
Мартин Тасевски, магистер по казнено право
Оваа колумна е една реконструкција, или, враќање на местото на злосторот, па ќе гледам, да бидам концизен и темелен, а вам ви оставам да судите и да собирате што би се рекло 2+2.
Па, да почнеме.
Се сеќавате ли на Марко Зврлевски?
Човекот ќе остане запаметен како Државен јавен обвинител во чие време се формираше Специјално јавно обвинителство, со една основна, за мене – секогаш несебична цел – да ги истражи наводите од прислушуваните разговори поврзани и кои произлегоа од прислушуваните телефонски разговори.
Во тоа време беше мета на критики, беше селективен, неажурен, „бомбите“ се чувале со месеци низ фиоките на Обвинителството…се појави на бал со Сашо Мијалков…имаше сведочење од осуденик дека се појавувал во штабот на ВМРО ДПМНЕ после 27 април 2017 година (крвавиот четврток)…
Тој беше еден совршен послушник, што би се рекло.
Но, што се променило денес во тоа Обвинителство?
Па „на западу ништа ново“ или што би се рекло, „све је исто, само њега нема“.
Граѓаните не му веруваат на Обвинителството, имаат само 1% доверба, а тоа е резултат на сите настани изминативе години, обвиненија по нарачки, обвиненија чувани во фиоки, и многу, многу скандали.
Она што всушност е променето е следно: – Синот на Претседателот на собранието Талат Џафери е избран за Обвинител, како и сопругата на шефот на Обвинителството на Организиран криминал и корупција.
Изборот на Ислам Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предизвика низа реакции во јавноста, испливаа фотографии со членови на ДУИ, дури и со самиот лидер…
Но, дознавме дека ништо подобар не бил ниту шефот на Скопското Вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи… Токму Хајрулахи, како шеф на ова обвинителство, го држеше предметот во фиока за првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ повеќе од една година, наместо законски предвидениот рок и не го доставуваше до Скопска апелација. Хајрулахи беше без конкуренција за шеф на Вишото обвинителство. Се откажа од трка за шеф на тоа Обвинителство, обвинителката Фатиме Фетаи, но и барање за повлекување од изборот поднел и обвинител Бурим Рустеми. Дали по нивна волја?!
Како што наведов, ова е реконструкција, па ќе одам како „војник“ ќе продолжам за мене исто скандалозно, со: Наташа Гоџоска (сестра на поранешниот Министер за правда Тупанчевски) заминува во Вишото обвинителство со максимална поддршка од деветмина членови на Советот на јавни обвинители. Претходно таа се труди да влезе како обвинител за врски од Македонија со Европравда. Се повлече од предметот за смртта на малата Тамара. И сега ќе ве оставам да соберете 2+2…
Се повлекува од предмет потоа станува Виш ЈО . Тупанчески, како министер за правда требаше да го именува обвинителот за врски, по предлог на Јовески…но, таа влегува во Вишото јавно обвинителство откако Тупанчески си заминува од Министер. Во меѓувреме, Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје покренува некоја си ,,кривична пријава” против Обвинителката Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев, негови колеги од Вишото обвинителство за наводно соработка со осудениот сопственик на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски…и поради нестручно постапување. Марјан Стаменковски спомнува пред да биде осуден дека сака изземање од Обвинител поради соработка со него…За мене и за сите граѓани ова звучи секако неверојатно… и секако крајно разочарувачки.
Понатаму, обвинителот Артан Ајро – ништо подобар, добива второ унапредување, прво беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а сега оди во скопското Вишо обвинителство!
Патем, неговиот роден брат станува началник во МВР – Дритан Ајро, а пак сопругата – тука е најинтересното- е “ушалтана“ како судијка во Управниот суд! Потсетување мало, Елеонора Ајро само што дипломирала на Академијата, при рангирање на оценките таа немала доволно бодови за судијка во кривичниот или граѓанскиот суд и поради тоа ја ставиле на листата да биде обвинител. Член на Судскиот совет рече дека немало кој да ѝ ги надува оценките, како на други, за да го оствари нејзиниот сон да биде судијка!
Ви текнува ли и на Обвинителот Елвин Вели познат по изјавата дека убава традиција е децата да ги наследат родителите на местото обвинител. Па, добро, се согласувам дека навистина е убава традиција, но, дали е убава традиција додека таткото е спикерот во Собрание, па, мајка е Виш јавен обвинител, татко судија – детето да биде и тој Обвинител или Судија, дали е професионално и во рамки на Закон?! Традицијата вели дека треба да се пензионира барем некој од нив, за да го наследи детето, барем јас таква традиција познавам…
Врвот на шлагот на оваа реконструкција ја оставам за последните случувања.
Обвинителката Ленче. Одличен професионалец, докажана и во ОЈО СК и во СЈО… Таа јавно без влакна на јазик коментираше: Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, изјави тогаш Ристоска. Советот на јавни обвинители по втор пат не ја избра обвинителката која беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство, Ленче Ристоска за обвинител во Вишото јавно обвинителство. Шефот на Советот на јавни обвинители изјави дека обвинителката од поранешното СЈО, Ленче Ристоска, не биле унапредени затоа што немале разнородни предмети „во последно време“, како убиства, дрога итн. Како тогаш беше унапредена Верица Бержетска Крстева во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција?
Една од причините што не е унапредена Обвинителката беше и посочената околност дека е на породилно отсуство! Жал ми е што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) не постапува тука по допрен глас, и да отвори истрага и да увиди дали има тука нерамноправен третман кон Обвинителката Ленче Ристоска. Во оваа прилика ги поттикнувам да отворат случај.
ИРИ покажа отровен податок, што веќе го споменав – а тоа е дека граѓаните имаат само 1% доверба во обвинителството, а тоа е резултат на сите овие настани, на неспорниот факт дека политичките елити си поставуваат свои кадри како обвинители, си готват обвиненија по нарачки, па се чуваат во фиоки.
И дали сега не е најлегитимно прашањето дали и овој државен обвинител Љубомир Јовески, ќе остане запаметен како Марко Зврлевски? Како уште еден совршен послушник, што би се рекло. Мислам дека одговорот е јасен!
Во една прилика тој самиот рече дека обвинителите добро си ја работат работата…и задоволен бил.
Не знам како тоа да се разбере! Од која гледна точка треба да гледате за да бидете задоволни од овој перформанс!? И што тоа кажува за Вас и за Вашите интереси!?
Очигледно дека е време за некое ново Специјално Обвинителство кое ќе биде коректор на ова постојново, а тоа да биде и Совет на ЈО и полицаец во било која смисла на зборот…и време е за големи разрешувања и ветинг! Се разбира, не по замисла и предлог на ДУИ, туку по идеја што ќе биде мотивирана од цел за градење на систем каде ваквите “совршени послушници” не ќе можат ни да замислат да бидат во допир ни со правото, ни со правдата!
*Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на порталот Солуција.мк или со ставовите на БЦКП „Солуција“ во целина.








