Автор:
Ристе Костовски
магистер по економски науки

Образованието е сектор кој го продуцира најважниот човечкиот капитал. За ефикасен образовен систем, најважно е да се разбере управувањето со истиот како менаџмент со останатите сектори, што подразбира не само законски измени.
Имено, најпрво клучно за секој менаџмент, за секое планирање, раководење е да имаме добра анализа на постојните состојби за да може да се почне во креирање на целите во иднина, потоа врз креирање на политиките и на крај врз плановите.
Анализата треба да се состои во детализирање на постојните состојби, расположливите капацитети и ресурси, нивото на сегашната развиеност, нивото на сегашниот аутпут и квалитет. Понатаму, треба да ги дефинираме целите кои сакаме да ги постигнеме. Тука клучно е истите да бидат мерливи, но уште поважно реални.
Целта на секој образовен систем е да го подобри својот квалитет, да има луѓе кои ќе бидат продуктивни во реалниот сектор.
Тука е важно при дефинирање на перформансот квалитет јасно да ги дефинираме политиките, а потоа и програмите и стратегиите со кои тоа ќе се постигне. Доколку клучен перформанс индикатор ни е поголем квалитет на образовниот систем и поголема продуктивност на истиот, треба да се дефинираат инструментите со кои тоа ќе се постигне.
Имено, за поголем квалитет и продуктивност на човечкиот капитал потребни се методолошки техники за подигање на креативното и аналитичкото размислување како и развој на меките вештини воопшто. За поголем квалитет на образовниот систем, клучно е да се воспостават внатрешни механизми со кои самиот образовен модел ќе ги антиципира промените кои доаѓаат од технолошкото опкружување.
За таа цел, потребни се политики на дигитализација на образованието (на сите нивоа), на овој начин би се подобрила ефикасноста на образованието и неговата конкурентност.
Инвестициите во дигитализацијата и технолошката опременост на образовниот систем ќе ја подигнат благосостојбата и на професорите и на студентите и во високото образование, и ќе ја подобрат трошковната ефикасност.
Во целиот овој процес, особено важен е континуитетот во спроведувањето на образовните политики. Овој сегмент е значаен во сите сектори, но особено во образованието бидејќи ако таму има дисконтинуитет, ефектите кои треба да ги даде некоја нова програма се среднорочни и долгорочни.








