Македонски енергетски форум по шести пат: Енергетската отпорност и зелената транзиција во фокус

МЕФ повторно ќе послужи како платформа за учесниците за размена на идеи, споделување на најдобрите практики и истражување на иновативни решенија за енергетска транзиција и издржливост.

Македонскиот енергетски форум (МЕФ) ќе се одржи по шести пат на 30 и 31 мај годинава во хотелот Дабл Три Хилтон во Скопје. Настанот, инаку заедничка иницијатива на ЗИП Институтот, македонската влада и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, овој пат е во знакот на енергетската отпорност и зелената транзиција.  

Тонот на форумот се очекува да го даде воведната дискусија, каде што домаќинот на МЕФ23, вицепремиерот Фатмир Битиќи, заедно со неколку меѓународни говорници од различни сектори, ќе дискутираат за тоа како може да направиме политиките, технологиите и финансиите да работат заедно за да ги поддржат иновациите, чистата енергија и економскиот раст.

Првиот панел ќе собере на едно место неколку министри за економија, енергетика и сродни ресори од Западен Балкан, коишто ќе дискутираат околу политиките и технологиите за декарбонизција на енергетскиот сектор, односно трансформација кон состојба на нулта емисија на јаглеродни гасови.

На панелот бр.2 насловен „Финансирање на енергетската транзиција“ експерти од јавниот и приватниот сектор ќе дискутираат за финансиските инструменти потребни за забрзување на енергетската транзиција.

Третиот панел со наслов „Демократизирање на енергијата“ ќе биде посветен на тоа како да се направи производството на енергија подостапно за граѓаните и заедниците. На темата ќе дискутираат експерти од академскиот сектор, индустријата и граѓанските организации. Дискусијата исто така ќе опфати и начини за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки поврзани со енергијата.

Од минатогодишното издание на Македонскиот енергетски форум. Фото: ЗИП Институт 

Специјалното обраќање на претседателот Стево Пендаровски на вториот ден од Енергетскиот форум се очекува да биде фокусирано на геостратешките предизвици со кои се соочува регионот на Западен Балкан во контекст на енергетската транзиција и декарбонизација.

Панелот 4 ќе се одржи во партнерство со Бледскиот стратешки форум и ќе се фокусира на геостратешките предизвици и можности поврзани со енергетиката во регионот на Западен Балкан. На панелот ќе се разговара за улогата на меѓународните организации како што се ЕУ и НАТО во поддршката на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан кон поголема енергетска независност и помала ранливост од трети геополитички сили. Модератор на овој панел ќе биде претседателот на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“,  Никола Димитров.

Петтиот панел, насловен „Технолошки иновации за енергија“ и поддржан од Амбасадата на Обединетото кралство во земјава, ќе има за цел да ги истражи најновите иновации  и технолошки достигнувања во областа на енергијата.

Панелот ќе се фокусира на конкретни примери на иновативни технологии кои се развиваат и применуваат, како што се напредни технологии на водород, системи за складирање – батерии, паметни мрежи, обновливи извори на енергија и зафаќање и складирање на јаглерод.

И последниот, шестиот панел на МЕФ е организиран во партнерство со Еко-свест, ќе биде посветен на улогата на локалните климатски активности во промовирањето на енергетската трансформација и постигнување на пошироки национални и меѓународни климатски цели.

„МЕФ повторно ќе послужи како платформа за учесниците за размена на идеи, споделување на најдобрите практики и истражување на иновативни решенија за енергетска транзиција и издржливост. Со фокус на подобрување на технолошкиот триаголник политика-финансирање-енергетика, форумот ќе обезбеди вредни сознанија и практични решенија за поддршка на енергетската отпорност и зелената транзиција во регионот.“, велат организаторите на настанот.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here