Советот на јавни обвинители по втор пат не ја избра обвинителката Ленче Ристоска, која беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје (ВЈО). Советот, исто така, не го избра ниту обвинителот Љубомир Лапе, којшто неодамна го отвори случајот „Феникс“ за наводните криминали во проектот „Скопје 2014“
И двајцата досега двапати конкурираа за унапредување во ВЈО и два пати не добија мнозинство гласови од членовите на Советот.
Советот ги избра за во ВЈО обвинителите Наташа Гоџовска, сестра на поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски и поранешниот обвинител од СЈО Артан Ајро, кој веќе беше унапреден во обвинител за организиран криминал. За унапредување во ВЈО отпаднаа и обвинителите со сложени предмети: Дарко Јакимовски, Наташа Сарамандова и други.
Во однос на неизборот на обвинителката Ленче Ристовска во ВЈО, претседателот на Советот Антонио Јолевски изјави дека немале можност да ги проверат резултатите од нејзиното работење и дека таа би можела да се јави и на конкурсот во септември. Јолевски дополни дека кај обвинителката Ристовска периодов има недостаток на работа по предмети.
Унапредениот Артан Ајро е еден од обвинителите кои добија кривична пријава од народниот правобранител Фехми Стафа за малверзации при конфискација на имотот на „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан од каде што во буџетот требаше да бидат вратени 17 милиони евра, но не се врати ниту денар.
Неговиот брат Дритан Ајро станал началник на МВР Струга додека е осуден на условна казна затвор, додека неговата сопруга Елеонора Ајро е судија во Управниот суд. За неа Антикорупциска има отворено предмет поврзан со нејзината обука во Академијата за судии и обвинители. Сестрата на екс министерот Тупанчевски, пак, Гоџоска, позната е по тоа што своевремено се откажа од случајот со малата Тамара Димовска која почина чекајќи лекување во Турција.
Гласните критики на Ристоска го „унапредија“ Кодексот со забранувачки член
Инаку, обвинителката Ленче Ристоска пред извесно време беше нападната од Советот на обвинители откако на научна конференција кажа дека ова тело е извор на тргување со влијание и треба да се реформира. Советот веднаш побара да биде активиран Етичкиот кодекс, каде што има член што забранува обвинителите да коментираат одлуки на Советот. Да потсетиме, спомнатиот член е донесен лани откако токму Ристоска јавно ја коментираше одлуката на Советот да гласа против нејзиното унапредување.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје во ексклузивна изјава за Солуција.мк коментираше дека на ниту еден орган не смее да му се даде право да ја ограничува слободата на говор на обвинителите.
Од ОБСЕ коментираа дека интегритетот и етичкото однесување на сите судски актери, особено на судиите и обвинителите е клучен за почитување на принципите на владеењето на правото. Но:
„Тие одредби не може да го загрозуваат правото на говор и слободата на изразување. Насоките на ООН за улогата на обвинителите, како и другите меѓународни стандарди признаваат дека обвинителите, како и сите други граѓани имаат право и на слобода на изразување, но и на здружување и собирање, имаат право да учествуваат во јавни дискусии за правни прашања, спроведување на правдата и промоција промоција и заштита на човековите права без притоа да бидат соочени со професионални ограничувања. Ниту еден орган не треба да има простор за да го ограничи користењето на овие слободи или да наметне дисциплински или други последици“, се вели во реакцијата на ОБСЕ.