Здравството е веројатно општествената сфера каде што на најеклатантен начин се согледуваат последиците од тоа дали се вработуваат најквалитетните кадри или пак оние со семејни или партиски врски, оние што ќе платат мито и сл. Во рацете на лекарите и останатиот медицински персонал ги доверуваме нашето здравје и животот, па не е сеедно дали тие професионалци влегле во здравствената установа како најдобри меѓу кандидатите, или пак пресудна била одлуката на локалниот партиски штаб.
Токму поради ова, БЦКП „Солуција“ заедно со граѓанската сила “Замисли“ изминативе три години ревносно се залагаат за промена на законската одредба со којашто на директорите на клиниките и останатите здравствени установи им се остава дискреционо право да одлучат кој ќе биде примен на работа, без оглед на рангирањето на прелиминарните кандидатски листи. Нашиот став, заедно со нашите поддржувачи од здравствената заедница, правничката фела и граѓанскиот сектор е јасен: импровизации во толку чувствителна тема како здравството не смее да има и мора да важи мерит системот.
Во спротивно, ќе се повторуваат до бескрај ситуации како оние што ги опишаа нашите соговорници млади лекари со коишто направивме неколку интервјуа изминатиов период, каде што сите тие ја опишаа сопствената голгота со партизацијата, непотизмот и корупцијата, обидувајќи се да најдат вработување. Некои од нив веќе и ја напуштија Македонија и сега лекуваат граѓани на други држави, коишто не вложиле ниту денар во нивното школување и обучување за лекари.
Деновиве имаме уште еден таков пример, за којшто пишуваше “Слободен печат“, за докторката по медицина којашто иако прворангирана на конкурсот во гостиварската болница, не била примена на работа, односно останала со договор на дело наместо на неопределено време, а биле примени други 10 кандидати.
Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор степен ѝ ја одбила жалбата, па таа морала да поведе тужба пред Управниот суд.
Огласот бил објавен на 28 декември 2023 година за вработување на 10 доктори на медицина, 10 медицински сестри, 3 физиотерапевти, 1 рентген-техничар и 1 биохемичар. Тужителката навремено се пријавила за работното место „доктор на медицина“. По доставувањето на документите за работното место на сите што учествувале на огласот, бил спроведен стручен испит и испит за странски јазик. Докторката на ранг-листата после овие спроведени тестирања била прва, со 84,40 бодови. Но, тоа не било доволно за да се вработи.

По објавувањето на прелиминарната листа директорот на болницата спровел интервју со кандидатите. По спроведеното интервју донел одлука за избор на 10 доктори на медицина, додека прворангираната докторка не била избрана.
Докторката со најмногу бодови и следствено најмногу шанси за вработување, повела тужба и Апелациониот суд со пресуда донесена пред 1 месец ја потврдил одлуката дека нема право тврдејќи дека прворангираниот на листата мора да се вработи.
И основниот и апелациониот суд во Гостивар сметаат дека тоа што кандидатката била прворангирана не го обврзува директорот да ја вработи за доктор на медицина, туку дека директорот на болницата има право да избере кого сака од пријавените на огласот се додека тие ги исполнуваат општите и посебните услови. Судот смета дека тоа што некој доктор е прворангиран на листата, не ја обврзува болницата да го вработи бидејќи директорот има дискреционо право да вработи кого сака додека тој некој исто така исполнува услови, макар и послаб број бодови, пишува „Слободен печат“.
За да не се случуваат овие ситуации, „Солуција“, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бараат укинување, односно ограничување на дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањата.
Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, правен експерт на иницијативата, истакна на неодамнешната панел-дискусија што „Солуција“ ја организираше, дека Законот за здравствена заштита е тотално анахрон и дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот има дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.
„Ниту во корпоративниот сектор директорот не е секогаш последниот што одлучува кој ќе се вработува. Директорот на здравствена установа има одврзани раце кого ќе вработи и покрај мислењето од Комисијата, која самиот ја составува. Ако сака може и последниот од ранг-листата да го вработи. Ние предлагаме да одлучува не комисија составена од директорот, туку комисија составена од стручниот колегиум на здравствената установа. Со други зборови, да не ве оценува некој што не е тесно поврзан со вашата област“, рече Коцевски.

Претходно, „Солуција“ и „Замисли“ ги презентираа пред јавноста предлог промените во Законот за здравствена заштита, со коишто треба да се воспостави мерит – систем при вработувањата. Овие препораки нудат модел за ограничување на дискреционите овластувања при вработувањето кои во моментот ги имаат директорите на здравствените установи. Тие се однесуваат на јавните здравствени установи и иако авторите потврдуваат дека прашањето со управувањето на човечките ресурси е особено широко (пример. Специјализации, права на здравствени работници и сл.) заради задржување фокус, во домен на документот со предлозите се само дискреционите овластувања како посебен проблем.
Борбата за системски промени во здравствената регулатива не е лесна, дотолку повеќе што за три години откако „Солуција“ и „Замисли“ ја туркаат оваа иницијатива се сменија четири министри за здравство и со сите досега е разговарано за измени во Законот за здравствена заштита. „На крајот успеавме да се избориме да бидеме вклучени во работната група за измени на регулативата. Актуелниот ресорен министер Азир Алиу и јавно во интервју ја поддржа нашата иницијатива и рече дека се подготвуваат 12 законски измени заедно со претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство, за да бидат синхронизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем“., истакна Катарина Синадиновска од „Солуција“ на споменатата панел-доскусија.
Коцевски од Здружението на млади правници, којшто ги изработи предлог-промените, вели дека се задоволни од досегашната работа и дека во работната верзија на законот, меѓу другото, прифатени се нивните барања како на пример, огласот за вработување да трае 15 дена, да се објави онлајн на повеќе места, а не само во печатени медиуми, како и тоа комисијата да биде клучна која ќе ги спроведе трите фази на проверка и да го спроведува интервјуто.








