Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, мајката на бизнисменот Јордан Камчев- Ратка Камчева, како и неколку нивни компании се најновите имиња на црната листа на САД објавена попладнево.
Во одлуката на американското Mинистерство за финансии се наведува дека сите споменати лица и фирми се ставени на листата поради нивната тесна поврзаност со Јордан (Орце) Камчев, кој исто така беше ставен на „црната листа” во јули годинава, како и поради нивни коруптивни и незаконски активности.
„Овие постапки илустрираат како одредени елити имаат корист од корупцијата и ги поткопуваат државните институции на сметка на граѓаните на оваа земја. Соединетите Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, а денешната објава е потсетник дека фактот со кого соработувате може и да влијае на вас и на вашето семејство.“, изјавија од Амбасадата на САД денеска, по повод најновата одлука на нивната влада.
„Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат подобро“, велат на крајот во соопштението од Амбасадата.
Во образложението на одлуката се наведуваат и серија трансакции меѓу фирми на Самсоненко и Камчев- дел поврзани и со случајот „Плацови на Водно“. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се: заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“, „Систина лајф кер центер“.
Во јуни годинава, на листата санкционира од САД се најде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко поради негова вмешаност во значајна корупција. Еден месец подоцна следуваше и Јордан Камчев.
Во април 2022 година, Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица, на која се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
На листата која во четвртокот ја објави американското министерство за финансии се најдоа и голем број лица од други држави од регионот на Западниот Балкан кои се осомничени за корупција и соработка со Русија.