Што може да очекуваме од новите законски измени на Кривичниот законик (КЗ), дали тие ќе донесат поголема правда и казнивост за функционерите што ја злоупотребиле својата позиција или пак ќе бидат уште поблаги во однос на претходните регулативи, и дали премногу се чекаше и тактизираше со исправање на катастрофалната грешка од 2023 кога се донесоа скандалозните измени на КЗ за време на владата на Димитар Ковачевски – ова беа клучните прашања и дилеми на коишто денеска се обидоа да дадат одговор учесниците на панел – дискусијата организирана од страна на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.
„Имавме и изјави од политички лидери дека измените на КЗ од 2023 биле грешка, ама долго време немаше акција ниту од Владата, ниту Собранието за поправка и нови измени. Потребен е политички и општествен консензус дека новите измени навистина ќе бидат и во насока на европските стандарди и во насока на обезбедување одговорност и владеење на правото.“, истакна евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, во својот поздравен говор на настанот насловен „Чекајќи го Годо… и правдата: Очекувања од новите измени на Кривичниот законик“, којшто се одржа во хотел Лимак во Скопје.
Според Рокас, нема да најдеме ниту еден граѓанин кој смета дека треба да има неказнивност, ќе најдете поединци, но граѓаните бараат правда и ред. „Ќе го следиме процесот и самите измени“, порача тој.

Толку очекуваните измени на КЗ со коишто треба да се поправи штетата направена со претходно донесените измени во 2023 година, деновиве се поднесени до Собранието, но предизвикаа бранување во политичките кругови, како и во експертската јавност. Од власта велат рекоа дека сега предложените измени на КЗ се преодно решение, произлезено од одлуката на Уставниот суд од февруари годинава, со која на Собранието му беше наложено до крајот на годината да го измени законот. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ коишто ги поднесоа измените на КЗ, се враќаат старите механизми и се предвидуваат повисоки казни. Но, од стручната јавност предупредуваат дека новата казнена политика е сепак поблага во однос на законското решение што важеше пред 2023.
„Во февруари годинава бевме одговорни кога му наложивме на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени на КЗ и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд. Применивме новина – интерпретативна одлука, со која го толкувавме Уставот во однос на измените и утврдивме сомнеж и во формалната и во материјалната уставност“, рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
„Имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност“
Костадиновски додаде и дека сите државни органи мора да се научат на уставна дисциплина, а измените на КЗ во 2023 биле донесени по итна постапка, со европско знаменце, а без посочување на ниту една европска регулатива и без стручна и политичка дебата. Тие нанеле непроценлива штета на владеењето на правото во државата.
„Тие измени на КЗ се потврда на апсурдноста и бесмисленоста на чекањето да дојде конечно владеењето на правото, како што всушност сугерира и одличниот наслов на оваа дебата. Ние сме гладни да видиме одговорност, ние имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност, а некој како да сака да нѐ убеди дека тоа е нешто нормално. Парламентот постапи во согласност со нашата одлука, предложените измени сега се ставени во редовна постапка, ќе треба да ја слушнеме експертската јавност да се произнесе и да видиме дали пратениците повторно ќе штитат некого или ќе ги артикулираат интересите на граѓаните “, истакна Костадиновски.
Универзитетскиот професор по уставно право Денис Прешова смета дека Уставниот суд требало да постапи похрабро и уште во февруари да ги поништи спорните измени на КЗ или да донесе таква одлука со одложено дејство и под посебни услови да определи враќање на старите одредби од пред септември 2023–та.
„Ако сметам дека во февруари требало да биде донесена таква одлука, сега уште поургентна е потребата да се пресече овој јазол и да се стави крај на овие прашања. Сметам дека и сега ова што го прави Уставниот суд нема јасна правна основа во сопствените акти“, рече Прешова.
Тој укажа на примери од европската пракса, како Чешка, Летонија и Словачка, каде уставните судови поради сериозни прекршувања на законодавната процедура донесуваат одлуки со ретроактивно дејство.
„Ако тоа важи за амнестии, уште повеќе важи за измените на Кривичниот закон“, нагласи тој, додавајќи дека одолговлекувањето и продолжувањето на роковите го ставиле Уставниот суд во „сива зона“, што, според него е проблематично.
Прешова додаде дека иако самиот неретко го критикува Уставниот суд поради конзервативноста и нереформирањето, сепак во последно време приметува проактивен став и дека во тие напори Судот мора да биде поддржан, со цел изградба на уставна култура во општеството.
Новите измени полоши и од претходните?!
