„Солуција“ ќе бара решенија заедно со младите: со проактивност и упорност во „борбата против ветерници“

Младите се незадоволни и разочарани поради клиентелизмот и корупцијата што владеат на секој чекор, и многу тешко е да се мотивираат да се борат за систем базиран на квалитет и знаење, за на крајот да не ја напуштат државата. Сепак поедините добиени битки во „борбата против ветерниците“ даваат надеж дека не е се' загубено и дека мора со истрајност и проактивност да се бориме за здраво општество, истакнаа претставници на младинските организации на вчерашната неформална средба со претседателот на „Солуција“, Никола Димитров.

Младите во Македонија се доста разочарани од актуелните состојби во општеството, свесни се за партизацијата, клиентелизмот и корупцијата како најголеми пречки за изградба на здрав и демократски систем базиран на индивидуален квалитет и знаење, но сепак постои искра надеж дека не е се’ загубено. Проблеми има безброј, но со проактивност и заедничко дејствување, а не со апатија и кревање раце во немоќ, може да се направат промени.

Ова би можел да е генералниот заклучок од средбата со 20-тина претставници на неколку младински организации и младински активисти што претседателот на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, Никола Димитров, ја одржа вчера во просториите на центарот.

Димитров и пред младите го повтори својот став  дека во образованието, здравството, правосудството  и останатите столбови на општеството владее систем базиран на послушност и лојалност кон партијата што обезбедила вработување,  и дека мора да направиме систем што ќе го препознава квалитетот и компетенциите.

„Недозволиво е од партија да зависи кој ќе биде директор на градинка или училиште, кој ќе биде вработен како лекар или наставник. Партизацијата е главниот виновник за ерозијата во сите сегменти на општеството. Младите луѓе мора да имаат еднакви шанси, без разлика на нивната политичка или било каква друга припадност или неприпадност.“, рече Димитров.

Поединечните проблесоци во општото сивило да бидат мотив и инспирација

Младите искажаа незадоволство поради клиентелизмот и непотизмот што владее на секој чекор, со констатација на еден од присутните дека во својот круг на луѓе со коишто комуницира, може да забележи дека повеќе речиси никој и не праќа апликации за работни места во државните институции, на централно или локално ниво.

„Едноставно, никој не сака да биде само декор на конкурс што е јавна тајна дека е наместен и дека ќе биде избран кандидатот што го протежира оваа или онаа партија“.

Споделени беа и лични искуства што само го поткрепуваат погоре кажаното, од типот работа на млад лекар без плата во здравствен сектор со години, без извесност дека нешто ќе се промени, додека постојано вработување добиваат „деца со звучни презимиња“ или со партиска книшка .  Или пак, искуствата за “борбата со ветерници“ на средношколците чиишто иницијативи за  укинување на одредени дискриминирачки одредби во постојните регулативи необјасниво заглавуваат во бирократските лавиринти на законодавната и извршната власт.

Сепак, поранешен висок претставник во студентските тела искажа мислење дека, и покрај сите спомнати негативности,  нештата не мора секогаш да бидат така црни и дека за позитивни промени во системот младите мора да пројавуваат иницијативи и упорно да се борат за нивно спроведување.

„Ние како студентско тело при најголемиот државен универзитет поднесовме неколку иницијативи во насока на подобрување на студентскиот стандард, што беа усвоени од ресорното министерство. Без никакви врски, без партиска поддршка, најодговорно тврдам дека успеавме сами да ги истуркаме работите. Во ред, нека биде дека одредени иницијативи се усвојуваат само поради прибирање гласови пред избори, а не поради искрена грижа на надлежните за потребите на младите; дека кредитот за постигнување одредена придобивка обично го земаат институциите, а не иницијаторите; но, како и да е, ако ние на крајот ја постигнеме својата цел, сето ова не е воопшто важно“.

Своевиден заклучок од неформалната средба, на којашто, патем, беа искажани мошне искрени согледувања за состојбите во општеството од повеќемина претставници на младинскиот сектор во земјава, би бил дека надеж не смее да се губи и мора секој, пред се себеси индивидуално да се вложи, а потоа и преку заедничко организирање, да се прават мноштво мали чекори и поединечни успеси на патот кон остварување на големата цел: демократска и просперитетна држава на еднакви, слободни, информирани и гласни граѓани во која владее правото.

Инаку, на средбата во “Солуција“ учествуваа претставници на Клуб Алпбах Македонија, Универзитетско студентско собрание – УКИМ, Клуб на Млади Лекари, Асоцијацијата на Обединетите нации во Македонија – МУНА, Младите Можат,  Младинскиот сојуз Крушево, Global Shapers Skopje Hub и  Млади европски амбасадори.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here