„Замисли“: Стоп за вработувања во здравството од партиски тефтерчиња

Готови се предлог измените на Законот за здравствена заштита со коишто треба конечно да се воведе меритократија при вработувањето на лекари и друг медицински персонал. Следи процес на нивно „туркање“ преку Министерството за здравство, Владата и Собранието за тие да станат дел од законската регулатива.

Граѓанската сила „Замисли“ денеска одржа брифинг со новинари и уредници каде што ги информиравме медиумите за нашата акција за измени на Законот за здравствена заштита, и воведување на меритократија во процесот на вработување на лекари.

На настанот говореа Никола Димитров, претседател на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Гоце Коцевски од  Македонското здружение на млади правници.

Важечката правна рамка со која што се уредува постапката за вработување на здравствени работници во јавните здравствени установи (ЈЗУ) им доверува широко дискреционо овластување на директорите при селекција на кандидатите кои ќе бидат избрани за вработување во установата.

Дискреционото овластување се состои во правото на директорите самостојно да спроведат интервју со кандидатите, предложени од Комисијата за селекција, и да изберат кандидат независно од ранг листата изработена од комисијата.

Досегашната практика во применување на овие широки дискрециони овластувања укажа на сериозни слабости на системот на вработување во ЈЗУ. Во голем број наврати не се избираат највисоко рангираните кандидати. Наместо нив се вработуваат здравствени работници кои се нашле подолу на ранг листата утврдена од Комисијата за селекција. Последиците од ова се погубни за здравствениот сектор, односно јавното здравство ги губи најквалитетните кадри во период кога тие стануваат дефицитарни. Со тоа се намалува  квалитетот на услугите во здравствениот  систем, и се намалува довербата на граѓаните во него.

„Замисли“  нуди препораки и предлага модел за ограничување на дискреционите овластувања при вработувањето кои во моментот ги имаат директорите на здравствените установи.

Претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, при презентација на препораките и моделот пред новинарите истакна дека „не може добрите кадри полесно да се вработат во Берлин или Љубљана отколку во Скопје и дека такви овластувања на директорите нема во ниеден друг сегмент од јавниот сектор“.

„Нашата цел е вистински луѓе на вистински места, а здравството е една од областите каде што квалитетот и стручноста никогаш не треба да бидат доведени во прашање. За промените во Законот за здравствена заштита се консултиравме со сите засегнати страни – Македонското лекарско здружение, Клуб на млади лекари, Здружение на специјализанти, истакнати лекари и универзитетски професори. На панел дискусијата што на оваа тема ја организиравме пред неколку месеци зборуваше и актуелниот министер за здравство, Арбен Таравари, којшто најави дека ќе ја отвори вратата за овие предлог решенија и во следната фаза, практично следи едно туркање преку Министерството за здравство, Владата и Собранието овие предлог решенија да станат дел од Законот за здравствена заштита“, рече Димитров.

Инаку, дел од поддржувачите на „Замисли“ активно работи со надлежните институции на лобирање за овие измени за коишто поддршка бараме и од целата јавност.

Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници ги објасни предлог измените:

„Тоа што ние го предлагаме не е ништо повеќе од она што веќе постои во другите институции од јавниот сектор, а тоа е пред сѐ јасно издвојување на процесот на селекција од процесот на избор. Процесот на селекција треба да го врши комисија во чија што независност и непристрасност никој нема да се сомнева – постојат повеќе модалитети за нејзино формирање, но битно е да не биде формирана само од страна на директорот, како што е сега. Предлагаме на директорот да му се ограничи дискреционото право, односно да биде обврзан да му го понуди работното место на оној кандидат што е прворангиран. Доколку не се согласува со одлуката на комисијата, да мора писмено да ја образложи својата одлука“, објасни Коцевски. 

Тој претстави уште неколку препораки за унапредување на правната рамка, како што е продолжување на рокот за пријавување на јавните огласи и нивно објавување и на веб страниците на Министерството за здравство, Лекарската комора и Агенцијата за вработување; При утврдувањето на бодовите од просекот од успехот што кандидатот го постигнал на медицинскиот факултет каде што студирал да се изврши пондерирање врз основа на последното објавено рангирање на високо образовните установи согласно Законот за високо образование; При процесот на селекција на кандидатот , покрај двата критериуми кои се уредени со ЗЗЗ (просекот и квалификацискиот испит) да се земе предвид и видот и должината на работното искуство на кандидатот што го има претходно и др.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here