Со европско знаменце владата ги поздрави функционерите – криминалци: изгласана де факто амнестија за најкрупните злоупотреби

Измените на Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги, ја разгневија јавноста, а опозицијата ги прогласи за скриена амнестија за криминалите на сегашната власт.

Без долга дискусија и без амандмани, Собранието вечерва експресно ги донесе спорните измени на Кривичниот законик (КЗ) со 48 гласа за, 36 против и еден воздржан.

Измените на Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги, ја разгневија јавноста, а опозицијата ги прогласи за скриена амнестија за криминалите на сегашната власт.

Ова значи дека сите лица за кои сега се водат судски постапки за овие дела, како и сите лица за кои пресудите се неправосилни и имаат жалби на повисоките судови ќе се спасат од кривичен прогон или ќе добијат многу помали казни од постоечките. Карактеристично е дека останатите измени кои се предложија, а кои се однесуваат, на пример,  на кривични дела врз животната средина, проширена конфискација и др., треба да стапат на сила шест месеци по донесувањето, а само овие спорни измени ќе стапат на сила деветтиот ден од излегувањето на измените во „Службен весник“.

Ќе куртулат ликови како Рашковски и  Мерко, а Груевски ќе се врати на голема врата

Корист од скандалозните законски измени ќе имаат поранешни  и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, односно ќе се спасат плејада на ликови со вакви дела од различни партии како Рамиз Мерко, Драги Рашковски, Никола Груевски и др.  Македонскиот устав иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. 

Законските измени во КЗ беа донесени екстремно брзо, за два дена, со европско знаменце, а власта ги бранеше со образложение дека се поврзани со директивите на ЕУ, односно целта е усогласување со европското законодавство.

Опозицијата пак, реагираше дека ова е уште една злоупотреба при носењето закони со европско знаменце, со цел да спаси свои функционери од кривичен прогон.

Индикативно е и што министерот за правда, Кренар Лога, не беше потпишан на проширената верзија на предлог измените на КЗ. Лога, којшто доаѓа инаку од Алијанса за Албанците,  кратко прокоментира за медиумите дека смета оти овие измени не се вистинско решение и поради тоа не ги потпишал тој, туку заменичката Викторија Аврамовска – Мадиќ, кадар на СДСМ.

Тројца пратеници од опозицијата на албанските партии денеска на заедничка прес конференција, уште пред да се изгласаат конечно измените, кажаа дека тие се прават за „што побргу да се врати во Скопје Никола Груевски, без трн во ногата“.

„Сите казни што му се изречени на Груевски и тие што може да следат, паѓаат во вода. За сите предмети во кои е осуден или му се суди во отсуство, тој може да бара повторување на постапката, додека со овие измени на КЗ сите предмети во тој случај ќе бидат прогласени за застарени. Па така на Груевски, евентуално, може да му се суди само за предметите ‘Тенк’ и ‘Насилство во Општина Центар’, кои не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години. А, со овие трикови и манипулации со правдата, како што знае само триото Ковачевски – Ахмети – Таравари, убедени сме дека ќе успеат да го спасат целосно, па дури и да му платат отштета и да го прогласат за херој.“, рече пратеникот Фадил Зендели од Движење Беса, во име и на своите колеги Мерита Колчи Коџаџику од Демократско движење и Сафије Садики Шаини од Алтернатива.

И граѓанскиот сектор со жестока реакција на измените во КЗ

Неколку невладини организации познати како „Блупринт група за реформи во правосудството“ исто така остро реагираа по повод експресно протнатите измени во КЗ од страна на владејачката коалиција.

„Предлозите за кои реагираме се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 ‘Злоупотреба на службена положба и овластување’ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 ‘Злосторничко здружување’ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години. Сметаме за потребно да посочиме дека последиците што можат да настанат од вакви интервенции во законот ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела.“, велат од Блупринт групата во којашто учествуваат Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за човекови права (ИЧП), Коалицијата „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншкиот комитет за човекови права и  Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Владата како аргументи за предложените измени, наведува дека е потребно усогласување на КЗ со меѓународни стандарди и посебно со актите на ЕУ. Меѓутоа, како што велат од Блупринт групата, во предлог текстот на законот, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето. Од достапните табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби.

