„Што ви дишат децата?“, прашаа граѓаните на протестниот марш против загадениот воздух

Децении ветувања, стратегии, акциски планови...а Скопје е сѐ уште еден од најзагадените градови во светот, заедно со уште неколку градови во Македонија. Граѓаните по којзнае кој пат, организирани од еколошките здруженија и граѓански платформи излегоа на протестен марш да кажат дека веќе е „12 и 5“ за решавање на овој проблем.

„Сакаме да дишеме“, „Што ви дишат децата?“, „Уа за апатијата“…беа само дел од слоганите на протестниот марш против загадениот воздух што се одржа попладнево во Скопје. Во организација на „Зелен хуман град“, а поддржан од уште неколку еколошки здруженија и политички платформи застапени и во локалната власт, маршот собра неколку стотици граѓани коишто го искажаа својот револт против нерешавањето на проблемот со загадениот воздух во Скопје и другите македонски градови.

„Се собравме денеска за да кажеме дека се бориме за здив, се бориме за да дишеме. Се собравме поради петте илјади жртви што секоја година ги зема загадениот воздух во Македонија, поради едно од девет новороденчиња што умира поради загадениот воздух. Со години се бориме, укажуваме, апелираме, предлагаме мерки, но ниедна политичка гарнитура досега не направи ништо сериозно за да го решиме проблемот со загадувањето. Имаме доставено предлог мерки базирани на наука, до ресорното министерство, Собранието, Владата, локалните власти… ништо досега не е прифатено.“, рече Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“, иницијатор и предводник на маршот.

Тој додаде и дека секоја година илјадници луѓе заминуваат од земјава меѓу другото и поради загадениот воздух.

„Се претвораме во еколошки емигранти, ја уништуваме иднината на нашите деца. Ако ова не ни е прво на листата на приоритети, зарем има поголем проблем за сите нас. Па сите го дишеме овој воздух, и политичарите што треба да донесат одлуки, и нивните деца и внуци!“, истакна Јовановски.

Јовановски, воедно и креаторот на апликацијата „МојВоздух, на лице место го измери аерозагадувањето, кое изнесуваше над 4 пати повеќе од безбедната граница. „Каде се мерките што требаше да нѐ спасат од ова загадување? Мора да се чукнеме во главата, бидејќи веќе со децении ни ветуваат и едните, и другите, и третите, и четвртите – дека воздухот ќе го решат. Но, ништо немаме видено! Ако треба и наредните 10 години јас ќе викам. Воздухот е основно човеково право. Сакам јас да дишам чист воздух, моите родители и моите идни деца“, посочи Јовановски.

Јане Димески, еко-активист и советник од иницијативата Шанса за Центар, посочи дека многу премиери, министри и градоначалници ја имаат кажано фразата „немаме магично стапче да го решиме загадувањето“.

„Сите знаеме дека лажат. Има магично стапче, а тоа се вика Буџет на Република Македонија. Над 6 милијарди евра ќе вреди буџетот за идната година, а во него пари за загадувањето – нема! Магијата на буџетот е за други резервирана, за тендери за набавка на нафта од нивните другари. Над 700 јавни институции во Македонија секоја година трошат над 20 милиони евра за да се загреат и да го загадат воздухот. Значи, тие што треба да нѐ штитат, да го овозможат уставното право на чиста животна средина – тие нѐ трујат со наши пари“, рече Димески пред насобраните граѓани.

Според него, во групата институции што загадуваат со нафта или мазут се разни јавни објекти, училишта, градинки, јавни претпријатија.

„Во тие 5.100 ноќи од 2011-та па навака, никој не си ја сработил домашната работа од институциите. Никој! Така што, само овде во Скопје, скопските општини и болниците во градот, како и секоја зима, за да се загреат горат над 2 милиони литри нафта“, забележа еко-активистот, посочувајќи го апсурдот и дека една од институциите што загадува со нафта е и Клиниката за белодробни заболувања за деца во Козле.
Протестниот марш тргна од пред зградата на Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието и заврши пред Владата.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here