Зошто нема да се отселам?

Оти, на секое враќање, кога ќе се качам на Водно, кога ќе седнам на пастрмка во Радожда, или на чај во Чаршија, кога ќе седнам пред езерото во Охрид на зајдисонце или ќе изедам една пастрмалија во Штип, кога ќе ја погледнам Шара од прозорец или ќе прошетам по Широк сокак, кога ќе сварам ориз кочански или ќе соберам капини во Маврово, кога ќе дишам со полни гради во Преспа или ќе се искачам на Трескавец – ќе си замижам и ќе си речам - колку е убаво! Е затоа не сакам и нема да си заминам! Оти ме боли. Оти ми е дома. Оти верувам и ќе се борам! Оти, некој мора и да остане!

„Домот е таму каде боли“ –  Горан Стефановски

„Распад на цела држава“, „Ништо не функционира“, „Никогаш не било полошо“, „Една сијалица не можат да сменат“, „Еден документ не се вади без стресови и без врски“, „Детето не можеш во градинка да си го запишеш“, „Нема лекари, којзнае кој нѐ и ќе нѐ лечи“, „Знаеш дека сестрите во болницата во Битолa ги земале од администрацијата и им дале некој брз курс?“, „Воздух бре нема, воздух, којзнае што горат, ќе се отруеме“, „Го гледаш ли Скопје на што личи? Никогаш не било повалкано!“, „Крадат ко да нема утре и никој за ништо не одговара“, „Книги немаат децава! Ееееј книги“, „Партали направиле од дивоградби во Чаир“, „Оној во Тетово го гледаш – ни држава почитува, ни закон“, „Еден воз нема во земјава, тие меморандуми потпишуваат“, „Луѓе испоумреа, изгореа по автобуси и во модуларната и никому ништо“, „Види ги на телевизија колку се прости, ни речник, ни ниво, види ги како зборуваат, види ги дебатите на што личат“, „А Собраниски си пуштила?“, „Оној патот за Штип демек новиот, целиот се распаѓа“, „Автопатот за Охрид? Леле каков виц“…

Колку пати во неделата се фаќате себеси или блиските како изговарате некоја од овие реченици. Трагедијата е – сите се точни. 

Нема дилема дека легитимно право на македонските граѓани, соочени со елементарното нефункционирање на системот, e да си го бараат чарето надвор. 

Податоците се немилосрдни, само во последната година и само во Германија заминале над 50 илјади нашинци. Знаете ли што значи тоа за една мала земја како Македонија!

Овие луѓе главно не заминале од арно. Заминале оти морале. 

Оти, не можеле веќе да поднесат да живеат во систем во којшто единствено што се казнува е да бидеш чесен и лојален граѓанин. Казната е да трпиш. Да трпиш по болници, да трпиш неспособни службеници, сомнителни лекари, неписмени професори, да трпиш партиски учител(к)и, да трпиш невоспитани лидери – да трпиш едноставно будали (чест на исклучоците се разбира во сите овие драгоцени професии). 

Будали што ти ги плаќаш за тие да глумат величини и да бидеш понижен и мал кога треба да завршиш каква било работа што законски ти следува. 

Да, сето тоа не само што нервира, туку и тоа како го толчи квалитетот на живот. Затоа, се почесто, луѓето кои си одат не се сиромашни и не си заминуваат само за да обезбедат егзистенција.

Сакаат бре држава каде нивниот потенцијал ќе биде целосно остварен, ценет и платен. 

Каде децата ќе ги ползуваат вредностите и можностите на векот во кој живееме.

И ќе имаат утре еднаква стартна позиција на пазарот на труд со нивните врсници од развиените земји. Сето тоа сосема го разбирам.

Но…

Со почитуваниот и сега веќе покоен Ѓерѓ Конрад, еден исклучителен ум и врвно перо не само на унгарската, туку и на европската и светска книжевност, кој беше и претседател на Светската организација на писатели, во една прилика кога ја имав честа да му правам интервју, зборувавме за една од неговите најдобри книги „Гостин во сопствената земја“.

