Освен којзнае колку пати сечените ленти за „пругата кон Бугарија“ и потрошените стотици милиони евра друго нешто од овој капитален проект за Македонија тешко дека ќе видиме во блиска иднина, како што се чини според наодите на Државниот завод за ревизија.
„Проектите за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и сѐ уште не се завршени. Вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од (7) седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти. “, се вели, меѓу другото, во извештајот на ДЗР од ревизијата на успешноста на капиталните инвестиции финансирани од државниот буџет, ЕУ фондовите и средствата од други меѓународни финансиски институции.
Извештајот вели дека за проектот изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, фаза 3, фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата. Од ДЗР исто така нагласуваат дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра.
За „историскиот“ автопат Кичево – Охрид, кој и по 10 години не е завршен и во претходниот извештај беше наведено дека ќе чини 589 милиони евра, а новиот рок за негова изградба е крајот на 2026 година.
Слична е и ситуацијата со автопатот долг 10,5 километри од Скопје до границата со Косово кој никако да започне и со години се планира, а проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра. Тоа значи дека еден километар ќе чини речиси 20 милиони евра.
За изградба на Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км, чиј изведувач е фирмата „Бехтел и Енка“, бидејќи е донесен специјален Закон со кој се уредени условите и начинот за градба, ревизијата не можела да ја потврди проценетата вредност од 1,3 милијарди евра.
„Заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба“, покажува ревизијата.
Иако станува збор за проект од ТЕН-Т инфраструктура, Транс европските коридори поради избраниот начин на финансирање преку Буџетот дефиниран со посебен Закон, а не со заеми од официјални кредитори, за истиот не е побарано користење на инвестициски грант.
За градбата се применува модифициран црвен FIDIC, нема основен проект поради што и проценетата вредноста на проектот е неизвесна.
Дали пречистителната станица на Скопје ќе биде уште еден „автопат Кичево – Охрид“?!
Ревизијата на капиталните проекти од областа на животната средина покажала дека проектот за Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје и после десет години не е подготвен за физичка реализација. Ова е најголемата инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра.
За овој проект се обезбедени средства, подготовката е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје. Но, поради натегањата помеѓу локалната и централната власт, проектот стагнира.
„Управувањето со овој стратешки проект не е ефикасно, не е постигната целта за спроведувањето на законските обврски и постигнувањето на стандардите особено во делот на Директивата за одведување и пречистување на комуналните отпадни води (91/271/EEC) и Директивата за вода за пиење (98/83/ЕEС).“, констатираат државните ревизори.
Ревизорите утврдиле и неправилности во планираните инвестиции во здравството.
„Проектите од областа на здравството, изградба на Клинички центар Скопје, и изградба на Регионална болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба. Поради раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Скопје и откажување на проектот во текот на 2022 и 2023 година започната е арбитража со побарувања во износ од 23,5 милиони евра од конзорциумот на изведувачите, а поради раскинување на договорот за изградба на Регионална болница во Штип, проект од големо значење на граѓаните во јануари 2024 година започната е арбитража од изведувачот со побарувања во износ од 22 милиони евра“, се наведува во извештајот.
Како главен проблем во состојбата со капиталните инвестиции ревизорите навеле дека е тоа што државава нема изграден систем за управување со јавни инвестиции, но и не презема навреме мерки што пак придонесува за бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните.
Државата нема систем за управување со јавните инвестиции
Со ревизијата е констатирано дека прикажаните капитални расходи во Буџетот не се целосни и не даваат јасен и објективен приказ за износот на јавните инвестиции.
„Во Буџетот не се прикажани јавни инвестиции од ЈП за државни патишта коешто не е во согласност со најновите методологии за владина статистика и има за ефект нецелосно прикажување на капиталните инвестиции во Буџетот“ се наведува во извештајот.
Покрај тоа што државата губи европски пари, плаќа високи износи за судски процеси започнати на арбитражни судови поради бавната реализација на капитални инвестициски проекти и откажување на договорени проекти, надлежните сѐ уште не воспоставиле систем за управување со јавните инвестиции.
Иако се планирани, сè уште не се воспоставени организациони единици за поддршка на инфраструктурните проекти во Канцеларијата на претседателот на Владата и за следење во Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, одговорен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.
Не постои надзор над целокупното портфолио на јавни инвестиции на национално ниво, поради што не се следи и не се управува со целокупниот фискален ризик во реализацијата со цел навремено преземање на корективни мерки и намалување на можностите за идни финансиски импликации.
Системот на управување не е единствен и целосен, односно е фрагментиран по проекти и по начин на финансирање.
Не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.
„Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3,950 милијарди евра, за 19 проекти склучени се договори за градба со вредност од 2,744 милијарди евра, а за 5 проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години сè уште нема склучено договори за градба.
За 19 проекти во вкупна вредност од 2,744 милијарди евра, реализирани се 941,8 милиони евра, а од нив само еден проект од ревидираните е завршен.
Од 19 проекти за кои се склучени договори, за 6 има застој. За 4 проекти раскинати се договорите, од кои за 3 има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за 2 проекта постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не се склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, се наведува во извештајот.








