Владата предложи смена на двајца од тројцата директори на М-НАВ, контролорите на летање го ставија најавениот штрајк во мирување

По бурните настани деновиве во М-НАВ - проблематичните конкурси за примање нов кадар и физичкиот напад врз вработен од страна на активисти на ДУИ - работите почнаа да се придвижуваат. Владата денеска разреши двајца од тројцата директори и членови на УО на М-НАВ, контролорите на летање го ставија најавениот штрајк во мирување до спроведувања на оваа одлука, а финансовата полиција влезе во институцијата и почна да го проверува работењето.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) го стави во мирување штрајкот што го најави за утре со целосно затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо. Оваа одлука на синдикатот доаѓа откако Владата денеска му препорача на Надзорниот одбор во Македонска навигација(М-НАВ) да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, и секторскиот извршен директор во М-НАВ, Љубе Стаменковски, а на нивно место да бидат именувани Хекуран Асани и Милан Кораќ. 

„Ова е придвижување на работите. Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк“, изјави Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.

Владата првично го предложи Илир Мехмеди за директор на местото на Фахрудин Хамиди, но набргу ја преиначи одлуката откако се утврди дека Мехмеди не поседувал валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, имал најмалку шестгодишно работно искуство како контролор, услови што се наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ. Новиот предложен кандидат Асани ги имал исполнето потребните услови.

За третиот директор и член на УО на МНАВ, Хасим Деари, Владата не предложи смена до НО на МНАВ. Неофицијално, образложението било дека Деари бил неодамна назначен на оваа позиција и дека не бил дел од проблемите во М-НАВ.

Смените во раководството на М-НАВ  Владата ги најави по инцидентот што се случи на 4 месецов со упад во оваа институција и напад на вработени, а претходно ССКЛ реагираше за спроведувањето на последниот оглас за вработување во М-НАВ од страна на раководството. Во меѓувреме, ССКЛ најави штрајк  и затворање на македонското небо за летови доколку директорите не си поднесат самите оставка или Владата не ги смени на првата седница после празниците.

Во М-НАВ од денеска проверки врши Управата за финансиска полиција, а  Основниот кривичен суд Скопје од утре ќе одлучува за жалбата на Јавното обвинителство во врска со одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here