Оваа книга е еден автопортрет, автобиографија (со ретки моменти на фикција), каде Конрад го опишува својот мачен, богат и чудесен живот, на Евреин прво газен од тортурата на нацистите, а потоа – како што самиот знаеше да каже – дури и пострашно, како либерал и прогресивен ум под чизмата на Советскиот блок и комунистите. 

Со Ѓерѓ Конрад, во неговиот дом во Будим, мај, 2017

Овој извонреден талент, откако ќе биде поразен фашизмот помислил дека дошла слободата. Но, набрзо дознал дека единствената слобода што дошла е таа да кима со глава, нешто за што тој нема никаква дарба, напротив, па набрзо, поради неговото творештво тој е прогонет, нападнат, живее како дисидент, бега – но, никогаш, ама никогаш не заминува. 

„Домот е на мостот Елизабет (мост што ги поврзува Буда и Пешта), каде секогаш кога се враќам го гледам Дунав и си велам –  колку е ова убаво!“ пишуваше драгиот Ѓерѓ. 

Кога го прашав, дали затоа никогаш не се пресели, ми одговори:

Не се преселив затоа што верувам дека и во други земји ќе најдам идиоти. Верувам дека лошите дечки се насекаде. А јас веќе добро си ги знам лошите дечки тука. Не можам никаде да бидам толку моќен во мојата критика, толку гласен, во која било друга земја. Тие лоши дечки ќе речат – од кај па знаеш ти, ти не си од тука. Епа од овде сум. И овие идиоти добро ги знам“.

Токму овие зборови веднаш ми дојдоа на ум, кога пред неколку дена, на мој пост на социјалните мрежи каде се жалам за црнилата во кои е обвиено Скопје (не само метафорично, зборувам за вистински црнила, уличното осветлување не постои во најурбаните населби), некој добронамерник ми искоментира да си ги соберам децата и да си заминам од земјава, да им ги отворам видиците, за тие да видат убав свет. Го прочитав коментарот и си помислив – овој човек, кој очигледно има најдобри намери и советот ми го дава од душа, воопшто не ме познава.

Не, јас немам и нема да имам намера да си заминам. И тоа, колку и да звучи апсурдно – токму поради децата, за кои една од главните мои мисии во однос на нивното воспитување е да ја чувствуваат граѓанската одговорност и посветеност кон општествените маки. Моите деца растат со мајка која не се предава, која се бори, која никогаш не крева раце од битка, а најмалку кога таа битка се однесува на најважните нешта – најблиските во приватна смисла и јавниот интерес на граѓаните, државата, во општествена.

Таа лекција на личната граѓанска одговорност е нешто што во Македонија, како и во многу земји кои излегле од социјалистички уредувања, е очигледно несовладана. 

Еден пријател, фундаменталист како мене за останување овде, ми кажа дека во Финска, секој граѓанин учествува во најмалку пет организации, на ниво на својата зграда, улица, општина, град, земја… сеедно. Финците сакаат да си ги земаат нештата во своите раце и не даваат некој друг да им одлучува за тоа како треба да живеат, или уште пострашно, да чекаат друг да им ги поправи работите кои не функционираат, вклучително и лошите избори на политички претставници кои потоа „забегуваат“.

Оти, тоа е демократија, драги граѓани. Демократијата никако не смее да се сведе на гласање. Демократијата во суштина подразбира активна граѓанска улога, постојано. Тоа значи дека вие не сте предмет, туку сте активен чинител во општествената динамика. 

Вие, како граѓанин, кој ги ползува сите придобивки да живее во една Република, имате должност да бидете гласни, борбени, активни, да предлагате, да дебатирате, да анализирате и да критикувате во рамките на сите организации каде учествувате, без разлика дали е тоа родителски или станарски совет, компанија, здружение, партија, невладина… 

Некои битки ќе ги добиете, некои ќе ги изгубите, но со секоја мала граѓанска победа, земјата ќе расте.

