Проширувањето повеќе не е само технички процес или второстепена област на политиката како што беше повеќе од една деценија: сега е тест за способноста на ЕУ да проектира стабилност, да го консолидира својот континент и да дејствува стратешки. И сепак, архитектурата за донесување одлуки на Унијата не го држи чекорот со оваа обновена мисија. Со текот на времето, едногласноста почна да преовладува во практично секој процедурален чекор од процесот на пристапување, далеку надминувајќи го она што самите преговарачки рамки првично го предвидуваа. Резултатот беше зголемување на случаите на користење на вето, дури и во најтехничките и постепените фази, правејќи го пристапувањето бавно, непредвидливо и сè помалку поврзано со реформските перформанси на земјите-кандидатки на терен. Ризикот е јасен: доколку не се воведат реформи, Унијата ќе остане неспособна да дејствува решително врз она што некогаш беше нејзина најмоќна алатка за надворешна политика.
За да се адресира овој проблем, Европа мисли (Think Europe), Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција и Институтот за европска политика (Institut für Europäische Politik), поддржани од Фондацијата ЕРСТЕ (ERSTE Foundation), заеднички го објавуваат трудот/документот со предлог политики „Европа што дејствува: ефективно донесување одлуки за проширување во новата геополитичка ера“ (A Europe that Acts: Effective Decision-making on Enlargement in a New Geopolitical Era).
Во трудот се тврди дека договорите експлицитно бараат едногласност само за апликацијата за членство и за договарање на условите за пристапување – што значи дека промената на сегашната пракса бара политичка волја, а не долги процедури за промена на договорите. Трудот мапира четири конкретни модели за воведување на гласање со квалификувано мнозинство (ГКМ) во интермедијарните фази – целосно ГКМ; ГКМ како консензус; холандско ГКМ и лесна верзија на ГКМ – што значи дека постојат, така да се каже, „педесет нијанси сиво“ помеѓу целосна едногласност и целосно ГКМ. Клучно е што преминувањето кон ГКМ не ја отстапува контролата врз двете најважни политички одлуки во процесот: ниедна земја не може да стане кандидат и ниедна земја никогаш нема да стане земја-членка, без да се согласат сите земји-членки на ЕУ. Унијата ги има алатките. Рамките постојат. Правниот пат е отворен. Она што останува е политичкиот избор.








