Оливера Аризанова, актерка: Политички поставените директори ни ги уништуваат театрите

Неопходно е ослободување во сите аспекти на културата, ослободување на затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспарентноста. Мора да се донесат строги критериуми ( не општи како до сега) според кои ќе бидат бирани директорите, јавна презентација на нивниот план и програма за работа и развој на институцијата . Така и комисијата и јавноста ќе имаат увид за кого се работи.

Оливера Аризанова, од Струмичкиот театар гласно зборува за еден суштински проблем на македонските актери  -директори кои немаат ниту програма, ниту визија за развој на институциите со кои раководат, а најчесто немаат ниту врска со самата култура, но го имаат она најважното – партиска книшка. 

Почитувани читатели, оваа рубрика ви е посветена вам – да си ги споделите проблемите што ги имате со институциите и системот, во вашиот личен живот или во професијата.

Еден од главните проблеми со кои се соочува струмичкиот театар е начинот на поставување на директори. Но, ова не е проблем само за Струмица, туку проблемот е системски. Објаснете ни за тоа. 

Струмица за жал не е изолиран случај во начинот на водење т.е. поставување на директори на културните институции во Македонија, такви се случаевите во тетовски културен центар, турски театар, кумановки театар, охридски…. само што струмичките актери решија да го прекинат молкот и гласно да се спротивстават на таквите практики. Во државата скоро и да нема институција од културата, во која, на челно место нема поставено личност која не одговара на посебните услови кои треба директорот да ги исполнува според Закон и Статут на институциите.

И бидејќи владејачката партија нема човечки ресурси од нивните редови да ги покрие сите  расположливи места, прибегнува кон еден софистициран начин на преземање на институциите под партиска контрола. Конкретно за Струмичкиот случај: Во 2019г. Управниот одбор на предлог на в.д. директорот ( поставуван од страна на Мин. за кул. 6 пати), го менува Членот 14 точка 3 од Статутот на НУЦК „Антон Панов„ (арх. бр. 02-138), во која освен општествени науки за потребно образование на кандидатите се наведени и уметничките науки, па за да одговара на нивниот кандидат, зборовите уметнички науки ги бришат и ги заменуваат со зборовите : хуманистички науки. Во 2020г. реагира и ДКСК кон Мин. за кул, во која се бара од Мин. за кул. да го почитува законот и да отвори оглас за директор, на кој, од пријавените тројца кандидати ( двајца со долгогодишно искуство во културата) Министерството за култура го одбра наставникот по фискултура без и еден ден работно искуство од областа.

Инициравме создавање на Иницијативата КУЛТУРА ИЛИ ФИСКУЛТУРА која ја подржаа повеќе од 300 уметници. Организиравме протести во Скопје и Струмица. Гостувавме во ТВ емисии, одржувавме прес конференции. Преку локалните парламентарци го претставивме нашиот проблем во собранието пред пратениците. Поднесувавме претставки, пишувавме писма и молби до странските амбасади, на крај остваривме и средба со претседателот Пендаровски. 

Немаше како да не го чујат нашиот глас, но сепак никој од нив не направи ништо за да се забрза процесот и да прекине агонијата.

Вие силно сте реагирале за овие практики. Колку се слуша вашиот глас?

Голготата во докажување на неправдата што ја направи министерството за култура спрема струмичките актери траеше 8 месеца, за тоа време ние ги алармиравме сите релевантни институции во земјата. Инициравме создавање на Иницијативата КУЛТУРА ИЛИ ФИСКУЛТУРА која ја подржаа повеќе од 300 уметници. Организиравме протести во Скопје и Струмица. Гостувавме во ТВ емисии, одржувавме прес конференции. Преку локалните парламентарци го претставивме нашиот проблем во собранието пред пратениците. Поднесувавме претставки, пишувавме писма и молби до странските амбасади, на крај остваривме и средба со претседателот Пендаровски. 

