Владата на САД денеска го стави и македонскиот бизнисмен и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев на својата „црна листа“, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси.“, се вели во соопштение на американскиот Стејт департмент.
Денешната акција покажува дека САД ги поддржуваат сите оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери, се вели понатаму во соопштението.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.“, велат од Стејт департментот.
Свое обраќање до јавноста по повод оваа најнова одлука на американската влада имаше и американската амбасада во земјава.
„Денешното именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во целиот регион, без оглед на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите. Ќе следуваат повеќе вакви одлуки, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија.“, вели амбасадорката Анџела Агелер.