ова значи дека статистичките прегледи содржат широк спектар на податоци за социјална заштита, права, институции и услуги, но не даваат бројки за одземени деца поради ризик/насилство во семејството како посебна категорија.
Човек ќе се запраша – постои ли оваа практика кај нас воопшто? Или македонските родители и семејства се толку совршени за никогаш да не им е одземено дете макар и како привремена мерка? Односно се одземаат САМО инцидентно и кога веќе ќе се претера!? А потоа што? Во какви услови пак државата ги чува? Ова е очигледно и табу тема!
Во меѓувреме, за разлика од кај нас, во „нормалните“ држави овие бројки се наоѓаат со само еден клик – во САД најновите податоци се за 2024 година кога околу 328.947 деца се одземени од семејствата и се сместени во привремени семејства или соодветни институции, во Финска во 2023 година одземени се 4.900 деца, за Естонија има интересен пример, каде во само еден округ за три месеци се одземени 43 деца што е обично тамошна бројка за цела година… итн…, итн…
Податоците што можат кај нас да се најдат се индиректни и се главно од невладиниот сектор, па така организацијата СОС Детско Село Македонија, ќе открие дека околу8.000 деца во земјата се во ризик, од кои1.029 деца се без родителска грижа, а дури 3.994 живеат во семејства со сериозни социјални и семејни проблеми.
Ниту ни се зборува, ниту ни се слуша
И ако сето ова не е доволно за да може со сигурност да се каже дека ние како општество и тоа како потфрламе со строги механизми кога се работи за креирање на здрава околина за раст и развој на нашите деца, тука се и податоците за насилство и злоупотреби. Иако често зборуваме за насилство како за екстремен и редок феномен, истражувањата покажуваат дека во Македонија тоа е многу почесто отколку што сакаме да признаеме.
Според податоци на УНИЦЕФ, околу 80% од децата на возраст од 2 до 14 години искусиле некаква форма на насилна дисциплина во домот, вклучувајќи физичко и психолошко насилство. Иако телесното казнување е законски забрането, практиките на физичко малтретирање, понижување и заплашување сѐ уште се присутни и често се оправдуваат како „воспитување“. Иронијата тука е што токму од воспитувањето – нема ништо. Родителите кои ги користат овие алатки, не градат воспитани луѓе, градат поединци – опасни за себе и за општеството. Дисциплината и правилата на однесување, одговорноста и соочувањето со неа, здравиот авторитет и здравите граници – сето тоа не се гради со насилство, се гради со љубов, труд, трпение, посветеност и родителски вештини, за кои во нормалните општества многу се зборува и многу се учи. Дали нешто ние организирано како држава правиме на темава? Премалку и честопати – предоцна. Во меѓувреме, децата не ни се заштитени од насилство ниту на училиште. Студијата со наслов „Злоупотреба и занемарување на децата во Македонија – актуелна состојба и идни предизвици“, од авторките Димитринка Јорданова Пешевска и Фимка Тозија открива дека повеќе од 20% од учениците биле изложени на физичко насилство, околу 30% на психолошко занемарување, а дел од нив пријавуваат и искуства со сексуално насилство.
Само овие истражувања ни даваат јасна слика дека децата не ни се безбедни на двете места каде токму безбедноста треба да биде беспрекорна – домот и училиштето. Па нема пострашно. А за ова малку се зборува. Не само јавно туку и меѓу самите семејства и образовни институции.
Еве, минатата недела, на иницијатива на наставничката на син ми, ние родителите, заедно со другата негова наставничка бевме да ја гледаме претставата Гидионовиот јазол, којашто игра во Драмскиот театар во Скопје. Тоа е токму претстава за најстрашно насилство и за еден задоцнет разговор. За потфрлањето на двата столбови во подигнувањето на децата – домот и училиштето и за отсуството на комуникација меѓу нив. Многу мачна претстава. Болна, тешка за гледање, исцрпувачка. И непроценливо корисна, како што заклучивме сите, и родители и наставници, на крајот на вечерта.
Но, со вакви лични иницијативи на родители или наставници, а без организиран општествен фокус за кревање свест, превенција и битка, со повремени истражувања, со сведување на инцидентите на „чуда од три дена“, со молк за податоците кои не ни знаеме дали ги имаме собрано на едно место, со кампањски фокус и пароли… се плашам дека на сите теми поврзани со насилството врз деца тоа што ќе остане ќе бидат само задоцнети разговори.








