Димитров на Делфи форумот: Потребна е директна понуда и сигнал од ЕУ за интеграцијата на регионот

Никола Димитров говорејќи денеска на панел-дискусија за европските перспективи на Западен Балкан порача дека целиот процес е како искачување на голема планина, како што рече, слична на онаа каде што се наоѓа грчкиот антички град Делфи, домаќин на форумот, но потенцираше и дека „не постои алтернатива за европската интеграција“.

Потребна е директна понуда од ЕУ, сигнал дека овој пат Унијата е сериозна за проширувањето со земјите од регионот, истакна поранешниот вицепремиер и поранешен шеф на дипломатијата, а сега претседател и ко-основач на Балкански центар за конструктивни политики „Солуција“ Никола Димитров за време на неговото учество на деветтиот Делфи економски форум што се одржува од 10 до 13 април во Грција.

Димитров говорејќи денеска на панел-дискусија за европските перспективи на Западен Балкан порача дека целиот процес е како искачување на голема планина, како што рече, слична на онаа каде што се наоѓа грчкиот антички град Делфи, домаќин на форумот, но и потенцираше дека „не постои алтернатива за европската интеграција“.

Посочи дека во целиот процес, и Европската Унија, но и земјите кандидати треба да си го завршат својот дел од работата.

„Мислам дека ќе биде паметно да се комплетира европскиот проект со земјите од регионот, како и со кандидатите земји Украина, Молдавија и Грузија. Ако не можеме да го направиме ова, европскиот глас во светот ќе стане послаб“, истакна Димитров на панелот насловен „Пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ: Од политичка неволност кон стратешка итност“.

Се осврна и на земјите од регионот што се веќе дел од Унијата, споменувајќи ја Грција и нејзината континуирана поддршка на европскиот пат, но и додаде дека „оние кои ќе имаат придобивка од ЕУ интеграцијата се нашите соседи“.

Панел дискусијата се одржуваше во салата „Лето“, именувана по божицата во грчката митологија, мајка на Аполон, на што се осврна и самиот Димитров, објаснувајќи дека етимологијата на името води кон грчкиот збор што значи „скриен, заборавен“ и поврзувајќи го со денешната тема коментираше дека „нашиот регион не е заборавен“.

„Трагедија ќе биде ако Европа е таму, а ние не сме, не можеме да си го дозволиме тоа“, истакна Димитров.

Успешен пример во регионот, со земја која ќе стане дел од Унијата, според претседателот на „Солуција“, ќе биде стимул и за останатите земји.

Меѓу учесниците беше и генералната секретарка за меѓународни економски прашања во грчкото МНР, Мајра Миројани, која ја повтори поддршката на Грција за земјите од регионот. На панелот учествуваа и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина, Лазар Команеску, генерален секретар на Организацијата за црноморска економска соработка (BSEC) со седиште во Истанбул и Топлица Спасојевиќ, претседател на ИТМ Систем од Србија.

Модератор на панел – дискусијата беше македонскиот новинар Назим Рашиди.

Делфи економскиот форум основан е во 2015 година во Атина, а своето прво издание го имаше во 2016 година. Форумот е еден од најзначајните настани од овој тип во регионот и пошироко, каде што се собираат истакнати претставници на политиката, бизнисот, науката и граѓанскиот сектор за да дискутираат за најгорливи теми како што се безбедност, климатски промени, финансии, итн.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here