„Измените во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.“, истакнуваат од Блупринт групата.

Димитров: Од нема правда нема мир, дојдовме до нема казна, нема одговорност

На својот ФБ профил реагираше и претседателот на Солуција и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров, којшто напиша дека „Владата во трчање предлага поблаги казни за злоупотреба на службена положба и овластување и злосторничко здружување преку измени на Кривичниот законик во постапка со европско знаменце, со што овие кривични дела ќе застаруваат побргу.“

„Значи ќе ја зацементираат неказнивоста со европско знаменце? Ваква злоупотреба на сѐ ‘европско’ ќе влезе во учебници! Измените се туркаат на мала врата, покрај други измени за кои се наведува основ во европски директиви, но во образложението за измените нема никакво објаснување за намалувањето на казните за овие две кривични дела. Од ‘нема правда нема мир’, дојдовме до ‘нема казна, нема одговорност’.“, напиша Димитров.

Тој додаде и дека „сржта на европските интеграции е пред сѐ воведување закон за сите и правда и одговорност дома.“

„Ако овде туркаме вистински и целосно, ќе бидеме многу поблиску до членството. Уште поважно, Македонија ќе стане подобра држава за граѓаните.  Во јуни 2018, Европскиот совет  потенцираше дека ова вреднување на напредокот треба да вклучи дополнителни опипливи и одржливи резултати, фокусирани посебно на судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни осуди за корупција и организиран криминал, вклучувајќи и на високо ниво. Во март 2020, кога донесоа позитивна одлука за отворање преговори па не можеа да ја спроведат поради Бугарија, ја задолжија Комисијата да мониторира дали ги исполнуваме условите од 2018. Правна разврска за случаите на СЈО беше услов за позитивната одлука. Со донесените измени на Кривичниот законик, сето ова паѓа во вода. Ќе си застарат случаите, и тие и поновите, и ќе си добиеме ново вето, овој пат, сосема оправдано. И нема да биде бугарско. Но, тоа веројатно нема да боли. Ќе си имаме ние поголеми грижи со пустошот дома. “, истакна Димитров.

Дали ќе се декриминализира делото злоупотреба при јавни набавки?!

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) дојде до документот со членовите на работната група што ги подготвила измените во КЗ. Таа брои 23 члена, претседател е академик Владо Камбовски, а формирана била за изготвување на новиот Кривичен законик во 2020 година. Професорот Камбовски не одговорил на повиците на ИРЛ. Тројца од членовите на работната група за ИРЛ потврдиле дека работеле на измените кои се однесуваат на кривичните дела кои се однесуваат на животната средина и на проширената конфискација, но измените кои се однесуваат на членовите 353 и 394 воопшто не биле ниту разгледувани. Минатиот месец, работната група била известена дека измените на кои работеле ќе се пратат до Собранието порано, но двата суштински члена со кои се скратуваат казните и кривичната одговорност ниту тогаш не им биле споменати.

Од тројцата членови со кои разговарале од ИРЛ, само професорката од Правниот факултет, Александра Деановска, прифатила да даде официјална изјава.

„Сo предложените измени на одделни службени кривични дела и за делото злосторничко здружување кои во моментов се во собраниска процедура, јас како член на работната група за подготовка на новиот Кривичен законик лично не сум запознаена. Единствените предложени измени во чија изработка сум учествувала се оние од нацртот на новиот Кривичен законик објавени на ЕНЕР во јули 2022 година. Во нацрт-верзијата од јули минатата година се ревидира делото од ставот 5 од членот 353 и се издвојува како дело во посебна одредба – Злоупотреба при јавни набавки“, вели професорката Деаноска.

Но, во предлог-измените што Владата ги достави до Собранието нема предвидено посебен член „Злоупотреба при јавни набавки“ со што останува отворено прашањето дали ова дело целосно ќе се декриминализира во иднина.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here