Димитров учествуваше на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК во Прага

Меѓу другото, Димитров во рамки на своите разговори и дискусии за време на Форумот ја презентираше и мисијата и активностите на „Солуција“ и на „Замисли“, особено актуелната акција за воведување еднакви шанси за вработување на професионалците во јавното здравство.

Претседателот на „Солуција“ Никола Димитров деновиве беше учесник на 19-от по ред Глобален безбедносен форум (ГЛОБСЕК), една од најзначајните европски и светски конференции за политика и безбедност, што годинава се одржа во Прага.  

Димитров имаше средби  со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, државниот секретар за европски прашања на Шведска, Кристијан Даниелсон, државниот секретар во германското МНР Томас Бакер,  поранешните министри за надворешни работи на Словачка и Чешка, Корчок и Петричек, со европскиот специјален претставник за дијалогот Белград- Приштина Мироалав Лајчак , со француската парламентарка Лилиан Танги, како и со други истакнати учесници на Форумот.

„На панелите моите пораки беа дека ни треба комесар за проширување ‘тешкаш’, од земја која е пример за европските вредности, дека мора да се намалат можностите за блокирање на пристапниот процес, дека ни треба јасен сигнал дека проширувањето ќе се случи во рамките на следниот финансиски циклус на ЕУ, преку одвојување на фондови за идните членки. Бидејќи јасно е оти туѓата мака не боли толку и лесно се заборава, и на средбите и на панелите, ги потсетив учесниците на македонските премрежија со европскиот пат. Не смее да има форум без некој од нас да ја турка оваа агенда.”, рече Димитров.

Исто така, во разговорите тој ја презентираше и мисијата и активностите на „Солуција“ и на „Замисли“, особено актуелната акција за воведување еднакви шанси за вработување на професионалците во јавното здравство.

Глобалниот  безбедносен форум Братислава, како што е целосното име на настанот, од 2005 година го организира ГЛОБСЕК со седиште во словачката престолнина, и на едно место ги собира најзначајните актуелни и поранешни политички лидери од Европа и светот, како и истакнати луѓе од бизнисот, науката и граѓанскиот сектор, да дискутираат за предизвиците од повеќе домени: политика, безбедност, економија, екологија, итн. Годинава покровител на настанот беше чешкиот претседател Петр Павел, а присутни беа преку 1.500 учесници од повеќе од 70 земји.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here