Немаше како да не го чујат нашиот глас, но сепак никој од нив не направи ништо за да се забрза процесот и прекине агонијата. На крај после 8 месечна борба правдата победи, но проблемот со поставување на директори не се промени. Министерката за култура веќе две години под ред ни поставува в.д. директори кои единствениот критериум што го исполнуваат е партиската книшка и избегнува да отвори оглас за избор на директор.

Колку и како ова влијае врз квалитетот на вашата работа како актер(к)и? Колку ве демотивира? Со какви тешкотии се соочувате?

Па со самото тоа дека директорите не се избрани на оглас ами се поставени, тие и не можат нешто посебно да направат во однос на квалитетна работа, прво затоа што немаат план и програма за развој на установата и вработените во неа. Работата во театар е комплексна, само по себе што театарската уметност ги содржи сите уметности во себе, значи дека од голема помош и олеснување во работата би ни било кога директорот би ја разбирал технологијата на правење на една театарска претстава. Би знаел дека кога ансамблот спрема комедија ( или детска претстава) не треба да носи гостувачка претстава на друг театар, ден – два пред премиера. Би знаел дека 10 дена пред премиера не треба да ја изнајмува салата на други субјекти зошто на тој начин ни ги зема термините за проба што пак од друг страна влијае врз квалитетот на претставата.

Недозволиво е да организира претстава, а да не ја извести јавноста дека на одреден датум ќе има театарска претстава, па актерите да се ставаат во ситуација да ја „рекламираат„ претставата и повикуваат публика. Или во ист термин да се организираат два различни настана. Таквите „пропусти“ нас актерите не’ чинат многу. Обично претставите се спремаат од месец и пол до два и поразително е  да после толку работа и спремање претставите се откажуваат заради немање на публика. И никој мува не го лази, никој не презема одговорност, се префрла топката кај некој од вработените и толку. Таквиот однос е доста фрустрирачки и демотивирачки, зашто  крајната награда за која живеат и творат актерите ја нема : аплаузот. 

Зошто е важно културата да биде ослободена од партиски стеги? 

Мешањето на централната власт и на политичките партии во работата на културните установи,  ја руши автономијата, ги крши професионалните норми на работа и води кон суштинско изумирање на институциите. Културата треба да има прогресивна општествена функција која ќе негува критичко размислување, и на тој начин треба да создава вредности. Ако ние 30 години се стремиме кон големо Европско семејство, тогаш зошто Министерството за култура и политичките чинители во Македонија не си „стојат на зборот„ и не ги следат начелата кои тие самите ги поставиле во Националната стратегија за култура 2018-2022 која вели:  Начело на националната стратегија е европеизација на културата во сите сегменти на дејствување, помагајќи да се изгради инклузивно, демократско и граѓанско општество во кое ќе дојдат до израз имагинацијата, иновацијата и продуктивноста на сите чинители во културата и со тоа да обезбедат достоинствен и исполнет живот на граѓаните.

Културата треба да ги брани темелните човекови права и демократија, слободата на културно истражување, изразување, на уметниците и културните актери да им овозможи слободно проценување на етичката одговорност на управувачите, културата треба да биде центар на развојните политики. Стратегиските принципи не можат да бидат реализирани доколку не се промени воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт која ја партизира културата задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност.

Што треба да се направи за тоа да се постигне? Кои се клучните чекори? 

Неопходно е ослободување во сите аспекти на културата, ослободување на затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспарентноста. За да се  нормализира културата требат системски измени. Тешките последици на партизацијата и неодговорното владеење можат да се  решат преку департизација и демократизација на културните процеси, враќање на професионалните стандарди во институциите. Како за прво време, мора да се донесат строги критериуми ( не општи како до сега) според кои ќе бидат бирани директорите, јавна презентација на нивниот план и програма за работа и развој  на институцијата . Така и комисијата и јавноста ќе имаат увид во стручноста и компетентноста на самите кандидати кои треба да управуваат со еден таков важен ресурс – културата.

Исконтактирајте го тимот на наши новинари на info@solucija.mk

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here