Штрајк на контролорите на летање сепак ќе нема – по неколкучасовни преговори договорено е со Бочварски да им се исполнат барањата

Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, за „Солуција“ изјави дека договорено е сите барања на Синдикатот да  бидат  остварени  до крајот на месецот,  а Бочварски ветил дека тој лично ќе го надгледува нивното реализирање.

Штрајк на контролорите на летање утре сепак нема да има. По неколкучасовни  преговори во Министерството за транспорт и врски со  министерот Благој Бочварски, Синдикатот на контролори на летање и тројцата директори на МНАВ постигнаа договор закажаниот штрајк од шест часа за 12 октомври да биде ставен во мирување.  Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, за „Солуција“ изјави дека договорено е сите барања на Синдикатот да  бидат  остварени  до крајот на месецот,  Бочварски ветил дека тој лично ќе го надгледува нивното реализирање.

„Од барањата, најважното е огласите за вработување да не траат само три дена како досега, за да ги видат само наместените партиски кадри, туку минимум 10 дена, за да може да ги видат сите и да се пријават непартиски кандидати со соодветно образование. Натаму, вработувања во помошните служби во МНАВ да нема без знаење и надзор од контролорите на летање, односно од нашиот Синдикат. Да се распише тендер за независна експертска куќа која ќе направи анализа во МНАВ колку вработувања ѝ се потребни и со какво образование, зашто таму има превработеност и се вработува сè и сешто, највеќе од партии, но и од роднини и пријатели. Прераспоредувањето на новопримените во иднина да биде со знаење на контролорите на летање, за да се престане со вработување на чувари и по еден ден работен стаж, да се префрлаат во контрола на летање со плус 500 евра плата. Да се обезбедат нормални услови за работа, бидејќи контролорите немаат каде да вршат нужда. Вода подолго време или нема воопшто, или е со слаб притисок, поради што постои ризик тие да се заразат на работа.“, вели Тасевски.

„Драго ми е што после повеќечасовни преговори во Министерството за транспорт и врски со менаџментот на МНАВ и Синдикатот при МНАВ (ССКЛ), донесовме заклучоци да дадеме сериозен пристап и простор за надминување на сите отворени прашања меѓу синдикатот и менаџментот. Се согласуваме дека воздушниот сообраќај во ова време не смее да трпи и поради тоа најдовме заедничко решение штрајкот да биде одложен. Во меѓувреме, продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на преземените обврски од двете страни. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на МНАВ стои на ставот за спроведување на барањата на Синдикатот“, соопшти доцна вечерва министерот Бочварски на својата Фејсбук страница.

Во преговорите, Синдикатот попуштил само за две неопходни вработувања,  метеоролог, бидејќи немало таков профил и преведувач на албански, поради законска обврска на МНАВ.

За вработувањето на еден од претходните директори на МНАВ.  за кого веќе имало одобрение од Министерството за финансии, оглас нема да смее да се распише. Така било договорено на неколкучасовните  преговори.

Од групата од 8-9 луѓе што директорот Фахрудин Хамиди сакал да ја протне тајно додека траат преговорите за штрајкот, ќе има оглас само за инженери и техничари, другото отпаѓа, вели Тасевски.

Штрајкот беше најавен за 12 октомври од 11 до 17 часот, а контролорите беа обединети во одлуката шест часа да нема ни полетувања ни слетувања на авиони од двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, како ни контролирање на прелетите на небото над Македонија, освен на оние за хуманитарна помош.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here