„Нациите, како и поединците, не можат предолго да се коцкаат со неказнивоста. Казната за тоа ќе ги стигне и преплави“
Чарлс Мекеј, шкотски писател
За да има вистински напредок со владеењето на правото, да има бескомпромисна битка против корупцијата и навистина конечно да има одговорност и казнивост од и за оние во чии раце е моќта, потребен е општествен консензус.
Ова беше една од главните пораки на евроамбасадорот Михалис Рокас на панел дебатата што ја организиравме посветена за очекувањата од измените на Кривичниот законик, каде што заедно со него гости ни беа и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и почитуваниот професор по уставно право, Денис Прешова.
Амбасадорот кажа дека нема граѓанин којшто не е жеден за правда и кој смета дека треба да има неказнивост:
„Ќе најдете можеби поединци, но не и граѓаните. Граѓаните бараат правда и ред.“ порача неговата екселенција и тука ја начна суштината на македонскиот проблем.
Консензусот за којшто говори Рокас, овде постои, не дека не, но, тој постои во обратната насока – правда да нема! Оти, како што личи и со новите измени, кои требаше да ги поправат претходните катастрофални измени од 2023, овде има очигледна согласност (што премолчана, што јавна) дека обезбедување на соодветна правна рамка за оние кои ги злоупотребуваат јавните пари, не треба да постои.
Во 2023 се згази не само правната држава, туку и самата демократија
Во 2023 тогашната влада на чело со неизбраниот од граѓаните премиер Димитар Ковачевски направи невиден упад во правната држава, брутално газејќи ја правдата преку измени на Кривичниот законик кои просто кажано – донесоа една општа амнестија. Тие измени обезбедија да застарат случаи за огромен криминал, меѓу кои и колосални предмети од поранешното СЈО. Тие измени направија злоупотребата на службена должност да не се ни смета за голем грев, а исто и злоупотребите во областа на јавните набавки. Беа донесени во скратена постапка, иронично со европско знаменце (за што најостро реагираше самата ЕУ), без никаква дебата, преку ноќ, шверцерски, со што, како што ќе забележи и самиот Уставен суд – направен е и директен упад не само во правдата, туку и во самата македонска демократија, прогласувајќи ги овие измени и официјално за формално неуставни:
„Со самиот факт што вакви значајни измени се носат по скратена постапка, без можност за поширока јавна, стручна и експертска дебата, без можност јавноста да аргументира и да дебатира и со евидентна злоупотреба и неоснованост за европското знаменце, се ограничува смислата на политичкиот плурализам“ стои во одлуката на Судот од февруари годинава, кога тој ги задолжи властите да подготват нови измени за да се поправи оваа катастрофа во рок од шест месеци.
Добро, зарем ова го чекавме?
Владата, а особено министерот за правда, Филков уште од април ветуваа и тоа што се вели на секои две недели, дека тие нови измени се речиси готови и ќе бидат претставени пред јавноста. Тоа не се случи. Рокот даден од Уставниот суд се погази, со што се погази и оваа главна институција во земјата посветена на заштита на уставноста. Судот, најден во небрано, беше широк – даде нови шест месеци, со објаснување дека има разбирање за политичките околности, оти имаше и избори.
Но, пред истекот на новиот рок, на разочарување на многумина познавачи и професионалци – ние добивме измени кои не само што не значат подобрување, туку во некои делови се и еднакво лоши (некои експерти ќе речат дури и полоши) од катастрофата од 2023. Првиот нацрт текст се предложи од група пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, што е спорно само по себе.
Ова е една од најважните, ако не и најважна реформа во однос на владеењето на правото и требаше да биде една од најважните и најдолго чекани поправки на ужасните претходни политики. Оттука, прилично е несериозно овој предлог да не дојде од Министерството за правда. Со тоа што се даде партиски, наместо институционален облик на еден олку важен документ се урива и довербата и позицијата на самото министерство. Ќе речев дека е неразбирливо како можел да си дозволи министерот пратеници да му се плеткаат и да му ја земат една од главните задачи што тој ги има, но, ако се има предвид дека овој министер не се ни прослави досега многу со мешање во сопствената работа, тогаш можеби ова и има логика.
Ако се тргне настрана пак, овој формален аспект, проблематична очигледно е и самата суштина. Експертите ценат дека најспорен дел е оној кај јавните набавки, каде се декриминализираат најчестите форми на злоупотреби, но и измените на член 353 – в, со што практично се ослободуваат од одговорност носителите на највисоки функции – министри, директори, раководители… Граѓаните со право ќе прашаат – па кој тогаш ќе одговара, ако е јасно дека токму кај оваа „каста“ корупцијата не е само најзастапена, туку тие се и единствените кои имаат можност неа да ја вршат преку злоупотреби на своите позиции.

Така, наместо целосно нов Кривичен законик, усогласен целосно со европските директиви, ние во „пет до 12“ добивме измени, колку да помине редот и колку да се запази она што го наложи Судот. Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, тука убаво забележува:
„Нели чекавме толку време целосно нов Законик? Ова можеше да се направи уште лани. Една и пол година замајување на јавноста додека кривичните дела си застаруваа едно по едно“.
Во оваа насока, слично, иако подипломатски, реагираше и Рокас, со коментар дека иако имаме и лидери кои признаваат дека претходните измени беа грешка (алудирајќи на лидерот на СДСМ, која сега нема ама баш никаков легитимитет да зборува на темава) долго време ниту владата, ниту опозицијата не покажале вистинска акција на темава.
Она што според претседателот на Уставниот суд, Костадиновски е добро е што овие измени, овој пат се во редовна процедура (иако и таа е скратена од претходно, со новиот Деловник), па барем јавноста ќе може да се запознае со сите спорни забелешки.
„Нема веќе меден месец за политичарите, граѓаните не се наивни, тие гледаат и казнуваат“ порача тој.
Но, и Костадиновски и сите знаеме дека граѓаните казнуваат на избори. А изборите не се утре. Прво, додека дојде време за нив, за граѓаните да можат казнат, многумина кои се огрешиле пред законот ќе си бидат спасени, а второ – што па и ако граѓаните казнат, кого друг ќе изберат!? Овде очигледно не е проблем дадена политичка партија, овде е проблем тој добро воспоставен консензус за заеднички акции против одговорноста и заобиколување (барем додека се може) на сите можности за воведување на систем на казнивост и правда.
Додека ова заедничко дејствување не им го уништиме, победите ќе ни бидат и мали и пирови. Барем таа лекција досега требаше како граѓани да ја научиме и за ова досега требаше да се согласиме… и тоа со консензус!