Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајк утре, 12 октомври, од 11 до 17 часот и не се точни информациите дека штрајкот е ставен во мирување, информира за Солуција претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.
Во тек на штрајкот што ССКЛ го најави поради „непрофесионално однесување на директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“ во најавениот термин нема да се опслужуваат воздухоплови на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Синдикатот денеска ќе го извести Еуроконтрол дека утре од 11 до 17 часот стапуваат во штрајк, а за одлуката, веќе била известена Унијата на синдикати на контролата на летање на Европа.
Тасевски укажува дека дезинформациите за наводна постигната спогодба поради која се става штрајкот во мирување ќе ги доведат во забуна патниците и авиокомпаниите, како и непотребен хаос при планирањето на летовите.
„Информациите кои беа испратени во текот на вчерашниот ден од страна на УО на М-НАВ, како што известија одредени медиуми, дека се прифатени барањата на ССКЛ и дека е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12.10.2023 година во мирување се тотална невистина и дезинформација на јавноста која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови“, вели Тасевски.

Тасевски и вчера изјави дека нема промена во одлуката за штрајк и оти по завчерашната средба со УО ветувањата од директорите резултирале со текст кој не соодветствувал со договореното.
„Доколку не го променат како договорни обврски кои ги преземаат и се согласуваат да ги реализираат, остануваме на одлуката за штрајк во четврток“, рече Тасевски.
Од М-НАВ, пак, рекоа дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата , бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.
„Договорено е роковите за пријавување кандидати за вработување да траат миниум 10 работни дена и соодветно да бидат информирани и членовите на синдикалните претставници, како и дека ќе се даде приоритет на неопходни вработувања на оперативниот персонал, како контролори на летање, инженери и техничари. Исто така, договорено е да се зголеми сумата за јавната набавка за консултантски услуги за анализа на систематизација на работните места, а рокот за пријавување да биде 15 работни дена. Исполнети се и барањата за реновирање на просториите на М-НАВ, односно да бидат активно вклучени во активностите, како и да се забрза целиот процес за отпочнување на тендерската постапка за што е издаден налог на вработените од секторот за воздухопловна навигација и Секторот за воздухопловна техника да изготват техничка спецификација. Проблемот со водоснабдувањето веќе е саниран, а преземени се дополнителни мерки за конечно решавање“, изјавија за МИА од Секторот за односи со јавност во М-НАВ.
Тасевски: Директорот сакаше да не’ измами
На ова, Тасевски одговара дека Синдикатот открил обид за измама од претседателот на УО на МНАВ, Фахрудин Хамиди.
Во записникот од преговорите со Синдикатот, кој требало да биде основа за итна изработка на интерен акт, правилник, со сите барања на Синдикатот почнувајќи од стопирањето на партиските вработувања, директорот Фахрудин Хамиди кај вработувањата уфрлил термин „и оперативен персонал“.
„Таков термин не постои. Нема таква дефиниција. Има сменски или несменски персонал, контролори на летање и слично. Ова е двосмислен термин за да се вработат уште партиски и роднинско-пријателски кадри, дури и додека преговараме за барањата на контролорите на летање. “, вели Тасевски.
Тој додава дека Синдикатот има сознанија оти за едниот од претходните двајца директори Министерството за финансии веќе дало одобрение за да биде вработен во секторот за финансии во МНАВ, само таа одлука овде се крие.
„Потоа, шемата е позната, преку ноќ ќе го префрлат кај нас во Контрола на летање, за најмалку 500 евра поголема плата. Како што прават со тие што ги вработуваат како чувари.“, вели револтирано Тасевски.
Според него во УО на МНАВ во моментов владее разединување. Новите двајца директори што го затекнале хаосот, сега се во ситуација да гледаат како повеќегодишниот директор и претседател на УО Фахрудин Хамиди, ги испорачува ветените партиски вработувања.
„Новите двајца директори се поставени во последните 2-3 месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат создавајќи проблеми и за фирмата, но и за новите двајца колеги. Додека едните ни ветуваат професионализам и подобрување на состојбата во М-НАВ, претседателот на МНАВ Фахрудин Хамиди, доставува нови барања за вработување на непотребни лица, во служби во кои веќе има превработеност, а сè тоа зад грбот на другите двајца директори кои на состанокот кој што беше одржан на 09.10.2023 година се изјаснија дека не се запознаени со таквите барања за вработување“, тврди Тасевски.
Од ССКЛ бараат да се направи студија од странска реномирана консултантска куќа за тоа колку и какви кадри му се потребни на МНАВ како претпријатие, а дотогаш да се вработуваат само инженери, контролори и техничари.
Струковиот синдикат на контролори на летање доби поддршка за штрајкот и од Здружението на контролори на летање.