Претседателот на „Солуција, Никола Димитров, разговараше со Катерина Смилева -Божиновска од неделникот „Фокус“ на повеќе актуелни и значајни теми за македонското општество во овој момент: измените во Кривичниот законик, уставните измени, македонската европска перспектива, како и за мотивите за основање на „Солуција и плановите за понатамошно политичко и општествено дејствување. Дел од интервјуто ви пренесуваме денеска, а целото може да го прочитате овде.
Стапија на сила измените на Кривичниот законик. Што мислите, кој ќе добие најмногу од овие измени?
Јас имам многу негативно мислење за измените. Правам дистинкција помеѓу описот на кривичното дело и намалувањето на казните, а со тоа и роковите за застарување. Ако за првата работа и може да се дебатира, иако ниту за тоа немаше време, бидејќи измените се донесоа преку ноќ, ефектот од втората е неспорен. Едно чудо случаи, и од поранешното СЈО и понови, ќе паднат во вода.
Бидејќи, делото за злоупотреба за службена положба и овластување може да се однесува само на луѓе кои имаат службени положби, значи функционери, кај нас тие по дефиниција се поставени од партиите, мислам дека најмногу корист ќе има таа категорија на луѓе, а најмногу штета ќе има граѓанството коешто бараше правда. Навредливо е европското знаме да биде ставено во функција на неможност за гонење и на застарување. Ние во името на ЕУ, со европско знаменце, воведуваме работи што се косат со најголемата суштина на европското законодавство – владеењето на правото. Ова е една дрска и исклучително штетна злоупотреба на оваа процедура, свртена наопаку.
Зошто ЕУ не реагираше поостро на оваа злоупотреба на европското знаменце?
Имаше една реакција од портпаролката на Европската комисија, каде се изрази голема загриженост. ЕУ е сега во услови на една деликатност, кога Владата се обидува да ги протурка амандманите во Уставот и тоа им е начинот на изразување: “изразуваме загриженост.“
Јас мислам дека кај нас особено, има премногу фокус на форма, а премалку на суштина. Зошто е важен европскиот процес? За реформи. Блокиран е поради, нешто што во светот на тинк-тенковите се вика „билатерализација на европскиот процес“. Кога едно прашање ќе стане толку многу доминантно што целата енергија и внимание ќе ги земе таа тема. Ние сега кога мислиме на европскиот процес, мислиме на маката со Бугарија. Меѓутоа, европскиот процес, пред се, мора да значи Копенхашки критериуми. Оти, ние зошто сакаме да влеземе таму – за да си ја средиме државата. А, тоа пред сѐ, значи одговорност и ред.

Токму тоа благо соопштение со кое реагираше ЕУ за измените на Кривичниот законик, кај дел од јавноста предизвика сомнеж дека ЕУ можеби и не се залага толку искрено за владеење на правото.
Јасно е дека процесот на проширување е во криза. Еден тинк-тенк од Берлин направи анализа на извештаите за напредокот на ЕК, ние сме со оценка 2,0, што значи умерено спремни, Црна Гора е 2,1, Србија е 2,0, Албанија е 1,6, Украина е 1,2, Молдавија е 0,7. А, во декември ќе има дебата дали да се почнат преговорите со Украина и Молдавија.
Фон дер Лајен рече дека ова е процес базиран на заслуги, меѓутоа ако ја гледаме реалноста, процесот, прво, е премногу исполитизиран, премногу искомпромитиран заради правото на вето. Јас на еден странски новинар му кажав: навистина би сакал мојата земја да биде блокирана заради владеење на правото. Тоа нас ќе ни помогне, ќе му даде аргумент на граѓанството да се бори. Меѓутоа не може да бидеме блокирани за идентитетски прашања, за јазични прашања, за нешто што е непристојно да се отвора во 21 век.
Во ЕУ се води дебата дека не треба да има проширување додека не се реформира Унијата. Кај нас тоа како да се става по страна. Ние имаме Влада којшто ни прикажува дека членството е небаре тука на еден метар од нас. И сега уставните амандмани не делат од рајот. Не е така. И Владата наместо да го злоупотребува европското знаменце, треба вистински да си ја работи работата. И денеска да влеземе во ЕУ, иселувањето (оти нели тоа им е еден од главните аргументи) нема да сопре ако нема учители што се навистина учители, доктори и судии затоа што ги бива, а не затоа што се од партија или се партиски подобни.
Али Ахмети во интервју изјави дека веќе три години се преговара за измените на Кривичниот законик. И дури имало согласност постигната помеѓу него, Заев и Груевски. Додека вие бевте во Владата, имавте информации дека се случуваат такви преговори?
Воопшто не. Јас бев во тек со дебата за Законот за јавно обвинителство, кога имаше еден обид, пак некако ако може да ги снема случаите на СЈО. Тука бев меѓу тие кои сериозно се спротивставија. Прво, затоа што целата наша приказна од Шарената револуција беше за одговорност, за правда. Второ, затоа што самата ЕУ, а особено Холандија експлицитно ни кажа дека тоа е услов на холандскиот парламент: правна разврска за сите случаи на СЈО.
Ако разговарале со Груевски, убаво би било да ни соопштат во кое својство, зошто, оти нели официјалната приказна е дека Груевски избега. Зошто би разговарале со човек кој е бегалец од правдата во сопствената земја? Во која функција? Ако веќе толку долго разговарале зошто не ја вклучиле и европската јавност? Ако се крстат толку во Европа, зошто не ја прашале Европа што мисли? И зошто немаше една поширока дебата дома?
Затоа, сметам дека ова со измените и особено со злоупотребата на европското знаме ја прели чашата. Ова беше сатар со кој ја пресекоа врската со граѓанството. Од овој момент не знам како имаат образ да зборуваат за европски вредности и европска иднина.

Додека вие бевте во Владата, немаше дебата за ставање европско знаменце за измените на Кривичниот законик?
Јас имав голема грижа и апсолутно внимавав на што сѐ се става европско знаменце. И на пример, аргументирав зошто не може да ставиме ЕУ знаменце на обидот со пари на граѓаните да се плаќаат приватни медиуми. Тоа оваа Владата сакаше да го направи, иако во 2017 дојде на власт преку ветување за стопирање и оценка дека тоа е лоша практика. Јас, врз основа на консултации со Брисел, оценив дека не е соодветно за таква работа да се користи европско знаменце.
Не велам дека во мое време немало грешки, но ако сум реагирал за медиумски политики, се разбира дека ваква крупна грешка никогаш немаше да дозволам. Па и за Бехтел и Енка, каде имаше злоупотреба на европско знаменце за суспендирање на македонското законодавство по едно чудо основи.
……………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………
Линк до целото интервју.







