Автор:
Мартин Тасевски, магистер по казнено право

Трагедијата со мајката и детето што ја потресе јавноста повторно ја отвори една непријатна вистина: Македонија нема ни знаење, ни систем, ни институционална храброст сериозно да се занимава со трагедии од ваков тип.
Во вакви моменти, наместо анализа, јавниот простор се полни со брзи осуди, површни толкувања и морални пресуди. Некои веднаш бараат виновник, други ја затвораат темата со една реченица – „лудило“, „очај“, „трагедија“. И потоа следува заборав.
Но ваквите трагедии не се обични вести. Тие се „огледало на системот“.
Современата криминологија одамна покажа дека самоубиството не е исклучиво индивидуален чин. Уште Émile Durkheim предупреди дека самоубиството е и општествен феномен – индикатор за односот меѓу поединецот и општеството. Подоцна криминологијата и форензичната психијатрија развија цели типологии на вакви трагедии.
Во научната литература постои јасна категорија: „filicide–suicide“ – случаи кога родител го одзема животот на своето дете и потоа на себе. Типологијата систематски ја разработи Phillip J. Resnick уште во 1960-тите.
Но во Македонија овие поими речиси никогаш не се спомнуваат.
Зошто?
Затоа што сериозната анализа отвора незгодни прашања.
Дали имало предупредувачки знаци?
Дали институциите знаеле?
Дали некој можел да реагира порано?
Дали системот пропуштил да заштити некого?
Овие прашања се непријатни. Полесно е трагедијата да се сведе на „лична драма“ и да се затвори темата.
Но, тоа не е само интелектуална мрзеливост. Тоа е и институционална култура на избегнување одговорност.
Во сериозните држави ваквите случаи се анализираат темелно. Постојат посебни механизми, независни ревизии и научни истражувања. Трагедијата не се третира како сензација, туку како предупредување за системски пропусти.
Во Македонија, напротив, ваквите трагедии исчезнуваат во статистиката. Нема национален регистер на самоубиства, нема систематска криминолошка анализа, нема институционализирана експертиза што ќе ги испитува околностите и типологиите на ваквите случаи.
Тоа значи дека државата всушност ништо не учи од трагедиите.
А кога државата не учи – трагедиите се повторуваат.
Време е ова прашање да се постави отворено.
Македонија мора да воспостави – национален регистер за самоубиства и семејни трагедии – во кој ќе се анализираат околностите на ваквите случаи. Овој регистер не смее да биде само статистика. Тој мора да биде аналитичка база на податоци што ќе вклучува експертиза од:
– криминолози
– форензични психијатри
– судска медицина
– социјални служби
– истражни органи.
Без ваков систем, секоја нова трагедија ќе биде третирана како „изненадување“, иако во реалноста често постојат предупредувачки знаци што никој не ги гледа – или не сака да ги види.
И уште нешто.
Општеството мора да престане со брзите морални пресуди. Кога трагедијата се сведува на осуда на поединецот, се губи можноста да се разбере поширокиот контекст. А без разбирање – нема превенција.
Науката не постои за да оправдува трагедии. Таа постои за да ги објасни и да помогне тие да не се повторат.
Затоа вистинското прашање не е само што се случило.
Вистинското прашање е дали нешто можело да се спречи.
И ако општеството не сака да го постави тоа прашање, тогаш проблемот не е само во трагедијата. Трагедијата е во државата што одбива да учи од смртта.








