Власта сака партиска контрола врз јавните набавки, граѓанскиот сектор со жестока реакција

Граѓанските организации сметаат дека се отвора патот да се распушти Државната комисија за жалби по јавни набавки и да се избере нова по мера на власта.

Фото: СДК.мк, К.Попов

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од група пратеници.

Во иднина, според предлог-законот во скратена постапка поднесена од 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки туку само ќе смее да прави административни проверки пред почеток на тендерот и да дава мислење за тендерските услови. Ова е најголемата суштинска промена во предлог законот за измена на законот за јавни набавки со која пратениците бараат одземање на ингеренции на Бирото за јавни набавки.

„Предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните ‘црвени знаменца’ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.“, велат од Платформата на граѓански организации.

Дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.

СО ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ КОРУПЦИЈАТА ЌЕ СЕ ЗАСИЛИ МЕСТО ДА СЕ СПРЕЧИ, АНТИКОРУПЦИСКАТА ПЛАТФОРМА БАРА СТОПИРАЊЕ НА ПОСТАПКАТА

„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.“, алармира граѓанскиот сектор.

Од Платформата додаваат и дека особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува  и ефективно да ја санкционира корупцијата.

„Воедно, при какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки, инсистираме да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите  надлежни институции како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика. Повторно укажуваме дека практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.“

Иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, е поднесена во Собранието по скратена постапка на 5 декември од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов. Предлог-измените веќе се најдоа на дневен ред на комисиите за финансирање и буџет, како и на 22. пленарна седница на Собранието.

Измените се предложени речиси во исто време кога во земјава беа приведени 23 лица за корупција во јавни набавки. И од Државната комисија за спречување на корупцијата се сериозно загрижени поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици. Тие посочуваат дека започнале со антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на законот, којашто е дел од заложбите за навремено утврдување на ризиците од корупција и судир на интереси во законодавството.

Според ДКСК, загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени. 

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here