Контролорите на летање обединети во барањата до МНАВ, и покрај личните напади врз претседателот на струковиот синдикат Тасевски

Здружението на контролорите на летање на Македонија денеска јавно ги поддржа барањата на синдикатот на фелата за департизација на МНАВ и за подобри услови за работа.

Во однос на тековните случувања и најавениот штрајк на 12 октомври, организиран од страна на ССКЛ – Струковиот Синдикат на Контролорите на летање, членството на Здружението на Контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска преку соопштение кажа дека дава целосна поддршка на барањата на Синдикатот, кои се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.

„Здружението се стреми кон постојано унапредување на условите за работа, правично и ефективно распределување на човечките ресурси, хармонизација на меѓучовечките односи во работната средина, како и за професионално и квалитетно извршување на работните задачи на контролорите и помошниците контролори на летање“, предупредува на истите работи и Здружението на контролори на летање.

Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните нивни континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Македонија и регионот. Последната година и пол, тие праќале бројни дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работат, велат од Здружението, се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија.

„Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање работиме во супстандардни услови 24/7, со речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, за ладење и греење кои не се сервисирани долги години, со недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје. И покрај сето горенаведено, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди“, остро реагираат и денеска контролорите на летање, преку своето Здружение.

Како Синдикатот, и Здружението предупредува на престар и заостанат систем за контролата на летовите.

„Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа“, велат членовите.

Здружението бара раководството да престане со лични напади кон поединци меѓу штрајкувачите и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците-контролори на летање, а и кон сите останати професионалци и оперативен персонал.

„Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство“, вели Здружението на контролори на летање на Македонија.

Да потсетиме, вчера претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски, најави штрајк на контролорите на летање за 12 октомври, поради како што рече, „наталожените проблеми од раководството на МНАВ, лошите услови за работа и наместените огласи.“

„Најостро реагираме на досегашните неправилности во професионалниот дел – начинот на селекција, прераспоредувањето на портири преку ноќ во Контрола на летање, како советници, потоа, измислени работни места во Одделот за човечки ресурси, итн.“, изјави за „Солуција“ Тасевски.

Од раководството на МНАВ реагираа дека штрајкот „е лична иницијатива за свои интереси од претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, додека другите вработени наводно не биле консултирани за неговите изјави и постапки  кои според свои интереси  ги злоупотребувал и според тоа прави штета на М-Нав.“

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here