Контроверзниот скопски бизнисмен, поранешен висок функционер на СДСМ и во поново време основач на минорната радикална партија „Десна“, Љупчо Палевски – Палчо, е организатор и извршител на двете убиства, на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција.
Палевски, според сознанијата на истрагата побегнал заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа заминал во Бугарија. За Палевски ќе биде распишана меѓународна потерница. Неговиот адвокат, Васко Стојков, во меѓувреме за Телма изјави дека го однел Палевски во Белград со сопствено возило мислејќи дека му прави услуга, оти неговиот клиент наводно имал закажано лекарски прегледи и дека воопшто не знаел дека е одговорен за убиствата.

„Ќе сторам сè за овој монструм штом стапне на наше тло да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со главниот обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.
Во истражниот затвор во Скопје во моментов се уште три осомничени лица, штипјаните Влатко Кешишов и Велибор Манев, како и Боре Видевски од Велес. Според изнесените информации на прес-конференцијата, тројцата ги соопштиле сите детали за она што се случувало во последниве две недели, а по еден од нив бил и сведок на убиствата.
Таткото на 14-годишната Вања, Александар, е петтоосомничен, но засега за него нема доволно докази за тоа во која мера бил вмешан во целиот случај, во однос на убиството на неговата ќерка. Од она што го кажале осомничените, тој им давал информации на останатите за тоа каде и кога излегува неговата ќерка за на училиште и дека токму тој ден, на 27 ноември, ќе оди на училиште сама, без нејзината помала сестра, која го губела првиот час во ОУ „Песталоци“.
Ученичката од 9 одделение, Вања, според изјавите на Спасовски, била грабната во влезот од зградата каде што живее, околу 7.30 часот изутрина на 27 ноември, односно минатиот понеделник.
Таа е земена со возило „Цитроен“, во сопственост на исчезнатиот, а сега пронајден починат велешанец Панче Жежовски. Заедно со цитроенот, се движело уште едно возило – „Рено кангу“. Првично приведените сопственици на ова возило подоцна биле пуштени на слобода, откако дале изјава дека автомобилот го дале на користење на партијата. Инаку, станува збор за партијата „Трета“, со која се поврзуваат првите четворица осомничени, а со која раководи Палевски.
Возилото „Цитроен“ било запалено во скопското село Бразда, истиот ден кога е грабната Вања, на 27 ноември. Девојчето, само 2,5 часа откако било грабнато, според предистрагата, било убиено со пиштол и потоа закопано, исто така во близина на селото Бразда. Оружјето сè уште не е пронајдено.
Вчера, во близина на Велес, најдено било и закопаното тело на берберот Панче Жежовски. И тој бил убиен истиот ден кога бил пријавен за исчезнат, неколку дена пред убиството на девојчето.
Осомничените кои сега се во истражниот затвор ја одвеле полицијата до точните локации каде што биле закопани телата.
„За сето ова обезбедени се материјални докази и од ова бегање нема“, рече Бубевски.
Мотивот за двете убиства, како што соопштија Спасовски и Бубевски е користољубие, односно едно од лицата во договор и со знаење на член на семејството, односно таткото, го организирале извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката, од која сите инволвирани би имале материјална корист.
Велешанецот Панче Жежовски не бил директно поврзан со девојчето, но и неговото убиство, според истражните органи, е поради нерасчистени односи со еден од осомничените. Тој е убиен, а потоа му се одзема колата „Цитроен“ и со истата се грабнува Вања, неколку дена подоцна. Спасовски рече дека ова возило воопшто не се движело во периодот од 22 до 27 ноември и за првпат е забележано на камерите на „Сејф сити“ во Скопје токму дента кога исчезнува девојчето.
„Во просториите на Основното јавно обвинителство се испитани тројца. Од сите тројца имаме признание за целокупниот ангажман кој какви дејствија презел и кој за што бил задолжен. Од цело ова можеше да се дефинира дека истите извршиле грабнување кои се поврзани со користољубие. Тие имаат извршено и две кривични дела – убиства“, рече Бубевски.
Она што останува нејасно е зошто девојчето било убиено само 2,5 часа по нејзиното исчезнување, а во меѓувреме не биле побарани пари за откуп. За ова, прецизен одговор немаше ниту Бубевски.
„Нивните укажувања се дека веќе настанала некаква паника заради тоа што јавноста била целосно ангажирана во пронаоѓање на девојчето и едниот решил парите да ги бара подоцона, откако ќе го ликвидира детето. Нивната верзија е таа“, рече Бубевски.
Сè уште останува нејасна и улогата на таткото во целиот случај, за кого не е определена мерка притвор. Она што е јасно за истражните органи е дека мајката нема никаква поврзаност со монструозниот настан.
Двајца од осомничените, според Бубевски, навеле дека информации во однос на позициите на детето – кога ќе излегува од дома – дознале од таткото и тоа е единственото нешто што сега ја насочува истрагата и кон него.
Како мотив за целото ова, се посочува наводно продаден стан од страна на мајката, кој бил предмет на евентуална изнуда.
За случајот, според Спасовски, се одземени мобилни телефони, компјутери, возила и други предмети, извршени се бројни разговори со семејствата познаниците, пријателите, а неколку стотина полициски службеници работеле на овие случаи.
„Станува збор за инцидентен случај организиран од бандити, од монструми кои сакале да извлечат финансиска корист“, рече Спасовски.