Инаку, критичарите на најновите измени на КЗ поднесени до парламентот, изјавуваа деновиве дека тие се подеднакво лоши, ако не и полоши од претходните. Обвинителката Ленче Ристоска, којашто беше присутна на дебатата, ги повтори своите ставови дека новите измени декриминализираат веќе криминализирани поведенија.
„Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Па во овој контекст, би го прашала претседателот на Уставниот суд, како би постапил доколку Собранието ги донесе измените вакви какви што се предложени. Дали Судот има некаков план, оти мене ми се чини дека намерата на предлагачот на измените не е искрена, туку само формално да се задоволи барањето на Уставниот суд да се поднесат измени во дадениот рок?“, рече Ристоска.
Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, на ова одговори дека планот на уставните судии е да постапуваат според нивната одлука.
„Во нашето решение се осврнавме и на материјалната неуставност. Нема да ги коментирам сегашните предлози, не смеам да коментирам норми што не се дел од жива правна материја. Но, секако овој предмет не е завршен. Ќе ги чекаме законските измени и на седница на Судот ќе бидат разгледани и материјално и нормативно“, рече Костадиновски.
Што бара Платформата за антикорупција?
И Платформата за антикорупција деновиве остро реагираше на чудните измени на Кривичниот законик.
„Иако ја поздравуваме иницијативата за интервенирање во Кривичниот законик, сметаме дека предложените измени, во сегашната форма, не претставуваат вистинско враќање на состојбата пред 2023 година, туку воведуваат нови решенија со сериозни последици по правната сигурност и борбата против корупцијата. Затоа, упатуваме неколку јасни барања:
Тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата кои важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти. Да се повлечат или темелно преиспитаат одредбите за проширена конфискација кои овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда. Да не се стеснува поимот ‘корист’ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција. Да се задржи или да се вметне формулација која овозможува да се обезбеди ефективна кривично – правна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби. Пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка. Овие барања се особено важни ако се има предвид дека и за измените во 2023 година реагиравме навреме, предупредувајќи на последиците кои за жал, денес се потврдуваат во пракса“, рекоа од Платформата за борба против корупцијата.
Оттаму аргументираат и зошто овие измени се проблематични.
Проширена конфискација (член 98-а):
Предложените измени за проширена конфискација значително отстапуваат од моделот што важеше пред 2023 година. Наместо одземање на имот стекнат пред сторување на делото, по спроведена кривична постапка и судска осуда, сега се овозможува конфискација и без утврдена кривична одговорност. Ова е суштинска промена која го менува карактерот на мерката. Ваквиот пристап се доближува до т.н. граѓанска конфискација, без јасно да биде утврдено кој и зошто одговара, поточно кое е кривичното дело кое ја прави проширената конфискација апликативна. Дополнително, овој модел е неусогласен со постојниот Закон за кривичната постапка и создава ризици по правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност. Оттука, со овие измени, иако наменети за привремено санирање на правната рамка до донесување на нов Кривичен законик, повторно се воведува нов концепт без јасни правила.
Злоупотреба на службената положба (член 353) и ефектите врз борбата против корупцијата:
Кај делото злоупотреба на службената положба, измените значително ја стеснуваат кривичната одговорност. Поимот „корист“ се сведува само на имотна корист, со што од опфатот испаѓаат облици на злоупотреба кои не секогаш носат директна финансиска добивка, како влијание, фаворизирање или условување. Дополнително, во споредба со верзијата пред 2023 година, се намалуваат максималните казни за потешките облици на делото, што директно води до пократки рокови на застарување. Ова значи дека сѐ уште постои помал простор за ефективно гонење на сложени корупциски предмети, особено оние кои се откриваат по подолг временски период. Воедно, се воведува нова инкриминација наместо за враќање на старата одредба од ставот 5. Со предложените измени се врши враќање само на инкриминацијата за злоупотребата на службената положба и овластување при постапките за јавни набавки, но не и други форми на злоупотреба на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата. Дополнително, дел од однесувањата што се опфаќаат имаат карактер на управни пропусти, што може да доведе до претерана криминализација без реално зајакнување на борбата против корупцијата. Особено загрижува што со овие измени не се обезбедува соодветна заштита на средствата од јавните фондови и фондовите на Европската Унија, што е спротивно на декларираните заложби за зајакнување на владеењето на правото.
Несовесно работење во службата (член 353-в):
Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се предлага бришење на формулацијата која досега служеше како „заштитна мрежа“ за санкционирање на тешки, но нетипични случаи на службена несовесност. Иако постои потреба ваквите одредби да бидат внимателно формулирани за да се избегне произволна примена, нивното целосно отстранување создава ризик сериозни пропусти да останат неказнети.