Е, затоа не сакам да заминам. 

Оти јас верувам! Јас, да и покрај сѐ верувам во мали и во големи победи, верувам дека оваа земја може да биде пристојно место за живеење.

Има оваа земја луѓе кои не зависат од тоа кој е на власт, луѓе кои се чесни, докажани професионалци, успешни и реализирани, луѓе кои и без функции се имиња не само дома, туку и во светски рамки, луѓе – наша заедничка гордост и тие луѓе, без разлика на нивните можеби различни погледи на светот, имаат обврска да се сплотат и да помогнат на сопствената земја секогаш кога таа крвави. Да поведат и да нудат решенија. Без ништо да бараат за возврат. 

Тоа е врвниот патриотизам, но тоа е и врвното постоење на секој човек како политичко животно. Таквите луѓе, јас ги нарекувам просветители и тие низ различни епохи, биле секогаш оние кои создавале.

На Македонија насушно и се потребни создатели, визионери, идеалисти – луѓе антиподи на овие евтини човечки творби, полни ем суета ем неспособност, ем алчност ем демагогија. 

Тие луѓе – сонца ги има во сите области, музика, литература, медиуми, академија, здравство, дипломатија, граѓански организации… 

Тие луѓе, дома, тие луѓе кои одбиваат да си одат и решиле да се борат против сѐ и секој што ги минира нивните заложби за достоинствен живот и демократски систем со функционални институции ја чувствуваат обврската.

Ним треба да им помогнат и нашинците низ светот.

Затоа не сакам да си заминам!

Затоа што ако сите си заминат – ќе ни отиде земјичката. 

За оваа земја луѓе давале животи, создавале и гинеле создавајќи и ние денес, при остварен сон за независна држава, немаме право да кренеме раце оти не навјасале група идиоти, што би рекол драгиот Ѓерѓ. 

Да децениска е маката, идиотите се менуваат, богами и се шират, но, оваа временска тридецениска отсечка сепак е ништо во историска перспектива, а низ призма на градење на демократија.

Драги граѓани, овие идиоти си ги знаеме. Многу добро.

 Битката со нив не е политичка, уште помалку партиска, нема таков терен и не гледам дека ќе го има во блиска иднина. Но, наша обврска е тој терен да го изградиме.

Затоа ни треба еволуција.

Не револуција, уште помалку партиска или политичка, ни црна, ни бела, ни шарена – ни треба просто една еволуција на свеста и на совеста, еволуција на вистинското граѓанство, еволуција на културата и на идеалите.  

Затоа, не сакам да си заминам!

Оти, на секое враќање, кога ќе се качам на Водно, кога ќе седнам на пастрмка во Радожда, или на чај во Чаршија, кога ќе седнам пред езерото во Охрид на зајдисонце или ќе изедам една пастрмалија во Штип, кога ќе ја погледнам Шара од прозорец или ќе прошетам по Широк сокак, кога ќе сварам ориз кочански или ќе соберам капини во Маврово, кога ќе дишам со полни гради во Преспа или ќе се искачам на Трескавец – ќе си замижам и ќе си речам  – колку е убаво!

Е затоа не сакам и нема да си заминам!

Оти ме боли. 

Оти ми е дома. 

Оти верувам и ќе се борам!

Оти, некој мора и да остане!

П. С: За крај, повелете мал извадок од моето интервју со Конрад направено во 2017, точно тогаш кога требаше да предупреди:

Верувате ли во моќта на револуцијата?

– Револуцијата е секогаш вештачка креација, спротивна на еволуција. Не сум револуционер, оти, знаете – тие што се победници во револуцијата, на крајот ќе ја повторат позицијата на тие кои се губитници. Стануваат едно исто.

Во спомен на Ѓерѓ Конрад (1933 – 2019)

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here