Таравари го почна мандатот со клоца за економските директори по клиниките

Новиот министер за здравство д-р Арбен Таравари почна да го исполнува тоа што го вети на дебатата на “Замисли“ – економските директори на клиниките ќе бидат разрешени. Тој вети и  повторно спојување на Клиничкиот центар во Скопје, како и промена во регулативата за дискреционото право на директорите на клиниките при одлучување за вработување.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари, два часа откако ја презеде функцијата од заменик-министерката Маја Манолева, најави дека од денеска ќе почне да ги разрешува економските директори на клиниките. Како што кажа Таравари, за два месеци сите ќе бидат разрешени и повеќе нема да постои функцијата економски директор, односно на клиниките ќе има само еден директор.

„Денеска се разрешуваат одреден број економски директори на коишто им завршува в.д. мандатот некаде до средина на јули. Сите ќе бидат разрешени. Тие што се со мандат, ќе треба измени во законот и веќе е дадена наредба што побргу да оди во Парламент измената на законот, за да нема повеќе економски директори. Сметајте, за еден-два месеца веќе ќе нема економски директори ниту со закон“, рече Таравари кој по преземањето на ресорот здравство беше во посета на хируршките сали на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Да потсетиме дека на неодамна одржаната панел дискусија за системски промени во здравството, организирана од Граѓанската сила „Замисли“, Таравари како учесник вети дека штом ја преземе министерската функција веднаш ќе почне со разрешување на економските директори.

„Што ни беше потребен тој луксуз од 2007 кога се направија 32 клиники со 64 директори, еден здравствен и еден економски и не знам колку членови на управни одбори?!“, се запраша Таравари на дискусијата.

Тој исто така, јавно, пред присутните медиуми на дебатата, вети дека практично ја поддржува иницијативата на „Замисли“ и „Солуција“ за промена на регулативата што овозможува дискреционо право на директорите на клиниките и негова злоупотреба, што би било вовед во посуштински промени во здравствениот систем. На прашањето на модераторката а што доколку има притисок од матичната партија, и од останатите коалициски партнери, бидејќи со овие промени ѝ се задава практично удар на партизацијата, тој рече дека е спремен да си замине ако не успее во своите заложби.

Што се однесува до оние економски директори што имаат мандат до август или септември, Таравари денеска рече дека во наредните денови ќе види како ќе се постапува бидејќи, како што рече, не сака да ризикува тужби за Министерството.

Прашан дали на оние клиники каде што сега нема медицински директор прво ќе бидат назначени за да има кој да раководи со нив, а потоа ќе се разрешуваат економските, Таравари рече дека нема да се дозволи да остане празен простор.

„Овие денови ќе назначиме медицински директори на оние клиники каде нема“, рече Таравари додавајќи дека тоа ќе се однесува и на Клиниката за токсикологија.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here